Фитнес

ПсихоФит: Како да си поставите реални фитнес цели?

Напишано од Пјер

Зошто е важно да бидете реални во поставувањето на вашите фитнес цели? Едноставно – за да се поштедите од разочарувања и фрустрации кои ќе ве донесат до откажување од идејата да го подобрите квалитетот на вашиот живот, а претходно ќе ве „мотивираат“ на тренинзи и исхрана кои нема да можете да ги издржите на долг рок.

Практично, разликата во чувството кое го имате за исходот од реални и нереални цели би изгледало вака: ако очекувате да намалите 5 килограми за 3 месеци, а успеете да намалите 4, тоа ќе ве мотивира да се потрудите уште малку за да ја достигнете целта. Но ако очекувате да намалите 15 килограми за 3 месеци а успеете да намалите 4, тогаш чувството на неуспех ќе ја убие во вас секоја надеж дека нешто може да биде подобро.

последици од нереални фитнес цели

Континуираниот процес на намалување на вишокот килограми се случува со темпо од околу 0,5 до 1 килограм неделно, зависно од вашата генетика, посветеноста на фитнес планот и од вашата стартна тежина. Колку повеќе килограми вишок имате, толку е поверојатно дека брзо ќе намалите во првите неколку недели. Како што се доближувате кон идеалната тежина, овој процес ќе се успорува.

Го земам намалувањето на тежината како пример, но ова еднакво важи и за процесот на зголемување на телесна и мускулна маса.

Од каде доаѓаат нереалните фитнес цели?  

Нереалните очекувања се често резултат на ветувањата на „магичните“ програми и препарати кои наводно можат да ве претворат во фитнес модел преку ноќ. Иако ослободувањето од вишокот масти и килограми може да се случи брзо, тоа не е секогаш идеалното решение. Прво од здравствени причини, второ заради ризикот да се исцрпите во процесот и да почнете несвесно да надокнадувате за тоа, со што полека ќе се вратите на старите навики и формата од која не бевте задоволни.

Другиот можен извор на нереални фитнес цели е тенденцијата да бидете исклучително успешни во сѐ што правите, па тоа нормално ќе важи и за овој предизвик. „Треба да вежбам 6 дена во неделата? Да пијам вода наместо пиво и да јадам брокула наместо пица? Нема проблем!“ И ова ќе важи 2, максимум 3 недели. Потоа ќе се случи еден излет, ќе пропуштите неколку тренинзи од Х причини, ќе се напиете по некоја пијачка на некој важен настан. И ова е сосема нормално, но вие ќе го доживеете како страшно потфрлање и неспособност да истраете во вашата цел.

нереални фитнес цели

Во фитнес психологијата неформално се користи изразот „синдром на лажна надеж“ кој го опишува разочарувањето од сознанието дека реалноста е далеку од вашите очекувања. Тоа води кон игнорирање на сите успеси што сте ги постигнале и претерано фокусирање на сѐ што не сте успеале да постигнете. Тогаш се обвинувате себеси за сѐ што не е „како што треба да биде“ и губите надеж дека некогаш нешто ќе се промени, па затоа и престанувате да се трудите да превземете било какви мерки.

Како да се заштитите од последиците од нереалните очекувања?

Првиот чекор е да ги детектирате ваквите очекувања. Ако имате чувство дека треба да го свртите целиот стил на живот наопаку на одредено време, со сите навики кои сте ги стекнале до сега, тоа значи дека имате нереални фитнес цели. За да видите промени треба да направите промени, но тоа не треба да значи претворање во нов човек преку ноќ.

Следниот чекор е справување со ваквите очекувања. Разгледајте ги реално времето, енергијата и ресурсите кои ги имате и на кои што можете да влијаете во процесот на остварување на вашата цел. Потоа размислете како можете најрационално да ги вклучите во долгорочен план, бидејќи само така ќе видите вистински резултати. Игнорирањето на препреките што можат да се појават во процесот или форсирањето да постигнете многу за кратко време може само да ви нанесе штета и емоционално и физички.

Не заборавајте дека потешкиот дел од приказната е одржувањето на формата, а не нејзиното постигнување. Она што треба да го правите за да ја намалите телесната тежина е тешко да се држи во континуитет долго време, а конзистентноста е најважна во овој процес. Затоа ако правите нешто во што не уживате или одите во екстреми кои по одредено време во водат кон психолошки пад, веднаш престанете. Најдете начин да уживате во процесот или модифицирајте ја вашата фитнес програма.

програма според фитнес цели

Не ги поврзувајте вашите фитнес цели со другите аспекти од животот. Често пати луѓето мислат дека со промената на физичкиот изглед нивниот живот ќе стане идеален. Неоспорна вистина е дека фитнесот ќе го подобри квалитетот на вашиот живот, ќе внесе повеќе енергија и чувство на задоволство во него, но нема да ги реши другите проблеми. Желбата за подобрување е одлична, но не ја барајте среќата во бројките на вагата, во траката за мерење или во огледалото, затоа што секогаш ќе има уште нешто што може да се поправи. Насочете се кон подобро здравје, повеќе сила и енергија за водење на поисполнет живот. Правете мали подобрувања на себе, чекор по чекор, кои ќе бидат ваши мали победи што ќе ве мотивираат да се вложите уште повеќе за уште подобри резултати.

И не заборавајте – грешките се неизбежен дел од процесот. Научете да си ги простувате.

MarioFit

За авторот

Пјер