Uncategorized Омилени места

Литература.мк од интернет на улица Македонија

Напишано од Нино
Книжарницата „Литература.мк“ од интернет се сели на улицата „Македонија“
Во строгиот центар на Скопје, на најфреквентната пешачка артерија, се отвора ексклузивна книжарница „Литература.мк“, која од интернет сега се сели на улицата „Македонија“, бр. 21 (спроти спомен-куќата на Мајка Тереза).
„Литература.мк“ постои на интернет веќе пет години, а сега ја отвора и својата прва „физичка“ продавница. Во простор од 80 m2, со врвно ентериерно уредување, книжарницата „Литература.мк“ ќе ги донесе светските книжарски трендови во Скопје и изданијата на најголемите домашни издавачки куќи, задоволувајќи го вкусот и на најпребирливите вљубеници во книгата.
Како веќе препознатливо место за страсните љубители на книгата, вљубеници во пишаниот збор и талкачи низ бескрајниот литературен простор, „Литература.мк“ ќе понуди богата програма, разни случувања и содржини секој ден, наменети за сите возрасти и за сите вкусови: литературни и музички дружења, гостувања на домашни и на странски автори, креативни средби и едукативни работилници за најмалите читатели итн.
„Нашата визија беше книжарница каква што вистински ù прилега на улицата ’Македонија‘, ’најважната улица‘ во Скопје што отсекогаш била симбол за престиж. Улицата ’Македонија‘ е колепката на македонското граѓанство и отсекогаш била средиштето на напредокот и на новата мисла, центар на интелектуалниот, трговскиот, па и на ноќниот живот на градот“, вели Дарко Фиданоски, еден од сопствениците на книжарницата „Литература.мк“. „Сакаме ’Литература.мк‘ да го врати тој сјај и живот на улицата ’Македонија‘, да биде сврталиште на љубителите на книгата, на случајните минувачи, на уметниците, бизнисмените, на студентите, пензионерите, на намерниците кои тргнале во саботен шопинг, на љубителите на добро кафе и добра музика“, додава Фиданоски.
Книжарницата „Литература.мк“ на улицата „Македонија“ ги отвора вратите на 15.10.2016 во 19.30, а веќе од понеделник почнува со најавената програма и со предвидените содржини.
„Литература.мк“ претендира да прерасне во вистинска „книжарница на Македонија“, почнувајќи од улицата „Македонија“, епицентарот на метрополата, и ширејќи ја својата мрежа низ целата земја.

За авторот

Нино

Нино е алфа и омега за техничкиот дел, неговата работа е одржувањето на моторот кој го движи Friday. Кога не работи на Friday обично дизајнира сајтови во Why Not Communications, прописно навлечен на сите серии кои вклучуваат магии и змејови обожава кафе и музика. Доколку нешто не функционира на Friday како би требало или вашиот банер доцни со поставување тој е човекот кој би требало да го обвините :)