Интервјуа

ИНТЕРВЈУ: АЛИЈА ФЕРЕВСКИ, најдобар кошаркарски судија за 2017 година – „Спортот треба да обединува“

Напишано од martin

Алија Феревски – долгогодишен судија,по професија дипломиран филолог, инакувработен во Kuehne + Nagel, светска компанија за логистика, доби признание за најдобар кошаркарски судија за 2017 година од страна на Македонската Кошаркарска Федерација (МКФ). Одличен повод за разговор и интервју во кое тој ни раскажува нешто повеќе за својата кариера, но и за себе, за тоа што прави кога не суди на кошаркарскиот терен.

Најпрво, честитки за наградата, убаво е кога успехот се поткрепува и со признание. Како ја доживувате оваа награда?

Алија: Ви благодарам! Наградата доаѓа во година во која ја заокружувам втората деценија како сум присутен на кошаркарските терени.
Нормално, секој кој е предаден на одредена работа, хоби или пак прави нешто од љубов, сака чекор по чекор да достигнува нови предизвици кон кои што се стреми кога почнал.

Оваа награда ми е особено драга од причина што ја доделува Македонската Кошаркарска Федерација, а за неа не постојат номинации туку постојат гласања по пат на бодување, а лауреатите гласаат спортски редакции, кошаркарски работници, клубови, судии и делегати.
Оваа награда за мене и за моето семејство е голема сатисфакција затоа што без нивната поддршка сигурно немаше да можам да стигнам до тука.

Ова е патот кој сум го зацртал и по кој чекорам повеќе од 20 години, а тоа е да се трудам да бидам ненаметлив и што е можно пообјективен, кога -тогаш вродува со плод.

Како што кажав и на самото доделување на признанијата, еднаш слушнав од еден мој постар колега, дека не е наградата најважна во една ваква консталација, туку најважно е кога ќе излезеш на кошаркарскиот терен и кога играчите и тренерите од двата клуба, а и публиката, ќе видат кој суди, да кажат – во ред е, супер, ќе имаме фер судење. Токму тоа е најголемото признание за еден судија.

А наградата за мене лично претставува обврска и во иднина да го задржам овој примат што го имам и овој углед што сум го стекнал со годините како кај клубовите, така и кај кошаркарската реалност да опстои на нивото кое што до сега сум го поставил. Претставува и своевиден поттик за понатамошна континуирана едукација и стремеж кон нови предизвици…

Како се станува кошаркарски судија?

Алија: Јас тренирав кошарка и учев средно фискултурно училиште. 24 часа бев со спортот. За жал не пораснав толку колку што е предвидено за мојата позиција, а на некој начин сакав да останам во спортот. Oчигледно беше дека не можам да бидам конкурентен со играчите од мојата генерација. На 16–годишна воздраст одлучив дека ако веќе не можам да бидам на теренот како играч, можеби би можел да дадам свој придонес и да бидам присутен во спортот како судија.
И влегов навистина амбициозно во тоа. Максимално се посветив, жртвувајќи го буквално секој викенд, за да бидам цел ден во сала. Кога не бев јас ангажиран, ги гледав моите поискусни колеги како судат, со цел да „украдам“ искуство повеќе. Искрено, за тоа време како млад судија ме врзуваат добри спомени, иако можам да кажам дека имало и моменти на разочарувања, имало моменти кога сум се чувствувал инфериорен или обесправен, меѓутоа, така се гради личноста во животот…

Oд претседател на студентски сојуз, професионално вработен во светска логистичка компанија, до судија на кошаркарски натпревар и многу други настани помеѓу. Алија, што сакавте да бидете кога бевте дете? Постоеше ли желба за професиите кои децата во тој период ги сакаат?

Алија: Две ми беа во фокусот, прво сакав да бидам хирург, а подоцна, при крај на основното образование многу сакав да бидам полицаец.
Меѓутоа, второто не наиде на одобрување кај моите родители, бидејќи тогаш беа почнати војните на бившите југословенски простори и тие тоа го сметаа како голема опасност. Не им се допадна идејата нивниот син единец да влезе во полициски води, во едно такво матно и несигурно време и во виорот на војната.

