Фитнес

6 митови за жените во фитнесот што го кочат вашиот прогрес

Напишано од Пјер

Жените во фитнесот се соочуваат со многу митови и предрасуди од кои поголемиот дел се сосема неосновани. Но, сепак тие кружат наоколу и им стојат на патот кон достигнување на сопствениот максимум од напорите и времето што го вложуваат во тренинзите. За жал тешко е да се покријат сите овие теми во еден здив, но ќе почнеме од најчестите 6.

1. Жените во фитнесот треба да тренираат различно од мажите

Оваа теорија сигурно сте ја слушнале многу пати до сега. Мажите треба да вежбаат со големи тежини за да постигнат поголема мускулна маса, а жените треба да креваат полесно за да се стегнат. Ова во никој случај не е точно. И за мажите и за жените во фитнесот важи правилото од 4 до 6 серии со по 1-5 повторувања кај тренинзите за сила и 3-5 серии од 6 до 15 повторувања кај тренинзите за хипертрофија (градење мускулна маса).

Добрата вест за жените коишто не сакаат „напумпан“ изглед е дека хормоните ќе го спречат тоа бидејќи влијаат на начинот на којшто се обликува телото. Односно, пониските нивоа на тестостерон и високите нивоа на естроген ќе го направат своето. Така вежбањето со овој волумен во комбинација со калориски дефицит ќе ги согори вишокот масти и ќе ги изгради мускулите во обликот кој е потребен за оној дефиниран, стегнат изглед што го сакаат.

2. На жените им се потребни многу кардио вежби за да бидат фит

Ова е најверојатно најголемата замка за жените во фитнесот. Прво, да расчистиме дека кардио вежбите се одлични за улогата што ја имаат, а за многу луѓе е тешка да се постигне само со вежби со тежини. Но, вистината е далеку од тоа дека ќе ја постигнете формата што ја сакате само со кардио.

На почетокот ќе имате резултати во делот на согорување на вишокот масти, но по некое време нема да имате прогрес бидејќи немате многу варијабли за менување за да му приредувате изненадувања на телото што му се потребни за да го менува изгледот. Затоа, исто како и за мажите, и за жените е добро да вежбаат со тежини каде можат да менуваат волумен, темпо, начин на изведување на вежбите, тежини и сл. Освен тоа, ако не работите на мускулите со тежини, премногу кардио ќе почне да ги троши.

Интересно:  ПсихоФит: Најголемиот психолошки тест – ПОВРЕДА; што после неа ?

3. Исхраната со минимум јаглехидрати е најдобра за ослободување од вишокот телесни масти

За да ги остварат фитнес целите, жените во фитнесот мораат на телото да му обезбедат извор на енергија, исто како и мажите. Ако целосно ги исклучите јаглехидратите на телото ќе му го одземете омилениот извор на енергија.

Јаглехидратите ги бие лош глас во однос на нивната улога во создавањето на вишок масни наслаги и тоа е најголемата причина зошто се „непожелни“. Но, истражувањата покажуваат дека можете да се ослободите од вишокот килограми и масти со консумирање на голема количина јаглехидрати, само доколку ги внесувате од правилни извори. За да го одржувате здравјето и телото во топ форма ќе треба да ги консумирате преку извори коишто содржат голема количина на растителни влакна, витамини и минерали, како овошје, зеленчук и целозрнести житарки.

4. Постои добра и лоша храна

Секако, постои поздрава и понездрава храна, но ваквата поделба нема да ви помогне многу психички во придржувањето кон зацртаниот режим на исхрана. Ова значи да не ставате ниту еден вид храна во фолдерот „забранета“ бидејќи така ќе имате уште поголема желба да ја консумирате, а потоа ќе чувствувате вина.

Наместо тоа, гледајте на храната низ призма на нејзината нутритивна вредност. Нека ви биде алатка за достигнување на потребната количина макро и микронутриенти. Кога ќе ги постигнете оптималните дози микронутриенти – витамини и минерали, и макронутриенти – протеини, јаглехидрати и масти, можете да се почастите со мала количина на храна од понездравата листа. Со ваквиот пристап кон храната ќе почнете сè повеќе да уживате во придржувањето кон режимот што сте го зацртале со вашиот тренер.

жените во фитнесот - јаглехидрати

5. На жените не им се потребни многу протеини

Точно е дека на жените не им е треба идентична количина на протеини како на мажите, но тоа е така само заради различните калориски потреби. Жените коишто сакаат да се ослободат од вишокот масти треба најголемиот дел од калориите да ги внесуваат преку протеини. На тој начин ќе ја задржат чистата мускулна маса, ќе се ослободат од мастите и ќе го контролираат апетитот.

Најлесен начин да го зголемите протеинскиот внес е да вклучите во исхраната шејкови од whey протеин. Денес тие се достапни во најразлични вкусови кои ќе ја задоволат вашата потреба за благо, а и ќе ви помогнат во процесот на опоравување на мускулите по тренингот.

6. Жените не треба да користат креатин

И покрај тоа што креатин монохидрат е најиспитуваниот суплемент во светот и што сите истражувања укажуваат на неговите позитивни својства, многу луѓе не се сигурни дали треба да почнат да го консумираат. Ова особено важи за жените, бидејќи го перцепираат како „машки“ суплемент за градење на големи мускули.

Вистината е дека креатинот може да им помогне на жените во подобра изведба на тежинските тренинзи. Тоа резултира со повеќе согорени калории и во зависност од режимот на исхрана – зголемено согорување на масните наслаги.

жените во фитнесот - суплементи

Да резимираме:

Ако сакате да го зацврстите телото и да се ослободите од вишокот масти треба да практикувате тренинг програма што вклучува и тежински тренинзи и кардио, балансиран режим на исхрана со сите потребни макро и микронутриенти, и правилно да ги користите суплементите коишто можат да ви помогнат во остварување на целите преку пополнување на празнините во исхраната и подобрување на вашите перформанси на тренингот.

MarioFit

За авторот

Пјер