Интервјуа

Венко Шереметкоски: “Фотографијата е медиум преку кој најдобро знам да се изразам”

Напишано од martin

Венко Шереметкоски е млад фотограф кој е со голем талент и носи неверојатен инспиративен дух во себе, што допрва во иднина ќе го развива и усовршува. Неговите фотографии имаат душа, за миг ќе помислите дека лицата кои се фотографирани ќе ви проговорат. За себе, своите досегашни искуства, и идни планови, Венко говори подолу во интервјуто.

Кој е Венко?

Венко е младич со фотоапарат. Иако дваесет и петтата година полека се полни, духот е доста помлад од тоа.  По професија сум дизајнер, а медиум преку кој најдобро знам да испратам визуелна порака е фотографијата.

Како се појави желбата за фотографирањето?

Уште од мал кога шетав со моите родители на летните одмори, татко ми секогаш носеше фотоапарат (Minolta x700) и секогаш кога сликаше го набљудував (иако ништо не разбирав) и секогаш си замислував како еден ден јас би ја контролирал композицијата со таа направа. Но се тоа тогаш беа само искри кои после години при моето созревање се појави и малото оганче. Со фотографија почнав да се занимавам некаде во почетокот на моето средно образование, односно бев само младич со малку осет за композиција и никакво познавање во друѓите сегменти на фотографијата, а користев обичен дигитален фотоапарат. Тоа што фотографијата и нејзината обработка го нудат пред се како занает, но и како дел од секојдневието, ме натераа да ја засакам уште повеќе.

Дали имаше некој кој те упати во фотографирањето или се научи сам?

Кога гледаме што не опкружува секојдневно, не секој ги забележува деталите кои можат да се икористат во една композиција, која според мене, верувам и општо е главен дел на фотографијата. Композиција повеќе научив од цртање, додека создавав фотоманипулации на Adobe Photoshop итн. Кога земав за прв пат од дома апарат (тогаш актуелните дигиталки) бев 1ва година средно, сликав низ гимназијата „Орце Николов“, најчесто портрети од соучениците. Така полека покрај композиција, почнав да добивам осет и за другите сегменти на фотографијата, за понатака да прерасне во пасија. Не би кажал дека сам сум научил се, но повеќето, а помош добивав од мојот брат уметник (Вања), кој знае да даде добар совет и ги разбира деловите на уметноста, но се разбира и мојот татко кој како помлад се бавел со уметничка фотографија.

Омилен апарат?

Омилен апарат би кажал дека може да се бира според дизајн, ама мислам дека омилен апарат не постои кај фотографите. Секој фотограф, сака пред се да си го задоволи својот вкус на фотографија, па затоа обично бара онаков апарат кој му прилега на стилот на фотографирање. Она што јас би сакал и копнеам по, сега за сега е Canon 1DX mark 2, но затоа што цената му е исто така една од повисоките, знам дека сега за сега можам да си легнам и да го сонувам наредните 5-6 години.

Што е она што најмногу те фасцинира во фотографирањето?

Па нема нешто што можам да одвојам, доволно е да ја имам мојата опрема со мене и сум фасциниран од животот било каде и да се наоѓам, ако имам DSLR при рака знаат моите блиски дека збор не се слуша од Венко, туку само чкрап, чкрап, чкрап…

Од каде ја црпиш твојата инспирација?

Инспирација црпам најмногу од Instagram додека скролам низ профили на фотографи, вистинска инспирација се патувањата, а најмногу учам гледајќи филмови.

Омилени работи за сликање? Портрети, природа…?

Па јас сликам буквално се што ме опкружува. Никогаш не мислев дека ќе сликам макро фотографија, ама од кога го земав зум објективот кој има макро опција и тоа започна да ме фасцинира. Сепак најмногу ме исполнува сликањето портрети, едноставно не го тргам окото од позади апаратот кога сум меѓу луѓе кои не им пречи што некој им вперува објектив во лице постојано, ама дека тоа е реткост често барам замена во животните. Архитектурата е исто така нешто што сакам да  сликам без паузи.

Дали може да ни кажеш некој фотограф кој те фасцинира и зошто?

Искрено има многу фотографи на кои денес лесно можеш да им најдеш портфолио на интернет, ги има и по социјалните мрежи, а верувам има и многу добри фотографи низ светот кои не користат интернет портфолио. Омилен фотограф немам, обично ме фацинира филмската фотографија па редовно си гледам филмови, се сеќавам дека едно време запишав и курс краток период, па таму учевме композиција и светло додека го гледавме „300 спартанци“, а ме фасцинираат скоро сите фотографи кои ги следам на Instagram, но за жал тешко памтам имиња за да ви наброев бар неколку.

Каде се гледа Венко за пет години?

Како што кажав, себе си се гледам некаде во светов помеѓу добри кадри, и во раце вооружан со  Canon 1DX mark 2.

Каде луѓето може да го видат твоето портфолио?

Едното е на инстаграм се разбира:

https://www.instagram.com/venko.parkuera/

Другото е на 500px.com или:
https://500px.com/venkosheremetkoski

Сакам само да додадам дека доколку на некој му се допаднале моите фотографии, слободно нека ме контактира на Instagram преку директна порака, или на venko.sheremetkoski@yahoo.com за било каква соработка.

За авторот

martin