И можеби ова е единствениот случај каде што еден татко на својот син му ги расипал оценките за да не успее да се запише во средно полициско училиште, што сега гледано, можеби и би требало да му бидам благодарен.
Животот е навистина непредвидлив.
Подоцна, студирав и завршив јазици, веќе 9 години работам во Kuehne + Nagel, светска логистичка куќа која брои 70 000 вработени, а притоа имам втора работа и на некој начин пасионирано хоби, а тоа е кошарката. Така што можам да кажам дека многу често во животот сум чекорел од еден во друг ходник, барајќи ја вистинската врата и мислам дека сега сум на вистинските патеки.

Во кој момент сфативте дека ова е професијата која дефинитивно ја сакате? Постоеше ли некаков пресврт кај вас кој ве насочи во овој правец?

Алија: Пресвртен момент беше кога ми дадоа шанса да судам во првата лига во Македонија. Тоа беше 2005 година во октомври. Tогаш веќе бев на прагот на првата деценија откако станав судија и си реков – или ќе почнам да судам прва лига или ќе размислувам за некои други патишта.

За среќа добив шанса да влезам во прва лига. Судев и прилично солидно го направив тоа првите неколку пати имајќи во предвид дека лигата беше јака, се судеше со далеку поискусни етаблирани колеги, им се судеше на клубови со моќни кошаркарски имиња во своите редови и искусни тренери.

Морам да кажам дека е многу важно да се преживеат првите натпревари, особено како дебитант. Најголемиот притисок секогаш паѓа на најмладиот, на дебитантот и многу е важно како да се опстане, клубовите да стекнат доверба во тебе, дека ти навистина можеш да се носиш со товарот да судиш еден прволигашки натпревар. А доколку ги преживееш тие неколку години, тогаш си на вистинската насока. Тогаш одлучив дека ќе го терам ова до крај и дека следниот предизвик ќе ми биде станување меѓународен судија и да бидам во еден од топ 5те судии во Македонија.

„Омилена плејоф серија, ми беше серијата во мај/јуни 2014 година помеѓу Работничи и МЗТ, кога играа пред преполни трибини и пеколна атмосфера во салата Борис Трајковски.

Исто така можам да го истакнам ревијалниот натпревар помеѓу репезентациите на Македонија и Литванија по повод 20 годишнината од постоењето на македонската репрезентација исто така одигран пред преполни трибини во салата Борис Трајковски пред 9 000 бројна публика.“

Да се вратиме во студентските денови, за кои колегите ќе речат дека Вашите активности биле забележителни. Дали сте носталгичен за тоа време?

Алија: Многу сум носталгичен за тоа време и е можеби најдобриот период на мојот живот, бидејќи тогаш бев активен во студентското движење, бев и Претседател на студентскиот сојуз. Ние бевме голема група другари кои што функциониравме како мини министерство, задолжени со свои ресори, со програма за работа, со соодветен буџет со идеи за реализација и бевме многу активни, особено на културен и на спортски план. Во тој период бевме најактивен сојуз на УКИМ.
Редовно правевме настани, поетски читања, издававме книги – поезија, издававме свој весник и имавме своја аматерска театарска група.
Можноста да се биде студентски лидер ми донесе многу животни лекции, а дури и по 12 години од дипломирањето, јас се’ уште контактирам и активно се дружам со колегите од факултет.

Во 2013та го добивте статусот меѓународен судија на ФИБА. Како се случи сето тоа, имаше ли некакви квалификации и како изгледаа?

Алија: Беше прилично тешко. Ние бевме 7 кандидати , а требаше да се избере само еден кој ќе полага пред комисиите на ФИБА.
Бевме оценувани во 8 категории:познавање на странски јазици, комуникација, познавање на правилата, ниво на судење на кошаркарски натпревар, оценки од контролорите, мислење од инструкторот, мислење од комесарот на лигата и на крајот имавме специфичен физички текст.

