Настани

Започна Саем на книга во Skopje City Mall

Од денес во Skopje City Mall започнува Саемот на книга организиран од трговскиот центар во соработка со Македонската асоцијација на издавачи, а ќе трае до 12ти јуни.

На прес конференцијата која се одржа денес во Skopje City Mall, свое обраќање до новинарите и присутните имаше претседателот на МАИ, Бојан Саздов.

“Летниот саем на книга го организираме вторпат и повторно ја доближуваме книгата до читателите, а оваа година нашите реномирани издавачи се погрижија да подготват уште поатрактивна саемска понуда збогатена со многу настани, како средби со автори, потпишувања и детски катчиња. Skopje City Mall од 7ми до 12ти јуни ќе биде задолжителна дестинација за сите љубители на добрата книга”. – изјави Бојан Саздов.

На саемот учество ќе земат неколку издавачки куќи и книжарници меѓу кои: Просветно дело, Литература МК, Издавачки центар ТРИ, Антолог, Сакам книги, Култура, Полица, Арс ламина и Икона. Во просториите на трговскиот центар има одлична понуда и голем избор на книги за сечиј вкус, по намалени саемски цени кои достигнуваат и до 70%.

Учесниците на саемот нудат богат избор на книги и стручна литература, најнови изданија од продукцијата на реномираните издавачки куќи од Македонија, кои на читателите ќе им понудат над 1000 наслови од својата програма, што претставува одлична можност за посетителите да ја збогатат својата домашна библиотека по пристапни и намалени цени. За време на саемот ќе има и средби со неколку автори, промоции на нови изданија, изложби, како и наградни игри. Skopje City Mall ќе доделува по 2 книги на своите фанови преку нивната официјалната Facebook страна.

Нашиот најголем трговски центар ги повикува сите љубители на пишаниот збор да го посетат неколкудневниот саем и да го започнат летото со добра книга.

За авторот

martin