Економија

Просечниот Македонец има кредит од 1.000 евра!

Напишано од Нино

Просечниот Македонец има кредит од 1.018 евра, за една година се задолжил за дополнителни 67 евра.

Според последните податоци на Народната Банка (НБРМ) вкупните кредите дадени на домаќинствата во јануари 2017-та достигнале 2 милијарди и 109 милиони евра, а во јануари 2016-та 1 милијарда и 969 милиони односно 140 милиони евра помалку.

Месечниот раст на кредитите е 0.3%, а годишниот 7.1%.

„Месечниот и годишниот раст главно произлегуваат од зголемените денарски кредитни пласмани на банките и штедилниците кај домаќинствата“, објаснуваат од НБРМ.

Најголем дел од кредитите се денарски (нивната вредност надминува 2 милијарди евра), а многу помал дел се со валутна клаузула (околу 100 милиони евра).

Околу половина од кредитите се потрошувачки (1 милијарда и 61 милион евра), следат станбените (564 милиони евра), па минусите на кредитните картички (200 милиони евра). Автомобилските кредити изнесуваат само 5.1 милион евра и имаат тренд на натамошно намалување (месечен и годишен пад од 1.9% односно 16.4%).

За разлика од растот на кредитирањето кај населението, кај компаниите има намалување. Вкупните позајмици во јануари 2017-та биле 2 милијарди и 370 милиони евра, а во јануари 2016-та 2 милијарди и 485 милиони или 115 милиони евра помалку.

„Сепак, доколку се исклучи ефектот од преносот на сомнителните и спорните побарувања од билансна во вонбилансна евиденција, согласно со одлуката на Народната банка, кредитите на корпоративниот сектор бележат годишен раст од 2.8%“ објаснуваат од НБРМ.

И депозитите бележат раст на годишна основа од 6.7% и покрај пролетните турбуленции кога поради шпекулациите за наводна девалвација и несигурност имаше позначајни повлекување на заштедите.

Вкупните депозити во јануари биле 5.2 милијарди евра, од нив 3.5 милијарди се заштеди на домаќинствата, а околу 1.7 милијарди на компаниите.

Денар.мк

За авторот

Нино

Нино е алфа и омега за техничкиот дел, неговата работа е одржувањето на моторот кој го движи Friday. Кога не работи на Friday обично дизајнира сајтови во Why Not Communications, прописно навлечен на сите серии кои вклучуваат магии и змејови обожава кафе и музика. Доколку нешто не функционира на Friday како би требало или вашиот банер доцни со поставување тој е човекот кој би требало да го обвините :)