Со оглед на тоа што целиот овој селективен процес мораше да се случи за кратка временска рамка за само 2 до 3 недели, беше доста напорно и истоштувачки. Тогаш бев татко на дете од една година кое тогаш не сакаше да спие и јас ненаспан, бев зафатен со моите ангажмани на работа, по работа учев… Така што навистина ми беше предизвик. Но, поддршката од сопругата, од поширокото семејство како и пријателите вроди со плод.

Како гледате на спортот во Македонија?

Алија: Се уште имаме проблем со развивање на свеста. Спортот пред се, треба да биде нешто што не обединува и ги едуцира младите на здрав начин на живот, на тимски дух и на чувството дека може да се победи ако максимално се инвестира време, енергија и посветеност.

Она што ми пречи, е тоа што имаме преамбициозни родители кои сакаат да постигнат нешто со своите деца, им вршат притисок, како на нив така и на тренерите, па и на судиите. Постојано се незадоволни од тоа каде во моментот се наоѓа нивното дете или како се развива, наместо да му дадат шанса на детето да развива тимски дух и чувство за фер-плеј.

Истото се случува и со дел навивачите кои наместо да дозволат спортот да обединува тие дозволуваат спортот да креира некакви поделби. Сега останува на нас, на сите спортски работници да ја развиваме свеста во насока на разбирање на спортот како општествена придобивка.

Вашиот дополнителен ангажман носи многу патувања на агендата. Кое од нив Ви оставило најголем впечаток, кој град најмногу Ве воодушевил?

Алија: Едно патување ми остави многу силен впечаток, а тоа е патувањето во Рабат во Мароко (Африка) во 2011 година, пред таканаречената Арапска пролет.
Лично сум импресиониран од Мароко како држава, моите очекувања беа спротивни од она што го доживеав таму. Отидов во град, цивилизација која што прилично среќно живее.

Mожеби не се толку богати во џебот колку што се богати во духот и во разбирањето на смислата на животот – дека треба да се живее животот до максимум и дека многу почесто треба да се смееме и да му се радуваме на она што го имаме сега, отколку да тагуваме за она што сме го пропуштиле или што планираме да го оствариме.

Инаку, Истанбул е градот кој намногу ме воодушевува. Град на космополитизмот и различните цивилизации, град во кој многу често патувам бидејќи има многу кошаркарски клубови кои гравитираат таму, но и го користам како транзитна точка до други држави и можам да кажам дека секое патување во Истанбул за мене е различно доживување, како да сум во различна метропола.

Што носите со себе најчесто од патувањата, а без што не можете да тргнете на пат?

Алија: Порано носев нешто што е карактеристично за местото од кое што доаѓам или евентуално магнет за фрижидер, а сега освен тоа, задолжителна е играчка за ќерка ми заради нејзината колекција која постојано мора да се надополнува ?
Дефинитивно никаде не тргнувам без мојот телефон и екстерен полнач. Под 20% полна батерија веќе ме фаќа паника.

Каков е Алија приватно? Кои Ви се омилените активности кога сте надвор од кошаркарските терени?

Алија: Динамичен, немирен, темпераментен, човек кој најмалку време поминува дома. Кога не сум на кошаркарски терен, излезен сум со семејството или со пријателите.

Татко сте на 6 годишна ќеркичка – Бора. Покрај вашите ангажмани дали успевате да и посветите внимание? Како го поминувате вашето слободно време?

Алија: За жал заради обврските не поминувам толку време со неа колку што сакам, но кога сум дома низ игра и забава се трудам да ја воведам во она што ја чека понатаму, ја учам за тоа што значи обврска, дека треба да седне да се поработи, да се заврши она што и е дадено како задача.

Во моментов ја привлекуваат странските јазици, визуелните уметности и танцот. Ништo не и сугерираме ниту на нешто ја приморуваме да се запише.
Што и да се одлучи да биде кога ќе порасне и додека расте, јас ќе бидам тука за неа во секое време да ја поддржам.

За крај, што си посакате во новата година?

Алија: Здравје, многу повеќе часови поминати со семејството, време повеќе за себе и за пријателите.
Успех во работата, добри одлуки на кошаркарските терени и мирна публика.

Подготвија: Билјана Настеска – Каланоска и Ивана Николовска

За авторот

martin