Живееме здраво со Polleo Sport Фитнес

10 најчести заблуди за топењето масти

Напишано од Нино

Како што се наближува летото така нашите напори да се справиме со вишокот килограми и масти кои ја нарушуваат нашата фигура се зголемуваат. Токму затоа во овој период сме најподложни на прифаќање најразлични теории кои многу често се неточни, или во најмала рака непроверени. Во продолжение следат 10-те најчести заблуди за топењето масти кои можат да го нарушат вашиот план за враќање во форма.

1. „Таква ми е градбата, ова е мојот максимум“

Пред некое време објавив детално објаснување за разликите во телесната градба и како тие влијаат на процесот на елиминирање на вишокот масти и градење мускулна маса. За оние кои го пропуштиле, целиот текст со совети за вежбање според телесна градба ќе го најдат тука.

Накратко, спориот метаболизам и „тешките коски“ не можат да ве спречат во постигнувањето на фит форма. Математиката со калориите важи за сите – ако трошите повеќе калории од тие што ги внесувате резултатите се неизбежни. Разликата е во тоа што кај некои луѓе тие доаѓаат побрзо, а кај некои поспоро. Но, секогаш можете да го забрзате процесот со придржување кон соодветен план на исхрана и тренинг програма според вашата градба и цели.

2. Диетите не функционираат

Да, ригорозните диети кои едвај чекате да завршат не функционираат, односно нивниот ефект е краток. Но, не е проблемот кај диетите, туку кај нас самите. Нормално е да се фрлите на јадење веднаш откако ќе поминете процес на изгладнување. Па дури и кога диетата вклучува доволно храна, штом ќе видите значителни резултати можете да се сопнете на ставот „ок е,  се вратив во форма, можам да уживам во еден убав десерт“. И тоа е точно, можете, но проблемот е во тоа што овие излети стануваат навика и за кратко се враќате на старите навики, а со нив доаѓаат старите проблеми со вишокот масти и килограми.

Не го доживувајте планот на исхрана како диета, туку како нов начин на живот. Дозволете си од време на време по некое „забрането“ задоволство, но веднаш потоа вратете се на исхраната која што ве одржува во фит форма. И секако, не ја запоставувајте физичката активност.

заблуди за топењето масти - диети

3. Прескокнувањето на појадокот ве дебелее

Самото прескокнување на појадокот не предизвикува зголемување на процентот на масти или бројот на килограми. Напротив, воздржувањето од храна наутро може да ви помогне да се ослободите од нив. Но, проблемот е во тоа што ако го прескокнете појадокот, имате драстично поголем апетит до следниот оброк и поголеми се шансите да претерате со јадење.

Ако можете да го прескокнете, или барем да го одложите појадокот без да надокнадувате со дупло пообилен оброк за време на ручекот, ќе го натерате вашето тело да ја црпи енергијата за првиот дел од денот директно од вишокот масти.

4. Доцната вечера ве дебелее

Можеби ќе ве изненади што ова е една од големите заблуди за топењето масти, но навистина времето во кое што вечерате не е проблем, туку тоа што ќе го изедете за вечера. Голем дел од луѓето не можат да заспијат ако се гладни. Во моментот кога ќе се откажат од идејата да не вечераат, не ја бираат храната и така предизвикуваат таложење на масти.

Ако јадете умерено и изберете правилна храна, не само што нема да го сопрете процесот на топење масти, туку подобро ќе спиете и ќе го избегнете утринскиот апетит. Изберете храна која е богата со протеини и избегнувајте јаглехидрати. Можете да јадете урда, туна, омлет од белки од јајца, или да се напиете протеински шејк.

заблуди за топењето масти - вечера

5. Жолчките од јајцата ве дебелеат

Точно е дека жолчките од јајцата имаат висока содржина на масти, но тие се исто така богати со протеини, кои што меѓу другото помагаат во топењето масти. Далеку од тоа дека жолчките се извор на вашите проблеми со вишокот масти. Како и за сè друго, умереноста е клучот и во оваа ситуација. Не треба да претерувате со консумирање на жолчки, но не треба ни да ги фрлате и да се храните само со белки. Ако правите омлет од 4 јајца, вклучете 2 жолчки во оброкот.

