Најново

Бучавата е звучен отпад

buchava_2
Напишано од Пјер
Еволуцијата ги програмирала луѓето да бидат свесни за звуците како можни извори на опасност. Но, на бучавата денес се гледа како на загадувач чии ефекти врз здравјето често се занемаруваат.

 

Да не бевме сведоци на неподносливиот и иритантен звук од радио-приемниците и телефоните пред неколку децении, кој ни го попречуваше посакуваниот сигнал, најверојатно и натаму ќе го третиравме звукот како хармоничен или нехармоничен, а не како нешто што влијае врз нашата општа здравствена состојба.

Бучавата, метафорично кажано, ја затрпува нашата околина со туѓ звучен отпад.

Иако бучавата не може да се дефинира еднозначно и сеопфатно, ако ја третираме како непожелен звук таа има математички, акустични, електромагнетски, социјални и здравствени аспекти врз кои влијае. Но, исто така, една дефиниција не може да ги покрие сите овие аспекти и да важи соодветно во секој случај и за секоја намена.

Секако дека човечката реакција на бучавата е субјективна, а сите луѓе различно реагираат на „нечисти“ звуци.  Бидејќи е сеприсутна во секојдневниот живот, бучавата предизвикува аудитивни и не-аудитивни ефекти по нашето здравје; како главоболка, зголемен крвен притисок, несоница, намалување на продуктивноста, стрес и намалување на квалитетот на животот во целост.

buchava_4

Невладината организација NPC (кратенка од Noise Pollution Clearinghouse) предлага секој научник да ја толкува бучавата согласно потребите на истражувањата. Бучавата во урбаните средини е загадување кое е предизвикано од човечките активности или „отпад што се слуша“.

Постојат солидни докази, доминантно од лабораториски истражувања кои укажуваат на тоа дека бучавата доведува до главоболки, послаба продуктивност на работа, како и послаби перформанси кога се во прашање задачи што се врзани со користење на меморија.

Изложеноста на бучава предизвикува голем број на краткорочни физиолошки реакции, зголемување на отчукувањата на срцето и крвниот притисок, намалување на способноста за извршување на комплексни работни задачи, влијае врз процесот на селекција во меморијата, ја зголемува агресијата и го намалува нивото на реакција на социјалните дразби.

Така, ако денес бучавата ја третираме само како непожелен звук, користиме многу неутрален термин кој го тривијализира реалниот и сериозен проблем со бучавата.

Луѓето обично не се пасивни приматели на бучава, а долготрајната изложеност на бучава укажува на тоа дека високите нивоа на вознемиреност и главоболки не се намалуваат со текот на времето.

Ефектите од бучавата се многу комплексни и треба и натаму да се испитуваат, иако јасно е дека прилагодувањето на бучава се постигнува само со цена по здравјето.

За авторот

Пјер

Остави коментар