Економија

БИТКОИН: Средство за плаќање или балон кој ќе пукне и ќе однесе многу во пропаст

Напишано од Пјер

Најраспространетата светска криптовалута – биткоин, на почетокот на декември достигна вредност од 17.000 долари. Оваа вредност повеќе нема врска со економската корист и постои опасност од пукање на меурот.

“Сите феномени кои го прават настанокот на балонот се присутни”, изјави  Томас Мајер поранешен главен економист на Дојче банк за радио Дојчландфунк. “Балони не произлегуваат од ништо. Луѓето од прво ја препознаа добрата приказна. Така наречената блок-технологија која стои зад верификација на биткоин-трансакции е одлична работа. На луѓето им се допадна и почнаа да купуваат повеќе биткоини. Цената на валутата енормно порасна и почна шпекулантска грозница”, објаснува Мајер.

Според неговите зборови, огромната побарувачка на биткоини ја зголемува и цената на трансакциите. А за тоа мора многу повеќе да работат компјутерите. Тоа ги успорува трансакциите и со тоа ја нарушува една од главните предности на целата технологија. Освен тоа, цената на биткоинот во овој момент нема врска со нивната економска корист. Томас Мајер, како претставник на класичниот банкарски систем кој во биткоинот гледа закана, е голем скептик кон таа валута.

Виртуелната валута која се користи независно од централните и сите други видови банки има свои предности: секој може да купи биткоини и да ги чува во виртуелен паричник, од кој ќе ги префрла на други (на пример фирми од кои купува нешто) или тој ќе добие сума од други корисници. Секоја трансакција се врши без посредство на банките и одговара за пренос на готовите пари.

Во моментов многу фирми прифаќаат биткоини како средство за плаќање, особено оние што работат само преку интернет. Тоа не е спорно. Секој начин на плаќање е легитимен кога доволно луѓе се согласуваат околу неговото користење. Колку е таквото средство за плаќање постојано и стабилно – тоа е друго прашање.

Осигурани “паричници”

Кој сака да купи биткоини мора прво да го отвори својот сопствен виртуелен паричник на интернет. Тој може да се отвори кај некој од многуте специјализирани провајдери. Во такви провајдери се отвора налог и се добива единствен број на паричник –  комбинација на букви и бројки. Секој може да отвори произволен број на такви паричници.

Сопственикот на паричникот по потреба го користи најчесто ако купува или префрлува пари во други паричници. Секоја трансакција го следи само единствениот број на паричникот и никакви други податоци како што се име, адреса, националност … Тоа значи дека сите трансакции се анонимни. Сепак, секоја трансакција останува регистрирана во огромен архив – за тоа постои доказ што купувачот секогаш може да го прикаже(на пример на продавачот кој не му испратил роба).

Вкупниот број биткоини е ограничен на 21 милион, но не постои сопственик на цела таа “парична маса” и нема централна банка која “печати” пари. Постојат само провајдери кои продаваат биткоини на интернет, но за нив нема потреба од никого дозвола, секој може да стане таков провајдер. Некои провајдери во текот на годината се здобија со голем углед и важат како јаки и веродостојни.

Контрола – дело на сите

Бидејќи секоја трансакција останува регистрирана во некоја форма на електронска сметководствена книга, а нема централна банка или сопственик на целиот процес, се поставуваат прашањата: Кој ја води овој книга? Кој проверува дали некој виртуелен паричник има покритие? Кој ги презема задачите како што банките ги извршуваат во вообичаениот монетарен сообраќај?

Не е претерано ако се одговори со едноставна реченица: кој што сака! Секој може да инсталира бесплатна (“сметководствена”) програма на својот компјутер и да постане дел од светската мрежа на т.н. “рудари”. Кога некој на некого му префрла пари од виртуелниот паричник, секој “рудар”, врз основа на своите податоци, проверува дали трансакцијата е легитимна. Само кога повеќето “рудари” ќе заклучат дека со трансакцијата е во ред, тие се меморираат во т.н. “блок трансакција” и од тој момент важи како обврзувачка и осигурена. Така се контролира по принцип на мнозинство и децентрализирано: нема една банка или инстанца што одлучува за тоа дали трансакцијата е во ред или не.

Цената на биткоинот зависи исклучиво од понудата и побарувачката. Бидејќи пазарот на биткоинот е мал, и покрај тоа што како средство го прифаќаат огромен број продавачи, курсот е подложен на силни промени.

Извор – Denar.mk

За авторот

Пјер