Храна

Како да го искористите излетот наречен cheat meal

Напишано од Пјер

Придржувањето кон планот за исхрана и броењето калории и нутриенти е најтешкиот дел од фитнесот за многу луѓе. И најинтензивниот тренинг, најдолгиот час на траката за трчање е полесно да се издржат од кризите за храна која ја нема на списокот со формули за постигнување на вашата цел. За среќа, постои саканиот cheal meal кој нѝ дава сила да издржиме во таа борба. 🙂 Но, за да можете во потполност да уживате во него без дилеми, каење и нарушување на вашиот план на исхрана треба да знаете неколку правила.

Како функционира овој концепт?

Cheat meal значи дека „мамите“ со кршење на правилата на здравата исхрана, но и дека го „лажете“ вашето тело за да предизвикате поголем ефект во процесот на ослободување од вишокот масти. Како? Освен тоа што помага психички да се издржат ригорозните режими на исхрана, оброкот во кој заборавате на правилата ви помага во забрзување на метаболизмот.

Висококалоричната храна ги покачува нивоата на лептин, хормон кој му испраќа сигнали на вашето тело дека сте сити. Кога телото е во калориски дефицит нивоата на лептин опаѓаат и го успоруваат метаболизмот за да ги чуваат подолго залихите на енергија. Затоа по одредено време на стриктно придржување кон правилата за исхрана доаѓа до стагнација во трошењето на вишокот калории. Со прекршување на овие правила го залажувате телото дека има залихи повеќе од оние кои му се потребни и дека може да го исфрли вишокот.

концептот cheat meal

Како да уживате во вашиот cheat meal без несакани последици?

Во зависност од вашиот фитнес план, во текот на еден месец имате шанса за 1 до 4 оброци во кои можете целосно да уживате. Еве како да ја искористите правилно.

1. Еден и само еден оброк

Често се случува по едно прекршување на режимот на исхрана да следи цел ден полн со „прекршоци“, особено за викенд, кога доаѓа време да се опуштиме од сѐ. Кога веќе сте изеле пица не е страшно да продолжите со калоричен десерт и коктел полн со шеќери, нели? Не паѓајте на ова искушение, инаку ќе се каете што воопшто сте ја изеле и пицата. Ќе внесете многу повеќе калории од оние кои се предвивидени со овој концепт кои ќе ве вратат неколку чекори поназад наместо да ви помогнат да ја постигнете целта.

2. Наградата следи само доколку сте се придржувале кон правилата

За да можете да си дозволите ваков излет мора да бидете добри претходно. 🙂 Ако забушавате со исхраната секој ден по малку, заборавете на cheat meal, ефектот ќе биде само негативен. Ако сте сериозни во намерата да се ослободите од вишокот масти, можете да си дозволите максимум едно прекршување во исхраната во текот на една недела.

3. Уживајте во наградата

Има разлика помеѓу cheat meal и „полнење“. Полнење“ е период во кој на телото му давате големи количини од избрани макронутриенти од кои сте го лишиле претходно во фаза на ригорозен режим за чистење од масти. Cheat meal е еден оброк во кој уживате без размислување и броење на макронутриенти и вклучува храна која не е на листата на најздравите избори. Значи, не поголеми дози стек и брокула, туку онаа калоричната, лоша храна што ја обожавате.

cheat meal награда

4. Не претерувајте

Cheat meal значи да јадете тоа што сакате, не сѐ она што можете да изедете. Не се прејадувајте, затоа што ќе ви биде тешко после тоа и уживањето во вашиот оброк нема да биде целосно. Но, внимавајте и на другата крајност. Шансите да изберете ден од викендот за омилениот оброк се големи, но тогаш можете и да внесете помалку калории од што ви се потребни, зависно од тоа што ќе јадете. За викенд најверојатно се будите подоцна, што значи дека и оброците ви се поместуваат за подоцна и можно е да имате 3 наместо вообичаените 5.

5. Избегнувајте ги празните калории

Не дозволувајте да ве понесе моментот на психичкото задоволство од можноста да јадете што сакате до тој степен што ќе заборавите на повисоката цел – хранење на телото. Избегнувајте ја конзервираната храна и онаа која е полна со вештачки вкусови, како на пример чипс, гумени бомбони и слични продукти кои имаат ниска нутритивна вредност. Наместо тоа изберете голем бургер, пица, гиро, палачинки, или која било друга храна која содржи јаглехидрати, масти и протеини.

6. Не ја заборавајте водата

Што и да изберете за вашиот cheat meal, ќе содржи голема количина на сол или шеќери кои ќе предизвикаат чувство на дехидрација и подуеност. Затоа пијте многу вода во тој ден за да обезбедите доволна хидрација на телото и да ги избегнете непријатностите.

7. Искористете ги калориите максимално

Висококалоричниот оброк ќе ви даде многу енергија. Зошто да не ја искористите? Испланирајте го оброкот во ден во кој ве очекува напорен тренинг, како што е тренингот за нозе на пример. Така ќе ги искористите калориите и за покачување на чувството на среќа од омилената храна и на чувството на задоволство од силата што ќе ја имате за вежбање, а ќе го избегнете чувството на каење. 🙂

тренинг после cheat meal

MarioFit

За авторот

Пјер