Љубов

5 знаци дека шефот ви се става

Напишано од Пјер

Избегнете го несаканото внимание од вашиот работодавец без да ја изгубите вашата работа. Знаете ли да ја препознаете разликата помеѓу пријателското муабетење со вашиот шеф и додворувањето: Одговорот на ова го дава психологот и автор на бестселерот „Dating the Older Man”, Белиса Вранич.

1. Шефот ви доверува приватни детали и постојано ве испрашува за вашиот социјален живот

Сите поминуваме долго време во канцеларија и нормално е во текот на тие часови да споделиме со колегите и по некој приватен детал. Но кога шефот ќе почне да ве потпрашува со кого излегувате, со кого танцувате и со кого спиете – време е за узбуна. Ако притоа спомне и дека е уморен од враќањето дома во празен кревет или пак се пожали на својата здодевна сопруга – знајте дека претерал.

Не одговарајте на скокотливи прашања за приватниот живот. Наместо тоа, неодредено климнете со главата и кажете дека станува збор за комплицирана ситуација за која не би сакале да зборувате. Ако тој ве бомбардира со премногу детали, прекинете го разговорот колку што е можно побрзо со изговор дека имате многу работа.

2. Постојано ви ѕвони на мобилниот

Кога не сте на работа, веројатно сте достапни на мобилен. Но ако вашиот шеф почне да ве бара во доцните ноќни часови или за време на викенд – да се надеваме дека има деловно оправдана причина за тоа. Спречете ја можноста деловниот разговор да се преобрази во приватен и одговорете на повикот со одлучен професионален тон на гласот, дури и ако е тоа момент кога се подготвувате за спиење или пак ја гледате омилената тв серија.

3. Ви купува подароци и ве моли да не ги спомнувате никому

Сите колеги за празниците добиваат од шефот електронска честитка, но вас ве очекува подарок покрај компјутерот. Потоа со интригантен тон шефот ве моли да не им кажувате за ова на колегите затоа што не сака да бидат љубоморни. Познато? Ова е класичен знак дека вашиот шеф сака со вас за започне љубовна афера. Љубезно одбијте го подарокот, кажете му дека е премногу дарежлив и дека подарокот сигурно ќе и се допадне на неговата вереница.

4. Постојано бара од вас (и само од вас) да работите прекувремено

Ако не сте негова лична асистентка и ако вашата работа не бара од вас постојано да бидете во негова близина, честото барање да работите прекувремено – само со него, е јасен сигнал дека сака канцелариска афера. Да, време е за сериозен разговор. Наместо да го обвините, понудете му решение. Признајте му дека сте преоптоварени со работа и дека е можеби време да се вработи уште некој кој ќе ви помогне подобро да ги извршувате своите работни задачи. Ако ниту ова решение не ве спаси од непотребното останување на работа, споменете му патем дека имате ново момче. Ова би требало потполно да го обесхрабри.

5. Поголем дел од времето минува потпрен на вас и на вашата работна маса

Се прашувате зошто шефот постојано се задржува кај вашата работна маса кога има совршено удобна канцеларија? Одговорот е јасен: сака да ви се приближи интимно. Ако често седнува на работ од масата, потрудете се целата површина да е покриена со хартии. Ако непристојно ве допира – упатете се во одделот за човечки ресурси. После службениот приговор соочете се со него и признајте дека својата работа ја сфаќате сериозно и дека сметате дека тој ве спречува да го покажете својот целосен потенцијал. Веројатно ќе биде лут, но конечно ќе ја сфати поентата и ќе ве остави на мир.

За авторот

Пјер