Фитнес

Кој вид на протеин е најдобар за вас?

Напишано од Пјер

Различните видови на протеински суплементи имаат различна намена и се консумираат во различно време за максимална ефективност. За да можете да изберете протеин кој ќе ви помогне да ги постигнете посакуваните резултати, ќе ги разгледаме својствата на петте најкористени видови протеински суплементи.

Whey концентрат

Ова е една од најбазичните форми на протеин која можете да ја најдете на полиците со суплементи, и тоа по пониска цена од другите, што го прави whey концентратот одличен за проба доколку не сте користеле слични производи до сега, или пак сакате да го зголемите внесот на протеини без поголеми трошоци. Можете да го користите и пред и после тренинг, како и во вид на ужина помеѓу оброци. Не е погоден за консумирање само навечер, кратко пред спиење, бидејќи може да ви биде тежок за варење.

Казеин

На казеинот му требаат 5 до 7 часа за комплетно да се раствори и апсорбира во телото, па затоа е идеален како оброк пред спиење, кој полека ќе ве храни со нутриенти во текот на ноќта. Тој се користи и како оброк преку ден, за подолго чувство на ситост и константно хранење на мускулниот систем со протеини со часови после пиењето на протеинскиот шејк. Уште една предност на казеинот е неговата висока содржина на глутамин кој го зајакнува имунитетот и помага во процесот на опоравување.

Whey изолат

Изолатот е еден од најбрзо апсорбирачките видови на протеин, идеален за оние кои практикуваат исхрана со мал внес на јаглехидрати заради многу ниската содржина на шеќери и други облици на јаглехидрати. Овој вид на протеин е одличен за консумирање пред и после тренинг бидејќи брзо се апсорбира во мускулите со што им помага во растот и опоравувањето.

Хидролизиран протеин

Хидролизираниот протеин е еден од најскапите извори на протеин бидејќи е и најквалитетниот кој можете да го најдете. Содржи пептиди со извонреден анаболички ефект, т.е. најбрзо апсорбирачки протеини. Овој вид на протеински суплемент е многу полесен за обработка на дигестивниот систем во споредба со концентратот. Може да се користи пред и после тренинг.

Протеин од соја

Одлично решение за оние кои бараат вегетаријански извор на протеин. Полн е со глутамин и БЦАА – есенцијални аминокиселини со разгранет ланец кои помагаат при опоравување и аргинин кој обезбедува побрзо апсорбирање на нутриентите во мускулите. Сојата го регулира холестеролот и го забрзува метаболизмот, со што помага во ослободувањето од вишокот масти. Овој вид на протеин може да се користи пред и после тренинг, и во кој било период од денот кога сакате да го зголемите внесот на протеини, освен пред спиење.

Се надевам дека сега работите се малку појасни и дека добар дел од вашите дилеми се решени. Но, ако сепак не сте сигурни кој од најпопуларните видови на протеински суплементи е соодветен за вас, ви препорачувам да почнете со нешто поедноставно како што е whey концентрат, или комбинација од концентрат и изолат за да видите какви резултати ќе имате пред да почнете со користење на поскапите опции како што е хидролизираниот протеин. Многу луѓе се задоволни од резултатите на овие производи и ги користат со години. На оние кои имаат проблем со толеранција на лактоза потребен им е изолат.

Што и да изберете, почекајте да помине време за да ги евалуирате резултатите. Протеинските суплементи не се како стимулансите, нивниот ефект не можете да го почувствувате веднаш. Ќе треба да ги користите барем еден месец пред да можете да донесете конечна одлука дали сте го направиле вистинскиот избор. Доколку ви треба совет или дополнителни информации на оваа тема, слободно контактирајте ме.

MarioFit

За авторот

Пјер