Интервјуа

Горан Митров за Friday.mk: “Од кога дојдов од Марс на Земјата многу ми е тешко да се прилгодам“

Напишано од martin

Денеска, нашиот тим се дружеше со Горан Митров. Перфекционист, љубител на убави нешта, голем естетичар. Лик со огромна страст за мода. Некој што не зборува многу, ама многу размислува. Многу слуша, ама малку верува. Човек со мал број пријатели, ама вистински. Ова е она што Горан Митров го кажува за себе во кратки црти. Работи како бренд менаџер во Елена Лука и важи за еден од повлијателни луѓе на Инстаграм во Македонија поради неговиот уникатен стил. Повеќе за него и за модата кај нас, прочитајте подолу во интервјуто со Горан Митров.

Како се случи Горан да влезе во светот на модата?

Тоа е една така интересна приказна, желбата ја имав од секогаш, пресуден момент беше отворањето на Ателјето на “ЕЛЕНА ЛУКА” во Струмица. Минував често покрај него, сеуште беше празен дуќан со излог покриен со лого и најава coming soon …  И си замислував како би било да сум дел од таа приказна. Немав канал за контакт едноставно. За да биде уште по драматично, во истиот период имав една друга понуда  за работа, која рака на срце и не ја сакав баш, а веќе следниот ден морав да дадам одговор дали прифаќам или не. Доцна е навечер, а јас со часови вртам кругчиња со кола и  размислувам,  иако веќе е  03:00 наутро. Бев одлучен дека треба да се напијам вода директно од изворот и да ја контактирам лично г-ѓа. Елена Пандева, сопственичката на “ЕЛЕНА ЛУКА” . Немав друга опција освен да стапам во контакт на фб. Не бевме пријатели и просто не можев да напишам порака. Буквално и напишав коментар под слика, ама буквално. Сега и мене ми е чудно, ама така бидна. Побарав email за контакт и во рок од 2 мин. добив порака со одговор – бараната адреса. Набрзина се претставив кој сум, што сум и која е целта на моето пишување. Немаше одговор се до следниот ден. Г-ѓа. Пандева професионалец каков  што е, е еден исклучителен човек со огромна моќ за проценка на луѓе. Ме побараа од тимот и набрзо и лично се сретнавме на првиот состанок. И така некако се расплете приказната, станав дел од најголемиот моден бренд во Македонија . Исполнет сум во целост.

Колку според тебе, мажите во Македонија водат грижа за својот изглед?

Сакам да верувам дека се грижат. Со тек на годините се почесто гледаме мажи кои стоеле подолго од 3 мин. пред огледало. Имав навика да  кажам дека ми фалат убави луѓе, средени. Ме  радува  фактот дека со текот на времето се менуваат работите, ние Македонците сме убав народ и не ни треба многу труд, но сепак сметам дека е важно на остатокот од светот да му ја покажеме најдобрата верзија. Да не заборавиме дека сме во Македонија, со сите предности и маани. Нашиот пазар е ограничен, но сметам дека секој според можностите се труди да изгледа најдобро што може, како мажите така и нашите жени.

Како изгледа еден работен ден на Горан?

Кога работите во еден толку креативен бизнис како што е модата, особено во една вака  професионално организирана компанија како “ЕЛЕНА ЛУКА”,  секој ден си има своја приказна. Денот започнува со краток состанок со менаџерскиот тим, се резимира претходниот и се планира тековниот ден. Работиме на тековни кампањи и планови за во иднина. Динамично е, а неизбежен дел се и клиентите, кои се и дефинитивно најубавиот. Нема  ништо што ме исполнува повеќе од изразот на лицето на жена, на која и се допаѓа тоа што го гледа во огледалото. Тој поглед на самодоверба не се опишува…

5 работи без кои не можеш да си го замислиш денот?

