Најново

Премиера на смартфонот OnePlus 5

Напишано од Пјер

OnePlus е компанија која веќе неколку години се натпреварува исклучиво во високата класа со своите паметни телефони, но со цената на уреди од средната класа. Сепак, цената на нивните смартфони растеше од година во година и најновиот OnePlus 5 модел е телефон кој веќе не може да се наречен евтин, особено не ако се погледне останатата кинеска конкуренција.

Спецификациите на OnePlus 5 се и натаму врвни – ова е заштитен знак на компанијата уште од првиот модел. Процесорот е Snapdragon 835 помогнат од 6 GB рам и 64 GB простор во основната верзија и 8 GB рам и 128 GB простор во помоќната верзија. Заедно со супер лесниот Oxygen софтвер на компанијата, според првите рецензии овие спецификации овозможуваат најдобри перформанси од сите Android смартфони досега, што значи дека ако барате само брзина, ова ќе биде веројатно најдобриот телефон.

Но, главен фокус кај OnePlus 5 не е во брзината, туку во камерата. Задната камера на пример има една леќа со 16 мегапиксели и f/1.7 бленда и уште една леќа со сензор од 20 мегапиксели со потесен агол и f/2.6 бленда. Слично на iPhone 7 Plus, оваа комбинација треба да овозможи своевиден оптички зум, поостри слики и полесно изолирање на субјектот од позадината.

Предната камера пак има 16 мегапиксели со f/2.0 бленда, што е одлична бројка. Сите овие спецификации звучат навистина импресивно, но првите рецензии од прилично реномирани публикации, велат дека камерите сепак не се на нивото на најдобрите. Една од причините за тоа е веројатно недостатокот на оптичка стабилизација, која ја има скоро секој друг конкурент.

Онаму каде OnePlus 5 не доби надградби е во делот на дисплејот, кој и натаму има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција и иако се работи за AMOLED, тој е од малку постара генерација. Исто така, батеријата има 3.300 mAh, што не е премногу, но затоа таа поддржува Dash Charge брзо полнење, кое на тестовите се покажува како најбрзо од сите смартфони.

Промени кај OnePlus 5 има и однадвор – телото е сега потенко за 1,5 mm (7,25 mm), но дизајнот неодоливо потсетува на iPhone 7 Plus. Ова за некои може да е предност, но таргет групата на OnePlus, корисниците кои сакаат максимум перформанси од својот телефон, сигурно не сака смартфон кој ќе биде своевидна копија.

Цената на новиот OnePlus 5 почнува од 479 долари за основниот модел, која заедно со трошоците за испорака може да се покачи над 500 долари. Ова се пари за кои може да се купи и врвен смартфон од високата класа од Xiaomi и Huawei, па затоа и цената веќе не е главен адут на OnePlus, барем не како порано. Сепак, да оставиме времето да покаже дали изборот на цена со спецификации и можности е вистинскиот – пазарот најдобро ќе го оцени тоа.

Denar.mk

За авторот

Пјер