6. Бананите ве дебелеат

Повторно, ако се држиме до правилото на умереност, бананите се многу здрава опција за меѓуоброк. Тие се богати со антиоксиданси, со растителни влакна, со витамини и со калиум. Лошиот глас ги бие заради тоа што содржат високо ниво на природни шеќери и можат да предизвикаат наталожување на масти ако се консумираат во големи количини, а не се трошат со доволно интензивна физичка активност. Јадете банани во умерени количини – додадете малку во вашиот прв оброк или изедете една пред тренинг и ќе забележите дека се одличен, здрав извор на енергија.

заблуди за топењето масти - бананите дебелеат

7. Путерот од кикирики е одличен избор за топење масти

Сигурен сум дека сте слушнале многу позитивни коментари за путерот од кикирики, особено кога е во прашање фитнес исхраната. Точно е дека тој е здрав избор за оброк, полн со протеини, но исто така содржи и значителна количина на масти. Јаткастите плодови се здрави и секогаш ги посочувам како одлична ужина, но бидете внимателни со количината што ја консумирате бидејќи ако претерате ќе внесете калории кои нема да можете да ги потрошите.

8. Магични таблетки за слабеење

Сите сакаме да видиме брзи резултати, но совршената фигура не доаѓа во шишенца со таблети кои ќе ги избришат сите штетни навики кои предизикуваат таложење на масти. Да не ме сфатите погрешно, во широката палета на фитнес суплементи ќе видите многу ефикасни производи за намалување на вишокот масти, но сите тие функционираат во комбинација со редовно вежбање. Не барајте скратен пат до здраво и фит тело. Фокусирајте се на правилна исхрана и тренинг програма и ќе ги добиете резултатите што ги посакувате.

заблуди за топењето масти - таблети за слабеење

9. Можете да ги стопите мастите на дел од телото по ваш избор

Ова е една од големите заблуди за топењето масти која што може да ве разочара ако сте убедени дека мастите ви се таложат само на еден дел од телото. Жал ми е, но не е возможно да изберете од каде вашето тело ќе почне да го троши вишокот. Постојат комбинации на вежби и цели тренинг програми за постигнување на вашата конкретна цел и со нив можете да влијаете на начинот на кој вашето тело ќе се обликува, но кога се работи за мастите само вашето тело има збор во тоа кои масти ќе почнат да исчезнуваат. И тоа е одлично, затоа што мастите не се секогаш лесно видливи – тие можат да бидат вешто скриени каде што не ги очекувате. Бидете истрајни во вашата цел и верувајте му на совршениот механизам на телото дека ќе се погрижи да ги подобри вашето здравје и форма.

10. Тренинзите во интервали со висок интензитет се најдобри

Тренинзите во интервали со висок интензитет (познати како HIIT тренинзи) се „ин“ веќе некое време. Идејата е топење на повеќе масти за пократко време преку кратки, експлозивни серии на вежби во комбинација со кратки периоди на опоравување. Многу фитнес ентузијасти ги прифаќаат и имаат одлични резултати, но оние кои не се физички подготвени за нив се ставаат во сериозен ризик доколку ги изведуваат без стручен надзор од персонален тренер. Брзите движења можат да предизвикаат вртоглавици, и уште полошо – повреди. Ако премногу се форсирате, можете да предизвикате и трошење на вашите мускули, т.е. обратен ефект од она што го посакувате.

заблуди за топењето масти - HIIT тренинзи

Не барајте решенија за кои сте слушнале или прочитале дека функционираат за други луѓе. Разменувајте знаења и искуства, но не заборавајте дека сите сме различни. Ако се водите слепо според туѓите искуства, големи се шансите да бидете разочарани затоа што нема да ги видите истите резултати. Следете го вашиот прогрес и на тој начин ќе видите што најдобро функционира за вас.

За авторот

Нино

Нино е алфа и омега за техничкиот дел, неговата работа е одржувањето на моторот кој го движи Friday. Кога не работи на Friday обично дизајнира сајтови во Why Not Communications, прописно навлечен на сите серии кои вклучуваат магии и змејови обожава кафе и музика. Доколку нешто не функционира на Friday како би требало или вашиот банер доцни со поставување тој е човекот кој би требало да го обвините :)