Водич за готвење

10 здрави ужини за кризните ситуации помеѓу главните оброци

Напишано од Пјер

Дали знаете дека ужините, дури и оние мали и навидум незначителни количини на грицки помеѓу оброците играат голема улога во вашата форма? Да, вашето тело ја регистрира и таа една рака чипс што ќе ја изедете кога никој не ве гледа. За да не си ставате сопки на патот до вашата цел, потрудете се да го смирите чувството на глад помеѓу оброците со здрави ужини.

Сите ние понекогаш се наоѓаме во ситуации кога времето помеѓу главните оброци непланирано ќе се развлече и апетитот ја надминува нашата желба да се држиме до планот за исхрана. Важно е само да дојдеме до каква било храна што ќе нè држи сити до следниот оброк. Затоа, избегнете ги нездравите грицки и изберете ужини што ќе ви дадат енергија во овие ситуации, а нема да ѝ наштетат на вашата форма.

Видови на храна кои што можете да ги консумирате како здрави ужини

Некои од препорачаните видови на храна се богати со протеини и ќе го нахранат вашиот мускулен систем, некои имаат мала количина на јаглехидрати и ќе ви помогнат во процесот на ослободување од вишокот масти, а некои се едноставно здрави. Најважно е што можете да ги набавите брзо и да ги јадете каде и да сте.

1. Варени јајца

Јајцата содржат голем број на аминокиселини со разгранет ланец, кои што се најанаболичните аминокиселини во телото. Оваа карактеристика ги прави една од идеалните ужини која што ќе ве држи сити и ќе ви помогне во изградбата на мускулна маса. Можете да ги подготвите многу брзо, а и да ги чувате сварени во фрижидер од утрото за моментите кога имате потреба од храна до следниот оброк.

2. Суви сливи

Ако имате желба за нешто благо, или пак ви треба дополнителна енергија пред тренинг, сувите сливи се идеален избор. Тие се богати со растителни влакна, позитивно влијаат на регулацијата на шеќерот во крвта, како и на хормоните кои што влијаат на чувството на глад. Сувите сливи се исто така моќен антиоксиданс кој помага во борбата против голем број заболувања.

здрави ужини - суви сливи

3. Семки од тиква

Семките од тиква се богати со протеини, а јаглехидратите кои што ги содржат не се шеќери, така што освен тоа што можат да ви послужат како здрави грицки, можат да ви послужат и како додаток во салати, овесни каши, јогурт и сл. Семките од тиква се исто така богати со цинк кој што влијае на покачувањето на нивоата на тестостерон.

4. Јаткасти плодови

Кикириките, бадемите и индиските ореви се вкусни и здрави ужини со кои што ќе додадете протеини и здрави незаситени масти во вашата исхрана. Само внимавајте на тоа да не бидат солени и да не јадете повеќе од 30-40 грама. Оревите се исто така одличен избор, особено кога сакате да го намалите внесот на јаглехидрати, a содржат и омега-3 масни киселини.

здрави ужини - јаткасти плодови

5. Ф’стаци

Иако сите јаткасти плодови имаат свои нутритивни вредности, ф’стаците се посебно богати со многу здрави состојки. Проблемот со нив е што се многу вкусни и лесно можат од ужина да преминат во цел оброк со кој ќе го надминете препорачаниот дневен внес на калории. Ако можете да се задржите на една рака ф’стаци, тогаш ќе ги искористите бенефитите од големата количина на протеини, мононезаситени масти, растителни влакна и витамини од групата Б.

6. Кајсии

Кајсиите се одлична ужина која може да ги задоволи вашите потреби за благо, а всушност не содржат многу шеќери. Богати се со бета-каротен, провитамин кој дејствува како антиоксиданс и е одличен во превенција на многу болести, како и во заштитата од предвремено стареење на кожата. Кајсиите исто така се поврзуваат со подобрено функционирање на мозочните клетки.

здрави ужини - кајсии

7. Јагоди

Јагодите се одличен извор на витамин Ц со што ќе ви помогнат во зајакнувањето на имунитетот, додека истовремено ја задоволуват вашата потреба за слатка ужина. Од сите бобинки, јагодите содржат најмала количина на шеќер.

8. Павлака со ниска масленост

Павлаката содржи голема количина на протеини, калциум кој помага во зацврстување на коските, како и пробиотици кои ја подобруваат функцијата на вашите црева. Држете се до павлаката со ниска масленост и никако не помислувајте да ја замените со овошен јогурт или слични верзии кои имаат сосема различен состав од оној кој ја прави павлаката здрава ужина.

здрави ужини - павлака

9. Урда

Овој вид на млечен производ содржи голема количина на казеин – протеин кој што споро се разградува и ги храни мускулите со витални аминокиселини. Ова ја прави урдата добра ужина, особено во периодот пред спиење. Меѓутоа, проблемот кај неа е што содржи многу сол, па не е препорачано да ја консумирате во големи количини.

10. Темно чоколадо

Еве нешто и за љубителите на чоколадо на кои што тешко им оди збогувањето од овој вкус. Темното чоколадо со минимум 60% какао може да го намали ризикот од срцеви заболувања и да помогне во намалувањето на мастите, доколку се консумира умерено, се разбира. Полифенолите кои што ги содржи овој тип на чоколадо се антиоксиданси што можат да помогнат во регулирањето на метаболизмот. Доколку имате силна потреба за чоколадо, дозволете си еден ред темно чоколадо или пак земете протеинско чоколадо со кое ќе го зголемите внесот на протеини додека уживате во слаткиот вкус.

здрави ужини - темно чоколадо

Иако се издвоени како здрави ужини, не би требало да претерувате со ниту еден од овие видови храна, т.е. не дозволувајте да ви станат секојдневие. Ова е сепак храна за „прва помош“. Држете се до вашиот план за исхрана и доколку се соочите со кризен момент кога апетитот ве победува изберете нешто што ќе биде здраво за вас.

MarioFit

За авторот

Пјер