Uncategorized Водич за патување

Совети за безбедно учество во сообраќај во зима – прилагодена брзина, безбедно растојание и контролирано управување.

Напишано од Нино

Метеоролозите за почетокот на следната недела најавуваат ниски температури и снег. Овој период од годината актуелна е зимската опрема и управување моторно возило во услови на снег и мраз. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со корисни совети за  секој возач  како да  се управува возилото во зимски услови и на тој начин всушност  да ја обезбедите не само својата, туку и безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

За безбедно учество во сообраќајот, секој возач на своето возило треба да има наместено зимски гуми, а во гепекот од возилото  препорачливо е секогаш да има ланци соодветни на големината на гумите. (во случај да се користат летни гуми со минимална длабочина на шарите од 4 мм , носењето на ланците е задолжително).

Иако на возилото имате задолжителна зимска опрема и истото е технички исправно, секогаш имајте на ум дека снегот, лапавицата и мразот се многу опасни. Секое годишно време крие опасности кои возачите треба да ги знаат и да ги избегнуваат за да не направат грешки, но зимата е најопасна и бара од возачите голема вештина и присебност за да може соодветно да се справат со  неочекуваните и непријатни ситуации. Дури и да ја имате контролата над возилото, другите може да ја немаат,  затоа секогаш треба да бидете максимално внимателни и да возите со прилагодена брзина на условите на патот. Никогаш не се губете во лажното чувство на безбедност и применувајте ги следниве совети:

  • Трудете се, сѐ што правите додека управувате со возилото, да е нежно и лесно. Тргнете полека и ако осетите дека возилото ви пролизгува, само притиснете полека на педалата за сопирање и намалете го притисокот на педалата за гас.
  • Забрзувајте бавно, додавајте гас со ист притисок на педалата за гас, но со побавно и понежно отпуштање на педалата за кумплунгот. Менувањето брзини нека ви биде со најмногу 1/3 од максимално дозволениот број на вртежи, односно обидете се да го осетите возилото и да процените по звукот на моторот и по пролизгувањето на погонските тркала дали забрзувате исправно или сте дале премногу гас.
  • Кога ја намалувате брзината, настојувајте да намалувате полека, со моторот, со што помала употреба на ножната сопирачка.
  • Секогаш планирајте го патот, вртењето и запирањето. Возете бавно, оставајте поголемо растојание меѓу вас и другите возила.
  • Избегнувајте нагли движења со управувачот (воланот) кои можат да доведат до лизгање и до губење на контролата над возилото. Во населено место, движењето по сообраќајниците и по малите улички треба да е со мала брзина, додека на отворен пат, брзината треба да е до три пати помала од онаа со која би се движеле ако подлогата е сува.
  • Бидете секогаш концентрирани и никогаш не дозволувајте да ве фати паника! Во паника, возачите најчесто прават нагли движења со воланот и силно притискаат на педалата за сопирање. Сосема спротивно од правилото маневрите да се секогаш  нежни и лесни.

Применувајте ги советите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и бидете безбедни во сообраќајот во  зимски  услови на патиштата.

Овој едукативен текст е во рамките на Зимската кампања која што РСБСП ја реализира со поддршка од МотоЦентар – Прв избор за гуми.  РСБСП во партнерство со Моторцентар  им посакуваат безбедни патувања на сите учесници во сообраќајот.

Зимата не дава шанса за избор. Опреми се!

За авторот

Нино

Нино е алфа и омега за техничкиот дел, неговата работа е одржувањето на моторот кој го движи Friday. Кога не работи на Friday обично дизајнира сајтови во Why Not Communications, прописно навлечен на сите серии кои вклучуваат магии и змејови обожава кафе и музика. Доколку нешто не функционира на Friday како би требало или вашиот банер доцни со поставување тој е човекот кој би требало да го обвините :)