Храна

Можете ли да го „програмирате“ вашето тело да топи масти?

Напишано од Пјер

Борбата против досадните масти е континуиран процес и никогаш не можете со сигурност да кажете дека сте победиле. Штом се опуштите малку тие повторно се враќаат во игра. За среќа, постојат трикови со кои можете да го поттикнете вашето тело континуирано да топи масти и да се одржува во здрава, фит форма.

Ако го земеме во предвид фактот дека исхраната учествува со повеќе од 70% во нашата форма, јасно е дека со секој оброк влијаете на вашите поени во играта против вишокот масти. Затоа ќе разгледаме неколку видови на храна кои во комбинација со редовна физичка активност ќе ви помогнат да останете „чисти“.

храна што топи масти

Храна која има моќ да топи масти

Направете ги овие неколку видови храна база на вашите оброци и уживајте во позитивните промени кои ќе му се случуваат на вашето тело.

Протеини

Не сте изненадени, нели? Протеините се провлекуваат низ секоја тема поврзана со фитнесот, но верувајте дека постои добра причина за тоа, особено кога се зборува за ослободување од вишок масти. Протеините предизвикуваат висок термогеничен ефект во телото, бидејќи е потребно повеќе енергија за нивно дигестирање. Со вложувањето на дополнителна енергија за да го разгради протеинот, телото го забрзува метаболизмот кој работи во ваша полза уште долго време откако ќе завршите со јадење. Уште една карактеристика која ги прави протеините идеална храна е тоа што мала количина од нив ве држи сити подолго време.

Најголема количина на протеини можете да внесете преку месо, риба и јајца, со тоа што треба да внимавате на неколку работи. Јадете повеќе чисто месо како што е пилешкото и мисиркиното, а поретко црвено месо. Иако е добар извор на Б витамин и железо, црвеното месо содржи повеќе масти и може да му наштети на вашето здравје доколку претерате со негово консумирање.

Јајцата исто така содржат голема количина на протеини и витамин Б12 кој му помага на телото побрзо да ги согорува мастите, но и тие треба да се земаат во ограничени количини бидејќи можат да предизвикаат алергии. Што се однесува до рибата, почесто јадете од онаа која не е многу масна, но вклучете барем еднаш во неделата риба која содржи поголема количина од здравите омега-3 масти, како што е лососот.

Протеинот од млечна сурутка (whey протеинот) е одличен избор за надополнување на дневниот внес на протеини, не содржи непотребни калории и ефективно топи масти.

храна што топи масти - протеини

Мешункасти плодови   

Оваа храна е одличен извор на протеини за оние кои не сакаат да јадат многу месо. Всушност, заради нејзината нутритивна вредност, треба да се најде на менито и на оние кои јадат месо. Мешункастите плодови (грав, грашак, леќа) содржат малку калории, а полни се со протеини и минерали како што е железото. Тие исто така содржат голема количина на  растителни влакна кои се одличен макронутриент  за подобрување на дигестивнот систем, што ги прави едни од најдобрите намирници за поттикнување на процесот на топење масти.

Јаткасти плодови

Ако можете да ги консумирате во ограничени количини, јаткастите плодови се храна која топи масти. Единствениот проблем со нив е искушението да се претера, и наместо една рака, да изгрицкате 100 грама за неколку минути. Освен тоа што го забрзуваат метаболизмот, јаткастите плодови содржат здрави масти и протеини, така што мала количина од нив може да ве држи сити долго време.

храна што топи масти - јаткасти плодови

Цимет и лути пиперчиња

Циметот помага во стабилизирање на нивоата на шеќер во крвта. Затоа, со додавање на цимет во вашите оброци го спречувате телото да складира вишок масти и го поттикнувате да троши поголема количина на гликоза за енергија.

Лутите пиперчиња се познати како храна која топи масти и калории, заради една нивна состојка која се вика капсаицин. Капсаицинот ослободува топлина која влијае на целото тело и на метаболизмот, и со тоа го активира процесот на топење на вишокот масти. Капсаицинот е најчесто присутен во индиската и кинеската храна.

Житарки

Зарем можете да консумирате јаглехидрати и да топите масти истовремено? Да, но со внимателен избор на изворот на јаглехидрати. Интегралните тестенини, интегралниот ориз, овесните каши, интегралниот леб и генерално секоја храна од цело зрно на житарки содржи многу мала количина на масти и голема количина на растителни влакна. Затоа, исто како и протеините, оваа храна топи масти заради тоа што на телото му е потребно повеќе енергија за да ја разложи и да ја апсорбира. Освен тоа, ве држи сити подолго време и не дозволува нагли падови на шеќерот во крвта.

Интересно:  12 фитнес правила кои треба да ги научите веднаш

храна што топи масти - овесна каша

Млечни производи со ниска масленост

Млечните производи се одличен извор на калциум и витамин Д, кои што учествуваат во процесот на хранење на коскениот и мускулниот систем. Но, стандардните млечни производи содржат висок процент на масти и од таа причина поретко се наоѓаат во фитнес плановите за исхрана. Но, ако консумирате млечни производи со ниска масленост, ќе го избегнете овој проблем, а на телото ќе му дадете протеини кои ќе го поттикнат вашиот метаболизам да топи масти.

Кафе и зелен чај

Зелениот чај е позната „алатка“ кога се работи за ослободување од вишок килограми и телесни масти. Неговите позитивни својства се должат на полифенолите кои делуваат како моќни антиоксиданси, како и на катехините кои ја зголемуваат термогенезата во телото и го поттикнуваат метаболизмот да ги троши мастите како извор на енергија. Зелениот чај исто така содржи кофеин, кој ја забрзува работата на срцето и го поттикнува телото побрзо да согорува калории. Токму овој ефект на кофеинот го прави и кафето одличен стимуланс за топење масти. Кафето го стимулира адреналинот во телото и го забрзува метаболизмот.

храна што топи масти - кафе и зелен чај

Запомнете дека во фитнесот не постојат „диети“, туку режими на исхрана кои треба да ги применувате долготрајно. Затоа, внимателно вклучете ги овие видови храна во вашиот план на начин кој сметате дека најдолго ќе функционира за вас и програмирајте го вашето тело континуирано да топи масти.

За авторот

Пјер