Интервјуа Музика

Што се случи со Day Off?

day-off-004
Напишано од Пјер

Прашањето кое кружи низ градот веќе неколку дена, а на кое никој не е сигурен дека го има вистинскиот одговор. Што се случи со бендот кој е заслужен за безбројни “epic” забави во изминатите 22 години, од приватни забави, мото собири, до гала настани во нашите ексклузивни хотели, па дури и на прославите на Амбасадата на САД во Македонија за нивниот познат Independence Day.

Како фанови на Day Off, веста дека нешто се случува таму нè заинтересира да поставиме прашања каде што знаеме дека ги има одговорите – кај основачот и фронтмен на бендот Тони Крстески, кој сите го знаеме како Крле. Оние кои барем малку го познаваат, добро знаат дека воопшто не е фан на медиумски претставувања, па затоа одлуката да излезе во пресрет на нашето барање за интервју ја сметаме за вистинска привилегија. Крле, јавно ти се заблагодаруваме за довербата! :)

1. Како започнува приказната за Day Off?

Кога си млад и имаш 24 години сакаш да покажеш различен дел од себе. Сакаш музика, сакаш добра забава и нови работи. Јас сакав да имам бенд и оттаму се формираше идејата за Day Off. Во првиот состав на бендот членуваа Танче Гроздановски-Тане на гитара, Крива на тапани и Педо на бас гитара. Првата официјална свирка ја имавме во локалот Subway (спроти Дом на градежници), на 22 октомври, 1994 година. Подоцна во бендот влегоа Димитар Петров-Диме на тапани и Влатко Јаневски на бас гитара. Јас, се разбира, останав да го чувам бендот од своето постоење до денес. Точно 22 години. :)

day-off-002

Photo by: Dimitar Lazarevski – Jimmy

2. Како се роди името Day Off?

Името Day Off за мене има длабоко, посебно значење. Во периодот кога се формираше бендот бев решен дека сакам да имам квалитетна опрема, можеби и бев меѓу првите во Скопје кој купил комплетен разглас за бендот. Во тоа време многу значеше бенд што има свирки да има добар електричен звук. Знам да бидам многу упорен кога нешто многу сакам, па така работев дупли смени на работа за да соберам што е можно повеќе пари и да купам подобра опрема. Така, секое слободно време за мене беше скапоцено. Ви текнува, тој еден посебен слободен ден. Тој еден Day Off кој на сите многу нѝ значи. Оттаму и името на бендот.

3. Дали претпоставуваше дека приказната на Day Off ќе трае толку долго време?

Никогаш. Кога работиш нешто во што уживаш не размислуваш колку ќе трае. На почетокот ми се чинеше дека ќе бидат неколку години додека не најдам друга “сериозна” работа. Еве ме уште со мојот бенд и „несериозната“ работа. За тоа се заслужни сите луѓе кои на каков било начин биле дел од приказната на Day Off и нивната позитивна енергија која ми беше и сеуште ми е мотив да продолжам. Кога ќе допреш до некого со музика, песна, е тоа е она вистинското. Тоа е интересен круг на емоции, оние од бината и оние од луѓето кои се поврзуваат со музиката.

4. Што се случи со Day Off сега? Од каде потекнува одлуката за трансформација на поставата на бендот?

Уф, во прашање се многу години низ кои сме поминале сè и сешто. Тука се и несогласувања кои ја воделе приказната кон оваа одлука, но мислам дека е фер да останат меѓу нас. Она што можам да ви го кажам на вас и на сите други кои заслужуваат одговор на ова прашање е дека се работи за различните приоритети на другите членови од бендот кои едноставно нè изместија од основната идеја за Day Off. Одржување на бенд низ толку години бара тимска работа. Музиката треба да биде уживање најпрвин за бендот, за да може да биде и за оние кои ја слушаат. Кога ќе престане да биде така, нормално е да се случат промени. Сега Day Off продолжува понатаму со нова екипа, нова енергија и секако, квалитетна музика.

5. Каде можеме сега да уживаме во твојата изведба на нашите омилени песни?

Бендот продолжува со своите свирки во понеделник во кафе барот Van Gogh и во петок во кафе барот Mr. Jack. За сите останати ангажмани ќе бидете известени на нашата нова фејсбук страница
DAY OFF – The Next Generation

day-off-007

6. Очигледно е дека ја имаш откриено формулата за добра, квалитетна забава. Ќе сакаш ли да споделиш барем дел од неа со нас?

Добрата забава најмногу зависи од способноста за препознавање на „моментот“ кај публиката и одржување на енергијата на бина. Низ сите овие години заедничко дружење самите гости го диктираат темпото на свирката. Омилени рок песни, безброј нивни интимни моменти, магија која се случува во тој однос сцена-публика, взаемно чувство на задоволство и среќа.

7. Дали мислиш дека со внимателниот избор на музика која ја изведуваш имаш некакво едукативно влијание врз твојата публика?

Секогаш. Многу песни станале посебен печат на Day Off меѓу луѓето кои сега ги прифаќаат како свои омилени. Такви примери се песни како “Wild is the wind” – верзијата на David Bowiе, “Just Breathe” од Pearl Jam и многу други.

day-off-010

8. Што е за тебе квалитетен концерт? Можеш ли да споделиш дел од твоите досегашни спомени?

Сум бил на многу концерти кои оставиле голем впечаток кај мене како музичар, нив ги сметам како еден вид на “семинари” бидејќи гледаш, слушаш и учиш работи што не можеш да ги научиш на друго место. Да бидеш дел од сè тоа е на некој начин привилегија. Добар концерт значи пред сè, добра забава и добар “sound”. Вака на прва би ги издвоил концертите на Pearl Jam, Rolling Stones, AC/DC и BB King.

9. Ноќта е време во кое ти функционираш со години и општо познато е дека знаеш што е добра забава. :) Ќе нѝ ја откриеш ли твојата дефиниција за добар ноќен живот?

Ноќниот живот во Скопје е посебна приказна. Никогаш не ме привлекувале големи дискотеки, нови fancy места и скапи ресторани. За мене добра забава е онаа која е исполнета со драги луѓе, убав муабет и енергија, локали полни со душа, како Браво и Балет. Браво заради интимната атмосфера, а Балет како место каде мојата работа се меша со задоволството. Ви текнува – среда во Балет? :)

day-off-008

10. Ти честитаме за визуелното дефинирање на брендот. Логото е одлично. :) Ќе сакаш ли да нѝ кажеш нешто повеќе за овој концепт по кој Day Off ќе продолжи да функционира?

Драго ми е што ви се допаѓа. :) Мислам дека беше крајно време Day Off да добие и свој визуелен печат, а ова е вистинскиот момент за тоа. Во однос на идните планови, исто како и пред 22 години, главниот мотив е добра и квалитетна забава без разлика на сите предизвици кои следат.

11. Дали има некоја порака која сакаш да ја испратиш до нашите читатели и твои фанови?

Да, има. Take a Day Off and live long and prosper. :)

day-off-006

За авторот

Пјер