Фитнес Храна

Дали ви е потребна детокс диета?

Напишано од Пјер

Детокс диетите станаа толку популарни што речиси и да не познавам човек што не пробал да практикува некоја од нив – еднодневна или подолготрајна. Но, дали навистина ви треба таква диета и како треба да изгледа таа?

Ако се занимавате со фитнес рекреативно или посериозно, најверојатно е дека се придржувате кон некаков режим на исхрана. Па зошто тогаш би ви била потребна дополнителна детокс диета? Ако тоа значи јадење на само една група на храна со денови, изгладнување, или пак пиење на магични пијалоци, апчиња и слично, тогаш моето мислење е дека не ви е потребна. Но, ако се работи за мала промена во режимот на исхрана од време на време за чистење на организмот, во тој случај мојот коментар е „go for it“.

Каков вид на детокс ви треба?

Таков што не е диета, тајна, брз трик за намалување вишок масти и килограми. Ако вежбате редовно, последното нешто што му треба на вашето тело е шок во делот на исхраната. Напротив, му треба мала промена што ќе можете да ја издржите подолго време а ќе поттикне повеќе енергија и ќе го исчисти од непотребни вештачки материи.

Исфрлете ја процесираната храна

Знам дека ова не е така лесно како што звучи. Речиси сè што стигнува на нашата маса е помалку или повеќе преработено. Но, не е ни така тешко како што ви изгледа на прва 🙂 Се решава со зголемен внес на свежо овошје и зеленчук, или евентуално сварено/печено, компир, ориз и мешунки (грав, грашак, леќа…). Притоа ќе треба да заборавите на какви било додатоци и сосови кои доаѓаат со конзерванси.

детокс диета - непроцесирана храна

Сменете ги изворите на протеини и масти

Одморете го организмот од црвено месо, пилешко, свинско. Свртете се повеќе кон риба, белки од јајца и протеин од сурутка (whey). Оваа храна е драстично полесно сварлива од месото, а содржи и помалку масти. Мастите внесете ги во здрав облик, преку маслиново и кокосово масло, и јаткасти плодови.

Пијте зелени пијалоци

Тука мислам на природни шејкови, сокови, smoothie оброци што ќе ви помогнат полесно да внесете поголема количина на свеж зеленчук кој во друга форма го консумирате потешко или поретко 🙂 Спанаќ, брокула, кељ, и сличните темно зелени растенија се полни со витамини, минерали и други микронутриенти што ви требаат за одржување на оптимално здравје и се многу силно детокс оружје. Можете да додадете и лимон и брусница за подобрување на вкусот, кои се познати и како природни диуретици и чистачи на црниот дроб. Ако сакате да зачините, можете да додадете ѓумбир, бибер, или куркума.

детокс диета - зелени пијалоци

Ако ви е познат концептот на „чиста“ исхрана сигурно забележавте дека советите погоре се базирани на неа. Не постои подобар начин да обезбедите добро здравје и многу енергија од ваквата исхрана. Ако се посветите на тоа да ја практикувате поголемиот дел од времето, нема да имате потреба од никаков посебен детокс кој ќе ви создава дополнителен терет во планирањето на оброците. Само избирајте ги паметно изворите на нутриентите што ви требаат и нема да имате никаков проблем со чистење на телото.

MarioFit

За авторот

Пјер