Храна

10 едноставни совети за правилна исхрана

Напишано од Пјер

Сите добро знаеме дека правилниот избор на храна игра огромна улога во одржувањето на здравјето и во целокупниот фитнес план. За жал, ова често го забораваме или пак не сме во можност да го применуваме. Но, ако ги поедноставите работите ќе ви биде многу полесно да се придржувате кон планот за правилна исхрана. Следат 10 едноставни совети кои лесно ќе ги запамтите и кон кои е лесно да се придржувате, а можат да направат голема разлика.

1. Одржувајте баланс

Вашата исхрана треба да има совршен баланс во однос на протеини, јаглехидрати и масти. Иако режимите со дефицит на јаглехидрати или масти се популарни, не е препорачливо да се придржувате кон нив долго време. Сè што треба да направите е да внимавате преку каква храна ќе ги внесете овие нутриенти.

2. Држете се до принципот на едноставност

Покрај сите реклами за здрава храна со кои се сретнуваме денес, понекогаш е тешко да направите разлика помеѓу она што е навистина добро за вас и она што само се рекламира како такво. Затоа најдобро е да се држите до основните нутриенти кои знаете дека се препорачливи за вас. Ако не ги разбирате состојките, не ја купувајте храната. Ќе се изненадите колку шеќер, сол, транс-масти и конзерванси ќе исклучите од исхраната на овој начин.

3. Одвикнете се од слатките пијалоци

Ако сте љубители на сокови, вашето тело секојдневно го „бомбардирате“ со непотребни, празни калории. Ова се однесува и на овошните сокови, кои често пати се полни со шеќери (освен ако не се свежо цедени). Подобро е да изедете еден плод овошје, или пак да пиете вода со лимон.

совети за правилна исхрана - лимонада

4. Планирајте ги оброците

Ова е најдобриот начин на кој можете да ги избегнете лошите избори кои ги правите со храната во текот на денот. Речиси е невозможно да се придржувате кон правилна исхрана ако редовно јадете надвор од дома. А со само малку вложено време навечер или наутро можете да подготвите оброци и ужини кои ќе му ги дадат на вашето тело потребните нутриенти.

5. Составете персонализиран план за правилна исхрана

Секој од нас има различни фитнес цели, но и потреби кои се менуваат со секој ден. Затоа е важно да имате листа на оброци кои ќе ви помогнат да заштедите време при изборот на храна. На тој начин, во деновите кога знаете дека ќе бидете поактивни и ќе ви треба повеќе физичка енергија, ќе можете да изберете храна која е побогата со јаглехидрати, и обратно – во физички пасивните денови ќе можете да се храните со полесни оброци базирани на протеини.

6. Уживајте во различните вкусови

Додавањето на зачини во храната може да направи огромна промена во вашата истрајност да се придржувате кон правилна исхрана. Експериментирајте со вкусовите, секој пат додавајте различни зачини во оброците. Освен тоа што овозможуваат да уживате во вкусна храна, зачините имаат и многу позитивни својства кои ќе го подобрат вашето здравје.

совети за правилна исхрана - зачини

7. Ослободете се од чувството на вина

Колку и да сте посветени на водењето здрав живот со правилна исхрана, има ситуации во кои навистина немате избор. Непланирано сте го поминале целиот ден надвор и единствениот избор кога сте биле гладни била пица? Сте биле на роденден каде што сте испиле многу калории? Тоа не значи дека сте направиле непоправлива штета. Вратете се веднаш на добрите навики и сè ќе биде во ред.

Интересно:  Фит дилема: Кој вид на протеин е најдобар за вас?

8. Никогаш не гладувајте

Лишувањето од храна не е дел од концепот правилна исхрана, а и никогаш нема да ви помогне да ги остварите вашите цели на долг рок. На вашето тело му се потребни нутриенти за да може правилно да функционира и затоа никогаш не треба да се изгладнувате. Избирајте храна која е здрава за вас и ќе ве држи сити подолго време.

9. Пијте многу вода

Ова е најверојатно најчестиот совет со кој се сретнувате, но верувајте ми дека е навистина многу важно да го хидрирате организмот. Покрај тоа што ви помага да го одржувате здравјето на органите, крвта и кожата, водата ви помага да се чувствувате сити и да не посегнувате по висококалорични ужини во текот на денот.

совети за правилна исхрана - вода

10. Следете ги знаците на телото

Вашето тело е вашиот најдобар советник, особено кога е храната во прашање. Ако често чувствувате подуеност или тегоби после некој вид храна, можно е да се работи за интолеранција. Во тој случај најдобро е да ја избегнувате некое време за да видите дали има промени. Интолеранцијата најчесто се јавува на лактоза (млечни производи) или на глутен (тестенини и леб), но може да се јави кај уште многу различни видови храна.

MarioFit

За авторот

Пјер