За ова ќе мора да погледнам во мојата чанта хахах, и ете тоа нека биде број еден must have во текот на денот, чанта. До пред некоја година не можев да замислам да носам чанта, ми беше премногу фем. Ама како се зголемуваше бројот на нешта што морам да ги носам со себе, така стана добредојдена и незаменлив дел од моето секојдневие. Сега веќе ги имам во различни стилови и големини. Второ, би бил полнач за телефон. Имав денови кога си давав предизвик да издржам со едно полнење, ама едноставно не успева  . Следен  би бил часовник, без часовник на рака се осеќам ко да немам ништо на себе. Знаете, она празно чувство дека нешто ви фали. Остануваат уште две, така?   Нека биде тоа туш за расонување и утринско кафе, горчливо, силно, црно кафе…

Омилен бренд?

Како да ви кажам, почитивам брендирана облека, стабилен бренд има голема обврска производот што го нуди да е добар. Од друга страна не сакам да се ограничувам . Нормално, сите ние имаме некој бренд што посебно ни лежи, ама не се ограничувам, купувам што ми се допаѓа. Најчесто носам одела изработени по нарачка. Многу е битно оделото добро да одговара на телото и да биде по мерка. “Елена Лука” во повеќе наврати сето тоа за мене го прави многу успешно.

Омилен часовник?

Почитувам добар часовник , немам некоја импресивно голема колекција, ама поседувам неколку. Имам еден vintage “OMEGA” часовник, го наследив од дедо ми,  ете баш тој часовник е оној кој посебно го сакам, омилениот. За жал тој часовник пред извесен период престана да работи и повеќе од година дена е во рацете на еден часовничар во Солун. Искрено се надевам дека во скоро време ќе успее да го врати во живот.

Омилена модна комбинација?

Па зависи во кој период од годината се наоѓаме. Сакам лето, ама сакам и зима , трпи повеќе детали. Капути, марами, ракавици, се си има своја убавина. Моментално сум навлечен баш на такви комбинации, троделно одело,  вратоврска, игла и џебно марамче, добар капут префрлен преку рамена. Чевли ми се најголема пасија.

Бизнис или кежуал стил?

Бизнис, дефинитивно бизнис стил. Не дека јас немам или не сакам да носам кежуал парчиња, ама и кога се облекувам така, тоа дефинитивно е некој друг Горан. Мене лично ми е тешко да се прифатам таков, до степен што ми влијае на самодовербата. Од друга страна мислам дека и околината не е навикната да ме гледа премногу кежуал во секој случај. Сепак, сакам да останам доследен на имиџот и сликата што сум ја создал за себе.

Каква е според Горан бизнис климата во Македонија и колку младите кај нас се спремни да ризикуваат за сопствен успех?

Па не мислам дека Македонија има некоја особено поволна бизнис клима. Капа долу  на сите што успеваат да пливаат, ама не мислам дека е многу охрабрувачки. И да, младите луѓе во главно немаат храброст да ризикуваат, но тоа сепак е одраз на речиси тридецениската транзиција и несигурност на пазарот. Од друга страна пак, глобализацијата носи и свои предности. Светот стана глобално село, достапноста на интернетот, социјалните мрежи, им даваат можност на младите да си ги остварат своите соништа од удобноста на својот дом.

Каде се гледа Горан за пет години?

Уф , 5 години, далеку е тоа, во принцип јас не размислувам многу за минатото или иднината, особено не толку далеку. Што знам, се трудам да ја живеам сегашноста, да го живеам “денес”. Се што треба да се случи, ќе се случи во свое време. Верувам во енергија, верувам во карма. Верувам дека ако нешто доволно многу го сакаме ќе се случи кога тогаш. Ама  ајде да пробам конкретно да Ви одговорам . Се гледам подобар од денес, се гледам две скалила погоре во животот, во секоја област од моето живеење… Прашањето ме  замисли, ама нели сите тежнееме кон тоа, утре да бидеме подобри од она што сме денес.

За авторот

martin