Интервјуа

Росана Јанков – женствена и модерна деловна жена

rosana_jankov_bella
Напишано од martin

Ликот на Росана Јанков несомнено ви е веќе познат – како портпарол на АМСМ секојдневно гостува во ТВ емисии за новости поврзани со компанијата и совети за безбедност со сообраќајот, а приватно е присутна на речиси сите поголеми настани во градот, како и на социјалните медиуми. Но, она што го привлекува вниманието кон оваа млада дама е нејзината широка, искрена насмевка и беспрекорниот стил.

Покрај успехот во кариерата, активниот социјален живот и грижата за изгледот, таа е посветена сопруга на познатиот виолинист Никола Јанков-Коки и мајка на осумгодишната Лара, задачи кои не се воопшто лесни кога треба секојдневно да „жонглирате“ со нив. Но, Росана ужива во секоја од овие активности, а тоа е очигледно клучот за нивно успешно реализирање.

1. Моментално се наоѓаш на одговорна работна позиција со голем број обврски. Како изгледа еден твој работен ден?

Како портпарол во кабинетот на Генералниот Секретар на АМСМ задолжена сум за пренесување на сите информации до јавноста, што е крајно одговорна работа, бидејќи тука повеќе од сè важи правилото дека секој збор има своја тежина.

Вообичаениот работен ден ми започнува со кафе и следење на медиумите (социјалните мрежи, порталите) за да бидам во тек со актуелните случувања, а често пати и со состаноци со тимот, брифинзи со Генералниот Секретар, брифинзи со новинарите… Работата ми е прилично динамична, но ми претставува вистинско задоволство бидејќи го работам тоа за кое сум учела и кое веројатно најдобро знам да го правам. Сметам дека кога човек е среќен со тоа што е и со тоа што го работи на долг рок резултатите не можат да изостанат.

росана јанков АМСМ

2. Досега имаш постигнато многу успеси на работно поле. На што се должат тие? Можеш ли да издвоиш некои на кои си посебно горда?

Во принцип сум многу самокритична, многу абициозна, имам високи критериуми и цели во кариерата, но и генерално во животот и сметам дека овие особини се клучни за успех. Многу сум млада за да кажам дека сум го достигнала врвот, оној големиот успех, сè уште сметам дека допрва доаѓаат моите „5 минути”. Секако, потврда на вложениот труд и работа во АМСМ се низа интерни признанија кои ми се особено драги, како што е наградата за посебен придонес во односите со јавноста (2013г), пофалницата за промоција на АМСМ (2015г) и други признанија во облик на пофалби од корисници, колеги, клиенти… Посебно драга ми е ПРО. ПР наградата што ја добив за најдобар ПР од Македонија за 2015 година, а која беше доделена на островот Крк во Хрватска.

3. Како успеваш да ги балансираш деловниот и приватниот живот?

За да биде човек успешен прво треба да има јасна цел, а потоа неуморно да работи на нејзино остварување и притоа да остане фокусиран независно од тоа што во текот на остварувањето се случува. Во целиот овој процес поддршката на семејството е најважна. Среќна сум што како сопруга на јавна личност, на човек со набиена агенда која не ретко ме става и во улога на мајка и во улога на татко истовремено, успевам да останам фокусирана на моите цели, активно да го поддржувам остварувањето на целите на мојот сопруг, без притоа да ги запоставам детските, но еднакво важни цели на мојата ќерка.

Уште посреќна сум што ова е взаемно, и што мојот сопруг уште од почетокот беше, и сè уште е мојата најголема поддршка, подготвен за добар совет во секое време. Голем дел од мене, од тоа како низ годините „пораснав“ и во каков човек се претворив се должи токму на неговото влијание и инсистирање дека чесноста и професионалноста никогаш не се залудни.

4. Важиш за една од најдобро облечените жени од македонскиот јавен живот, со внимателно негуван и уникатен стил. Кои се твоите омилени модни комбинации и каде најчесто ги наоѓаш?

Ви благодарам. Ова се должи најмногу на културата на живеење која ја имам стекнато уште од најрана возраст, благодарение мојата баба и мојата мајка од кои додека растев учев и гледав како една дама треба да изгледа и да се однесува, па природно беше во еден момент тоа да излезе од мене.

Од мојата баба, која за жал повеќе не е меѓу нас, но е еден од најсаканите ликови во моето срце, научив што значи педатно, чисто, уредно, складно. Таа секогаш ми велеше: „Облечи се, а тие што треба да видат знаат што треба да се види“ 🙂 Нејзиниот совет ме води низ годините, па така денес гордо се дефинирам како класичен тип. Сакам класика со шик детали кои се одраз на мојот карактер. Сакам префинетост и уникатност, не сакам униформираност, не патам по врвни светски модни брендови иако носам парчиња и од нив. Мојот моден избор за секојдневните комбинации е „Bella“, и ако погледнете низ годините наназад, најчесто можете да ме видите во нивна облека. Во приватниот живот сакам спортска облека и полежерен стил, но и тогаш се водам од моето мото „никаде без кармин“ 🙂

росана јанков Bella

5. Од неодамна стана заштитно лице на модниот бренд „Bella“ каде ја претставуваш модерната и деловна жена. Колку според тебе е важен изгледот и како мислиш дека треба да изгледа една успешна и стилски облечена жена?

Тимот на “Bella” си ја знае работата. Верувајте и пред да станам дел од таа приказна јас бев Bella 🙂 Mи се допаѓа тоа што се држат до класиката, но секогаш се во чекор со модните трендови. Таму секогаш можам да најдам модерни комплети каде согласно протоколите, здолништето е под колена. Но она што најмногу ме фасцинира е квалитетот кој е карактеристичен за нив. Сè уште ги носам пантолоните од “Bella” кои ги носев за мојата матура 🙂

6. Би споделила ли некои модни совети кои ги имаш научено и ги практикуваш?

Бескомпромисна сум и не прифаќам изговори од типот „немам време, имам премногу обврски, имам деца…“ Жената е дама од своето раѓање и не треба могу време ниту пари за тоа да дојде од израз. Потребна е само желба.  Без оглед што правите и дали некаде излегувате или останувате дома, чиста и средена коса, лак на ноктите и малку кармин на устата можат да направат да се чувствувате како најубавата жена и кога чистите, и кога спортувате.

Мојот совет до сите девојки, жени е дека одраз на женственоста не е длабокото деколте или мини сукњата. Вистинската женска убавина се гледа од сјајот во очите, од ставот и држењето на телото, од начинот на кој гестикулирате и начинот на кој зборувате. Никогаш не престанувајте да се грижите за себе, за својата внатрешна убавина и никогаш не престанувајте да се стремите кон тоа да бидете најдобрата верзија од себе, приватно и професионално.

За авторот

martin