Фитнес

Дали витамин Д треба да биде на вашата листа на суплементи?

Напишано од Пјер

Над 40% од возрасните луѓе на нашето поднебје се соочуваат со дефицит на витамин Д во организмот. Оваа бројка е уште поголема во зимскиот период кога сме лишени од еден од најголемите извори на овој витамин, сончевите зраци, заради кратките денови кои често се облачни. Тоа значи дека во моментов шансите се големи да имате потреба да го додадете на листата на суплементи што ги користите за подобро здравје и подобри спортски перформанси.

Нивоата на овој витамин во крвта, покрај изложеноста на сонце, зависат и од исхраната и генетиката. Покрај тоа што голем дел од луѓето поминуваат малку време надвор, витаминот Д често е запоставен и во исхраната. А недостатокот од овој витамин ги намалува спортските способности, го отежнува опоравувањето и го зголемува ризикот од инфекции.

Поврзаноста помеѓу витамин Д и спортските способности

Суплементацијата со витамин Д во ситуации кога се соочувате со дефицит може да ви помогне во подобрување на спортските способности од два аспекти: да ги зголеми аеробните перформанси и да ви помогне во процесот на опоравување. Не создавајте високи очекувања за драматични перформанси во теретана бидејќи тој не функционира како pre-workout. Но, со нормализирање на нивоата на витамин Д ќе ги подобрите телесните процеси на создавање на енергија. Исто така ќе му помогне на мускулниот систем полесно да се регенерира по тренинзите, но тоа не значи дека можете да го прескокнете истегнувањето или протеините ако земете витамин Д.

витамин Д - аеробни способности

Поврзаноста помеѓу витамин Д и инфекциите

Витаминот Д има улога на регулатор на имуниот систем и влијае на способноста на телото да се заштити од инфекции. Ова е заклучок од научна студија изработена врз база на над 20 истражувања кои покажуваат дека суплементацијата со витамин Д значително го намалува ризикот од инфекции на респираторниот тракт. Сепак, суплементацијата ќе направи промена во имунитетот само доколку претходно постоел дефицит од овој витамин. Исто така, помали дози на дневна основа се покажале како далеку поефикасни од  нередовни, големи дози витамин Д.

Поврзаноста помеѓу витамин Д и согорувањето на вишокот масти

Голема е веројатноста дека ќе прочитате тврдења за моќта на витаминот Д во процесот на согорување на вишокот масти. Но, тој не е топач на масти. Витаминот Д влијае на процесот на лачење на хормони, ги регулира нивоата на калциум, го зајакнува имунитетот и влијае на уште многу телесни процеси, но во никој случај не е апче за топење масти. Со самото регулирање на телесните процеси тој ќе спречи таложење на нови масти и ќе ги поддржи сите други активности што ги превземате за ослободување од вишокот масти – правилна исхрана и редовни физички активности.

витамин Д - масти

Како да земате витамин Д?

Научниците советуваат да се зема витамин Д3 во вид на суплемент доколку постои дефицит. Затоа пред да почнете со редовно земање на овој витамин проверете ги нивоата во крвта. Во случај на дефицит се препорачува редовно земање на суплемент со биолошка активност на витаминот Д3 од 1000 до 5000 IU додека да постигнете оптимални нивоа. Можете да го внесете и преку мултивитамински додатоци кои што го имаат во нивниот состав.

MarioFit

За авторот

Пјер