Интервјуа

Три детали кои гарантираат успех на интервјуто за работа

Напишано од Пјер

Голем број на луѓе бараат работа, но ако не сте од оние кои можат да се потпрат на помош од пријателите и врските, ве чекаат одредени барања и процедури: интервју, составување на CV и пријавување на огласот. Ако работодавецот сте успеале да го намамите со добро напишаното CV, сте дошле до следното ниво – разговор лице во лице.

Бидејќи нема да добиете друга шанса за прв впечаток, прочитајте ги овие три важни совети од светските бизнис експерти за деталите за кои мора да водите сметка за време на интервјуто за работа.

Бидете фокусирани

Покажете дека сте фокусирани така што ќе ги истражите клучните податоци за компанијата или фирмата во која сакате да се вработите. И најмалото незнаење за фирмата е недопустливо во светот на модерна технологија. На разговорот дојдете јасно фокусирани на областа во која сакате да работите, и покажаете страст и интерес за позицијата за која аплицирате.

Бидете стабилни и самоуверени

Работодавците ценат ментално, емоционално и физички стабилни личности. Има многу кандидати за работа кои се квалификувани за одредено работно место, но нивниот очај и несигурност избиваат во прв план. Лош пример се оние кои толку го мразат своето претходно работно место или претходниот шеф, што имаат потреба да зборуваат само за тоа. Ниту еден работодавец не сака да ве слуша да зборувате лошо за претходниот шеф, бидејќи и тој сам би можел да се најде во таа позиција.

Бидете профитабилни

Профитабилност значи опстанок и раст, така што вашата способност да предложите начини на кои компанијата би можела да оствари дополнителен профит, е нешто што ќе ве издвои од останатите кандидати. За да го направите тоа, прво мора да разберете како компанијата прави пари и како вашата улога во компанијата би можела добро да се искористи.

За авторот

Пјер