Креатива Музика

Музичка нарација на ликот на мистериозниот Filch

Напишано од martin

Filch е новиот мистериозен лик чие појавување од неодамна можеме да го забележиме на социјалните медиуми. Никој не знае од кај дојде, кој е и кај оди. Единствено што знаеме до сега е дека не сака да зборува, но ужива во набљудување на месечината и во слушање музика. Всушност, музиката го дефинира неговото постоење. Без неа се чини дека би имал сериозни проблеми да ја сфати смислата на неговото постоење.

Filch секогаш се појавува и исчезнува незабележано, дури и најревносните набљудувачи не можат да го фатат моментот на неговото пристигнување или заминување. Можеме да бидеме сигурни дека Filch ќе биде тука само кога ќе ги видиме заедно петте момци чија заедничка особина е желбата да создадат музика која звучно ќе ги отслика најдлабоките емоции и впечатоци од животот. Само тие ја знаат целата приказна за него, а ја раскажуваат експресионистички преку спојување на нивните инструменти: Бранко Сапламаев – клавијатури, Дарко Стојоски – гитара, Златко Андријевски – гитара, Теодор Бошков – бас, Гишо Динев – тапани.

filch

Фото: Ѓорѓи Вацев

Инструменталниот состав Filch е пред прагот на обелоденување на својот прв албум. Се работи за група на музичари кои свират заедно подолго време, а во последните две години создаваат авторска музика во овој состав.

Бендот влегува во студио во ноември 2016 година, снимајќи ги првите четири композиции од претстојниот албум, во студиото во Макотекс. Подоцна, во декември, истото студио гори целосно, уништувајќи ја речиси целата опрема со која овој состав располага. Со ова значително се успорува создавањето на албумот. Сепак, после период на опоравување од овој шок и со помош на пријателите и колегите, Filch повторно застанува на нозе, завршувајќи го снимањето на албумот во импровизирано студио на југот, во Богданци.

filch 2

Фото: Ѓорѓи Вацев

Зад целото снимање и продуцирање стои Ѓорги Вацев. Дизајнот и илустрациите се дело на Дарко Стојоски. Првиот албум се очекува да излезе со концертна промоција во септември годинава.

Следете го Filch на Facebook и Instagram и бидете во тек со неговото секојдневие.

filch room

Илустрација: Дарко Стојоски

За авторот

martin