Бизнис совети

Дали емоциите во бизнисот се исто што и бизнисот со емоции?

Напишано од Пјер

Секој однос во приватниот и деловниот живот е испратен со емоција и чувства. Емоциите понекогаш, повеќе од фактите го одредуваат текот и резултатот од работењето. Не верувате?

Сакате чувство на задоволство? Тежнеете кон чувството на припадност? Не сакате другите да ве изневерат и изиграат? Ве изнервирал колегата или деловниот партнер? Лути сте и разочарани од однесувањето на деловниот партнер? Чувствувате неправда? Чувствувате дека другата страна не ве разбира, дека ве лаже или пак дека се обидува да манипулира со вас?

Зарем сите овие не се чувства? Да, чувства се. Прашање е само дали ги покажуваме или не. Се случува да сведочиме за ситуации кога реагираме бурно. Неретко ги потиснуваме емоциите, а најчесто не сме во состојба да направиме баланс помеѓу свеста за сопствените емоции и нивното изразување на вистински начин. За таа цел, од големо значење е да поседуваме емоционална интелегенција која ни помага не само да станеме свесни за сопствените емоции и да ги изразуваме на вистинскиот начин, туку успешно да се носиме со притисоците на опкружувањето, но и да ги препознаеме емоциите и на другите страни. Тука веќе доаѓаме и до сегментот на социјалната интелегенција која ни помага да ги разбереме другите луѓе но и да развиеме добри меѓучовечки односи.

Меѓутоа, дали емоциите во бизнисот се исто што и бизнисот со емоции?

Денес е се попопуларен таканаречениот невромаркетинг кој се занимава со скриените дразби кои иницираат купување на одреден производ. Значи, тоа се оние подсвесни дразби кога се наоѓаме пред два производи, од различни производители, чии квалитет и цена се идентични, врз основа на кои донесуваме одлука кој од тие два производа ќе го купиме. Компаниите кои имаат средства за истражување во областа на навромаркетингот, вистински увиделе дека купувањето е емотивен и инстиктивен процес и токму поради тоа креираат рекламни кампањи во склад со тие сознанија. Тие одамна увиделе кои се тие емоции, односно подсвесни дразби кои влијаат на одлуката за купување. Меѓутоа, освен невромаркетингот во трговијата, се попопуларен е политичкиот невромаркетинг, па така се зголемува неговото значење и влијание, но и последиците.

За авторот

Пјер