Uncategorized Живееме здраво со Polleo Sport Фитнес

Психолошки бенефити од вежбањето со тегови

Напишано од Нино

Грижата за здравјето и телото без сомнение носи безброј предности, без разлика на тоа каков тип на вежби практикувате. Но, вежбањето со тегови носи физички и психички предизвици кои, ако имате цврста волја да ги издржите, се претвораат во предности кои ќе ви бидат од голема корист во сите аспекти од животот.

Физичките промени од вежбањето со тегови се очигледни и за нив сме зборувале многу пати до сега. Но, овој пат ќе посветиме внимание на промените кои не можете да ги видите така лесно сè додека не ги доживеете. А кога еднаш ќе ги доживеете, ќе сфатите колку го подобруваат квалитетот на вашиот живот. Тие ќе ви помогнат полесно да се справувате со препреките и да ги остварувате вашите цели во кој било аспект од животот.

1. Ментална сила

Вежбањето со тежини бара одреден степен на ментална сила од самиот почеток. Во теретана сте сами со теговите и со вашите мисли. А често се случува да не ви се вежба – сте имале напорен ден, тажни сте, лути сте, или едноставно ви се прави нешто друго во моментот. Во овие моменти потребна е голема волја да застанете и да си кажете „ова мораш да го направиш сега, ќе се чувствуваш супер потоа“. Дури и откако ќе увидите дека е навистина така по одредено време откако ќе почнете со вежбање, ќе имате денови во кои ќе треба самите на себе да си одржите мотивациски говор за да се потсетите зошто треба да влезете во теретана или пак да ги зголемите тежините со кои вежбате. На овој начин ја зајакнувате вашата ментална сила и без да забележите започнувате да ги применувате овие стратегии во сите други тешки ситуации со кои се сретнувате.

vezbanje-so-tegovi-mentalna-sila

2. Самодоверба

Сигурно сте забележале дека луѓето кои редовно вежбаат демонстрираат поголема самодоверба, но најверојатно сте мислеле дека таа доаѓа од задоволството со нивниот физички изглед. Ова секако има свој удел, но поголемиот дел од самодовербата доаѓа од умот. Веднаш по првото успешно мотивирање на самите себе вашата самодоверба почнува да расте, дури и кога не ги гледате резултатите на вашето тело. Сознанието дека сте способни самите на себе да си го дадете „ветрот во едрата“ кој ви е потребен да се изборите со некоја препрека ќе направи да се чувствувате подобро. А штом вие се чувствувате исполнето, полесно ќе ви биде да ги мотивирате и луѓето кои ве опкружуваат да постигнат повеќе.

vezbanje-so-tegovi-samodoverba

3. Самодисциплина

За да постигнете резултати во вежбањето со тежини неопходно е да си поставите цел и да бидете конзистентни во процесот на нејзиното остварување. За ова е потребна самодисциплина. Ќе имате подобри и полоши денови, и периоди во кои ќе гледате поголеми или помали резултати од очекуваните. Во секоја од овие ситуации ќе морате да бидете истрајни и да се движите по патеката која води до вашата цел, во поглед на редовно вежбање и правилна исхрана. Штом ќе забележите дека ја имате умствената сила која е потребна за ваква самодисциплина во вежбањето, ќе можете да ја примените во останатите аспекти од вашиот живот.

vezbanje-so-tegovi-samodisciplina

4. Упорност

Вежбањето со тегови е голем предизвик. Се случува да дојдете во ситуација да не можете да ја довршите серијата која сте ја започнале. Но, ако сакате резултати ќе мора да најдете сила да ја завршите. Ако на ова го додадете фактот дека треба да помине малку време за да ги видите резултатите, ќе увидите дека упорноста е неизбежна. Кај ваквиот тип на вежбање умствената и физичката сила доаѓаат токму од моментите кога треба да одлучите дали ќе се откажете или ќе ја довршите вежбата која сте ја започнале. Кога по одредено време резултатите од вашата упорност ќе станат видливи, тие ќе ви дадат волја да се борите со останатите препреки во животот со истата таа упорност.

vezbanje-so-tegovi-upornost

Благодарение на мојата работа, често сум сведок на моментите кога луѓето кои дошле да вежбаат со идеја да го променат своето тело откриваат дека тоа всушност го менува нивниот живот од многу аспекти. И можам да ви кажам дека чувството е непроценливо! Излезете од зоната на комфор и границите кои самите сте си ги поставиле и за кратко ќе сфатите колку многу сте способни да постигнете.

vezbanje-so-tegovi

За авторот

Нино

Нино е алфа и омега за техничкиот дел, неговата работа е одржувањето на моторот кој го движи Friday. Кога не работи на Friday обично дизајнира сајтови во Why Not Communications, прописно навлечен на сите серии кои вклучуваат магии и змејови обожава кафе и музика. Доколку нешто не функционира на Friday како би требало или вашиот банер доцни со поставување тој е човекот кој би требало да го обвините :)