Фитнес

Тренинг за справување со мамурлак по бурна ноќ?

Напишано од Пјер

Доаѓа период кога и најдисциплираните ќе се опуштат на забавите околу празниците, а тоа неизбежно носи и поголема консумација на алкохол. Количината овој пат ќе ја оставам на вашата совест, а во случај да претерате еве неколку совети за брзо справување со проблематичниот мамурлак.

Дали тренингот може да ви помогне?

Општото мислење е дека вишокот храна, пијалоци, токсини може да се исфрли со интензивен тренинг и многу пот. Но, во реалноста не е баш така. Вашето тело може да метаболизира околу една чаша алкохол во тек на еден час. Математиката вели дека додека спиете алкохолот веќе ќе помине низ вашиот систем.

Сепак, ова не значи дека тренингот е лоша идеја, само треба да бидете внимателни и да не се форсирате. Тренингот ќе ги покачи нивоата на неврохемикалиите и хормоните кои ја зголемуваат енергијата, мотивацијата, и чувството на задоволство и среќа. Значи, иако нема магично да ги избрише ефектите од алкохолот, лесен тренинг ќе ви помогне да го намалите чувството на мамурлак, да го издржите денот и да имате помало чувство на вина со тоа што ќе потрошите екстра калории.

Што значи лесен тренинг?

Лесен тренинг значи дека вашата цел треба да биде забрзување на пулсот и активирање на мускулите само до степенот што е потребен за да го стимулирате лачењето на телесните хемикалии што ви требаат. Не смеете да претерувате и да се буткате до границите на издржливост бидејќи вашето тело во моментот веќе се бори со вртоглавици и дехидрација.

Тренирајте со мали тежини од околу 60-70% од вашиот максимум и правете вежби со кои ќе активирате што е можно повеќе мускулни групи. Препорачливи се чучњеви, склекови, исчекор со еднорачни тегови, како и лесни суперсетови во кои ќе треба да направите неколку различни движења. Доволно е да вежбате 30 минути со паузи од максимум 60 до 90 секунди помеѓу серии.

тренинг за опоравување од мамурлак

Што друго ви е потребно за опоравување од мамурлак?

Иако лесниот тренинг може да помогне, на вашето тело му е потребна дополнителна нега кога е во состојба на мамурлак.

Вода!

Водата е најдобриот лек за мамурлак. Алкохолот е диуретик и често предизвикува дехидрација. Пијте минимум една чаша вода по секоја чаша алкохол уште додека сте надвор. Испијте барем половина литар вода пред да си легнете, а утрото по бурната ноќ спакувајте неколку шишиња вода со вас и пијте секој пат кога имате можност.

вода против мамурлак

Кафе?

Кафето нѝ е прва помош секое утро, па по некоја логика се потпираме на неговата моќ и во состојба на мамурлак. Но, науката вели дека кафето нема баш да ви даде долготрајни ефекти во оваа ситуација бидејќи кофеинот има моќ истовремено да смирува, но и да поттикнува главоболки и мигрени. Исто така може да додаде масло на проблемот со дехидрацијата. Не ве советувам да го прескокнете ако имате навика да пиете кафе секое утро, но не претерувајте и пијте многу вода со и по него.

Двопек или крекери

Ако сте претерале со алкохолот до степен да ви се превртуваат цревата и следниот ден, ќе бидете осетливи на храна, така што е најпаметно да се држите до едноставни избори. Двопек или крекери (можете да ги појачате со путер од кикирики) се добар избор бидејќи не го оптеретуваат желудникот а брзо ќе ги покачат нивоата на шеќерот во крвта заради изобилството од јаглехидрати. Со ова му помагате на црниот дроб така што му оставате простор да го метаболизира алкохолот и да не мора да бара залихи од јаглехидрати за да произведе гликоза и да ги регулира паднатите нивоа на шеќер.

двопек против мамурлак

Мрсна храна?

Не. Мрсната или која било друга храна не ви помага многу во состојба на мамурлак. Но, појака храна може да ви помогне ако ја консумирате пред да почнете да пиете алкохол. Храната помага во успорување на апсорпцијата на алкохол, а колку поспоро тој се апсорбира толку повеќе време треба за организмот да се интоксицира.

Секс?

Нема научни потврдувања дека мамурлак може да се излечи со секс, но ваквата активност може да ви помогне на неколку начини. Ќе ви помогне да го подобрите расположението, да направите времето да помине побрзо и да избегнете пиење на апчиња против главоболка кои дополнително ќе го оптеретат црниот дроб кој веќе има многу работа во справување со алкохолот. 🙂

Најдобар начин да се справите со мамурлак е да го спречите, затоа забавувајте се совесно. Секако ќе ви треба енергија периодов. 🙂

За авторот

Пјер