Живееме здраво со Polleo Sport и MarioFit.net Фитнес

10 најчесто поставувани прашања за фитнесот

prasanja-za-fitnesot
Напишано од Хонг

На тема фитнес постојат милион прашања и минимум двојно повеќе одговори. Овој пат ќе ги прегледаме оние најчестите кои доаѓаат од најразлични профили на луѓе – од оние кои размислуваат дали да почнат да вежбаат до оние кои веќе вежбаат, а сакаат да ги подобрат резултатите. Тука ќе ги најдете одговорите на основните прашања за фитнесот кои на секој од нас му поминале низ глава во одреден момент.

1. На што треба да се фокусирам за да ослабам – на исхраната или на вежбањето?

Исхраната и вежбањето се подеднакво важни во намалувањето на вашата телесна тежина и обем. Она што е примарно во целиот овој процес е планирањето. Ако ги планирате вашите оброци и тренинзи, шансите да ги прескокнувате се помали. Планирајте ги вашите оброци однапред за да не се доведете до ситуација да прегладните, бидејќи тогаш доаѓаат најголемите искушенија да изедете нешто што не е во вашиот план за исхрана. Планирајте ги тренинзите во однос на термини и вежби – термините за да ги вметнете во вашиот дневен план на обврски, а вежбите за да не трошите време во шетање низ теретаната размислувајќи што да правите следно.

2. За колку време ќе видам резултати од вежбањето?

Ова е дефинитивно едно од најчестите прашања за фитнесот. Одговорот е дека тоа целосно зависи од вас – од вашите цели, вашата исхрана и истрајност во менувањето на навиките. Вообичаено потребни се 4 до 6 недели за телото да покаже видливи промени, а за тоа време тоа ќе се навикнува на вежбите. Ако вашата цел е слабеење, со здрава исхрана и редовно вежбање би требало да губите по ½ до 1 килограм неделно. Во секој случај, која и да е вашата цел бидете конзистентни со тренинзите. По 6 недели направете промени во вашата тренинг програма за да му дадете нови предизвици на телото.

3. Дали вежбањето со тегови ќе направи да изгледам „напумпано“?

„Напумпаниот“, гломазен изглед е еден од најголемите митови во врска со вежбањето со тегови, особено кога се жените во прашање. Ги спомнувам жените затоа што тие обично се плашат да вежбаат со тегови токму од оваа причина. Но, мора да знаете дека кај жените е многу потешко да се развие мускулна маса како онаа кај мажите заради пониското ниво на тестостерон кој нивното тело го лачи. Треба многу труд за да се постигне тој изглед и никако не може да ви се случи „ненадејно“. Вежбањето со тегови на жените им дава облини и дефиниција на мускулите. А што повеќе мускули имате, вашето тело согорува повеќе калории што резултира со губење на масните наслаги.

најчести прашања за фитнесот

4. Како да ги стопам масните наслаги на стомакот?

Не постои една единствена вежба која „магично“ ќе ги стопи абдоменалните масти. За да добиете цврсти и обликувани абдоменални мускули потребно е да работите на топењето на мастите на целото тело комбинирајќи вежби за зголемување на силата и кардиоваскуларни вежби. Исхраната исто така игра голема улога во ова, односно таа учествува со 80% во вашите резултати. Но, запомнете дека ова не значи да бидете на диета која има рок на траење, бидејќи со завршувањето на диетата ќе заврши и процесот на топењето масти. Потребен ви е план на исхрана кој ќе се вклопи во вашиот стил на живот и кој ќе можете континуирано да го практикувате.

5. Дали треба да ги исфрлам мастите од исхраната?

Дефинитивно НЕ! Исфрлањето на еден цел нутриент од вашата исхрана секако не е добра идеја. Треба да внимавате како и од каде ги внесувате мастите, тоа е она што е важно. Добрите, незаситени масти кои се содржани во месото од риба и во јаткастите плодови се дури и пожелни да бидат дел од вашата редовна исхрана бидејќи помагаат во процесот на топење на лошите масти од телото. Она што прави да се дебелееме се заситените и транс мастите кои се наоѓаат во преработената храна.

6. Дали кардио вежби наутро на празен желудник ќе ми помогнат побрзо да ги согорам телесните масти?

Истражувањата кои се направени до сега покажуваат дека доколку применувате кардио вежби на празен желудник во утринските часови, можете да согорите до 20% повеќе масти. Ваквите вежби се ефикасни заради тоа што телото наутро ги користи мастите како извор на енергија, што ви дава можност полесно да се ослободите од нив. За да спречите губење на мускулна маса за време на ваквиот тренинг, добро е да консумирате BCAA (аминокиселини со разгранет ланец). Но внимавајте, ова не важи за тренингот со тежини. Ако вежбате со тежини во утринските часови, препорачливо е да консумирате полн оброк пред и по вежбањето за максимум ефекти.

прашања за фитнесот - кардио вежби

7. Кое е најдобро време да вежбам?

Ова зависи од вас. Не постои универзално идеално време за вежбање.  Ефектите од вежбањето на вашето здравје се еднакви во кое време и да одлучите да бидете физички активни. Најдобро време за вежбање е она во кое чувствувате дека имате најмногу енергија, така ќе можете да ја задржите конзистентноста. Голем дел од луѓето одлучуваат да вежбаат наутро, за да бидат свежи во текот на целиот ден. Но, доколку не сте личност која функционира баш најдобро наутро, не ги закажувајте тренинзите во утринските часови бидејќи за кратко време најверојатно ќе се откажете од вежбањето во целост.

8. Колку сетови/повторувања треба да правам за најдобри резултати?

Ако сте почетник, најдобро е да правите 3 сета од секоја вежба, доколку можете. Ако не можете, не се обесхрабрувајте, само работете на вашата издржливост и таа ќе се подобрува со текот на времето. Во однос на повторувањата, тие зависат од тоа која е вашата цел. Ако сакате да стопите вишок масти треба да правите помеѓу 12 и 15 повторувања со тежина со која можете да издржите цел сет. Доколку сакате да ја зголемите силата и мускулната маса правете помеѓу 6 и 10 повторувања со поголеми тежини.

9. Дали треба да ги изведувам истите вежби секој ден?

На мускулите им е потребен одмор за да можат да се опорават и да се изградат правилно. Ако секој ден вежбате ист сет на мускули тоа ќе доведе до синдромот наречен претренираност кој ќе предизвика пад во вашиот имунитет и поголема можност да се разболите. Ако вежбате различен сет на мускули на секој тренинг, добро е да одмарате еден ден од неделата. Доколку правите вежби за целото тело, одмарајте секој втор ден.

прашања за фитнесот - тренинг програма

10. Дали е нормално да чувствувам болки во мускулите?

Да, ако чувствувате болки во мускулите тоа значи дека вежбате правилно. Особено ако почнувате со вежбање и вашите мускули се во шок. Овие болки обично траат од 1 до 3 дена, а можете да ги намалите со истегнувања, и загревање пред да почнете со вежбање. За кратко време телото ќе се навикне на вежбите и мускулите нема да ве болат со истиот интензитет. Но, кога ќе почнете да чувствувате минимална болка по вежбањето, време е вашата тренинг програма да оди на повисоко ниво.

За авторот

Хонг