Интервјуа

Валентин Петрески (Тиноски): “Тиноски ми е лично мое чедо, a телевизијата ми е прва љубов”

Напишано од martin

Валентин Петрески е дечко кој веќе подолго време поголемиот дел го знаат како Тиноски. Од блиските, фановите на креативната приказна и соработниците. Тој е 28 годишен охриѓанец, со 10 годишен образовен и творечки стаж во Скопје. Креативна палка на Тиноски и најново водител на попладневно шоу “Урбан таг” на ТВ 21. Важи за искрен, ненаметлив и активен на сите страни од неможноста да се одлучи за една. Ги сака предизвиците, добрата храна и времето поминато со блиските. Во интересна кафе-дружба, нашиот тим разговараше со Валентин на доста теми. Како настана Тиноски, нешто повеќе за новинарството и што ново може да се очекува од него, прочитајте во интервјуто подоле.

Како се роди желбата за ТиноСки?

Многу спонтано, како на филм.  Тиноски бев самиот јас на Инстаграм па почувајќи од првата шолја направена за лично задоволство стана профил на креативната приказна која заеднички ја раскажуваме со сите поддржувачи. Никогаш не планирав дека еден мој пост ќе се развива вака, ама среќен сум што изненадувањето успешно го збогатуваме постојано. Иако постои реалативно кратко време, сепак тиноски стана препознатлив стил меѓу луѓето и среќен сум што е така. Најважни ми се задоволството и среќата на корисниците. Фидбек пораките дека направиле одличен избор немаат цена.

Работиш и како водител во телевизија 21, па како успеваш да ги комбинираш новинарството и ТиноСки?

Ако размислам добро, отсекогаш сум комбинирал повеќе работи истовремено. Пред некој ден другарка која многу добро ме познава на шега ми вика: “секогаш сам си го бараш хаосот”. Ама ме исполнува тој хаос на поделеност на неколку места. Тиноски ми е лично мое чедо, задоволство и второто мое јас, телевизијата ми е прва љубов и не можев да го одбијам предлогот кој го добив па се нафатив на новиот предизвик. И морам да признаам дека уживам во двете работи, а кога работата е уживање тогаш и не е толку проблем. Единствено трпи слободно време и почесто време за одмор, ама се организирам некако 🙂

Што за тебе претставува добар новинар?

Она што кај нас ретко го има. Да не се занимава со животот на другите туку да работи за себе и публиката. Да мотивира, да иницира акции, да потсетува и критикува за општо подобрување на работите, да биде свој и да не гледа на останатите колеги како на конкуренција. И да, најважно – да нема суета и да биде самокритичен.

Што најмногу сакаш во новинарството како професија?

Иако на факултет не учеа дека вистинското новинарство било во работењето за вести, сепак не се согласувам. Се е новинарство, зависи како ќе му пристапиш. И уште од тогаш си ветив дека никогаш не би работел за информативна редакција. Отсекогаш ме фасцинирале новинарите кои излегувале со навидум обични приказни, а толку многу може да променат некои нешта кај нас. Разговорот и сториите со обичните луѓе, оние кои секогаш имаат да кажат, многу ми е омилен. Сакам некласични интервјуа каде гостинот ќе се чувствува удобно, не поддржувам моменти за слава кога соговорникот го ставаш во незгодна ситуација со цел гледаност. Многу светски новинари и водители станале моќни и без такви приказни, значи се се може ако се сака.

Дали во Македонија, новинарството е на високо ниво и доколку не е што би променил?

Не би можел многу да зборувам на оваа тема бидејќи веројатно нема крај. Од искуство знам дека сме далеку од она што учевме во книгите како треба да биде новинарството. Сведоци сме последниве години на сериозна медиумска криза, но верувам дека заеднички може да помогнеме тоа да се менува. Сакам да ни се случи вистинско новинарство.

5 работи без кои не можеш да си го замислиш денот?

Утро, ако се важи како одговор 🙂 Сакам да станам рано, сериозно ми е многу важно тој момент. Кафе. Вкусно кафе – порано не верував дека имало разлика во кафето,се ми беше исто. Но колку повеќе консумираш,веројатно ја увидуваш разликата. Мобилен телефон. (ќе кажам за жал бидејќи многу се опседнавме со технологијата). И двете работи ми се со постојана комуникација, телефонот ми е една од основните алатки за работа. Смеење со најблиските. Секогаш е добредојдена енергија која ти дава сила да се издржи денот. Патики – секогаш се шегуваат дека за мене зима нема, но, навистина обожавам патики и ги носам дури и кога не им е време, на пример во зима 🙂

Дали може да очекуваме нешто ново од ТиноСки во брзо време?

Tиноски постојано изненадува, тоа е добро и за публиката и за мене. А и сите тие идеи кои се запишани на листа треба да си го најдат своето место во приказната. Ќе има многу нови работи, се разбира, како се постигнува временски така ќе бидат. Да откријам дека најскоро ќе има нешто за оние кои обожаваат да готват, а одлично ќе се надополни со престилките кои веќе се достапни. Следува интересен проект со еден нов сајт кој на вас како редакција ви е добро познат а наскоро и официјално ќе се случи 🙂 И ред други новости кои и самиот не знам дека ќе се случат, обично така до сега функционирам.

Како си задоволен од тоа колку Македонците ја прифаќаат твојата работа? 

Супер задоволен. Кај нас секогаш има побарувачка за рачните и уникатни изработки, важно е да се погоди времето и пред се начинот на кој таа приказна ќе се пласира. Кога Тиноски започна со работа, беше нешто сосема ново кај нас. И луѓето одлично го прифатија, се заинтересираа. Тоа беше уште поголем предизвик, обично сакам кога правам различни работи, да иницираме нов начин на подарување. Не само за другите туку и за себе.

За авторот

martin