Фитнес

5 тренинг совети за пролетно враќање во форма

Напишано од Mr. N

Ако ја поминавте зимата со намален интензитет на физички активности, сигурен сум дека  првите пролетни денови ве мотивираат да се вратите во форма. Ентузијазмот кој доаѓа со овој период од годината е супер, но како и сè друго, ако е претеран може да ви наштети. Преголемата желба брзо да се вратите во форма носи ризици да се повредите, а тоа нема да ви помогне да ја остварите целта. Затоа, следете ги овие 10 тренинг совети и вратете се во фит форма полека и сигурно.

1. Не брзајте

Помирете се со фактот дека враќањето во форма нема да се случи преку ноќ. Немојте да се форсирате во првите 3 дена за потоа да се опоравувате уште толку од вежбањето. Практикувајте 3-4 тренинзи неделно, со кои ќе опфатите вежби за целото тело и ќе одржувате конзистентност. Наглите промени од пасивност кон преголема активност се најбрзиот пат до повреда.

2. Постепено зголемувајте го интензитетот

Интензитетот на вашите тренинзи треба постепено да се зголемува во однос на тежини, серии и повторувања, но не повеќе од околу 10 проценти неделно. Со секоја промена на интензитетот која е поголема од ова ризикувате да го преоптеретите вашето тело и да се повредите.

3. Вежбајте ги сите групи на мускули

Не се фокусирајте само на една група мускули, затоа што така ќе го преоптеретите телото и ќе го зголемите ризикот од повреди. Внимавајте на тоа да ги активирате сите групи на мускули, со различни вежби и активности во текот на една недела. Искористете го убавото време и спортувајте надвор. На тој начин ќе ги активирате мускулите на различни начини, што ќе ви помогне полесно да ја остварите вашата цел.

4. Запамтете дека одморот е дел од тренинг програмата

Во зависност од тоа колку сте биле активни или неактивни во текот на зимата, ќе ви бидат потребни околу 6 недели за повторно да поставите цврста база за вежбање. За тоа време ќе треба полека да го навикнувате телото на напорот кој порано ви бил нормален, а тоа значи да му оставите доволно време за одмор и опоравување. Комбинирајте ги тренинзите според интензитетот и оставајте простор по минимум 48 часа помеѓу високо интензивните тренинзи.

5. Не заборавајте да уживате во процесот

Го наведувам како последен, но ова е најважниот од сите тренинг совети. Уживајте во секоја вежба, во секој момент од процесот на враќање на вашето тело во фит форма. Не се натпреварувате со никого освен со себе. Не се казнувајте за тоа што не сте вежбале доволно во текот на зимата или не сте внимавале на исхраната. Ова е одличен момент да свртите нов лист и да се вратите на вежбање денес!

 

За авторот

Mr. N