Фитнес

4 начини да си го олесните големиот предизвик – тренинг нозе

Напишано од Пјер

Тренинг нозе – најстрашниот ден од неделата, најтешкиот дел од тренинг програмата и најголемото чувство на гордост откако ќе го преживеете. 🙂 Иако е често најомразениот тренинг, истовремено е и најважниот. Силата која ја развивате во нозете има голема улога во процесот на развивање сила во горниот дел од телото. Затоа не размислувајте како да го прескокнете туку направете стратегија како да си го олесните.

1. Направете да ви биде приоритет

Распоредете ја тренинг програмата така што вашиот тренинг нозе ќе биде прв во неделата. Ако правите комбинирани тренинзи тогаш вежбите за нозе завршете ги на почетокот од тренингот. Важно е овој тренинг да го завршите прв кога имате најмногу енергија, потоа сѐ друго ќе ви изгледа полесно. Исто така е добро ако можете тренингот за нозе да го завршите наутро. Можеби ќе имате проблем со одот до крајот на денот, но ќе бидете посреќни. 🙂 Многу подобро отколку цел ден да го поминете во размислување како ќе го издржите тренингот.

тренинг нозе 1

2. Распоредете го во неколку денови

Оваа стратегија се базира на практикување изолациски вежби за секој мускул посебно (квадрицепс, задна ложа, листови, глутеус) во рамки на другите тренинзи, распределени низ различни денови. На пример: квадрицепс со рамо, задна ложа со грб, листови со гради… На овој начин нема да се „оштетите“ целосно, ќе вежбате мускул по мускул на нозете, додека на другите им давате простор да се одморат и опорават. Исто така ќе бидете ментално подобро подготвени за вежбите кога знаете дека делот за нозе брзо ќе заврши, па така ќе им се посветите повеќе наместо да брзате да поминат.

3. Подгответе се добро пред тренингот

Како можете да се подготвите за тренинг нозе? Со исхрана. Во денот пред тренингот внесете повеќе јаглехидрати со што ќе си обезбедите повеќе енергија. Ако сакате да го избегнете ризикот од расипување на вашиот план на исхрана, тогаш добар pre-workout суплемент може најмногу да ви помогне да го издржите напорниот тренинг со многу подобар перформанс и секако – резултати.

тренинг нозе preworkout

4. Најдете начин да уживате во секој тренинг

Ако тргнете на тренинг со мислата дека ќе ви биде добро, ако едвај чекате да почне ќе бидете повеќе мотивирани да го изведете поквалитетно. А за да можете да тргнете со позитивен став ќе треба да се наградите на некој начин. Организирајте активност што ја сакате после тренинзите на нозе, за вашиот ум да ги поврзува со позитивни асоцијации, почастете се со омилениот оброк, а кога ќе дојде време за cheat meal темпирајте го после тренинг нозе. Самиот тренинг можете да го направите поинтересен ако го изведувате со пријател, под услов да ужива во тоа, инаку нема поента да се демтивирате меѓусебно. 🙂Другиот начин е да вежбате со тренер кој ќе наоѓа начини да ве мотивира со соодветен тренинг план со кој нема да се преоптеретувате а константно ќе напредувате.

MarioFit

За авторот

Пјер