Интервјуа

Co & Work Hub – новото место во градот

Напишано од martin

Денес нашиот тим беше во посета на Co & Work HUB, новото место кое се наоѓа во центарот на градот, наменето за развој на стартапи, микро/мали бизниси. Во нашата посета имавме можност да разговараме со Александра Димова, која е дел од тимот кој успешно го реализираше овој проект. Во разговор со неа, успеавме да дознаме повеќе за Co & Work HUB.

Како се роди идејата за Co & Work HUB?

Секојдневното работење, секоjдневните потреби и препреки, како и потребите на нашите клиенти и соработници ја иницираа идејата за создавање на виртуелен простор кој ќе ги задоволи деловните потреби на нашата организација, но и потребите на нашите соработници. Иако во многу држави концептот за споделување, веќе подолго време се применува, независно дали се работи за простор, автомобил или споделување на некаков производ или услуга, факт е дека со споделување на заеднички деловен простор, може компаниите и индивидуалните лица да ги споделат и намалат сопствените трошоци за изнајмување на простор, трошоци за комуникација и сите други трошоци за одржување на деловниот простор. Дополнително, споделувањето на заеднички простор за работа, овозможува размена на идеи, подигнување на креативноста и иновативноста на една индивидуа или компанија со цел зголемување на нивната продуктивност.

Со отворањето на Co & Work се создаде иновативен и алтернативен деловен простор кој ги соединува различните креативци и претприемачи.

Финансиската поддршка, како и поддршка во идејата за отворање на заеднички простор за работа „Co & Work HUB“ дојде преку програмата за зголемување на конкурентноста во Република Македонија финансирана од Европската Унија.

Каков е концептот на кој што ќе функционира Co & Work HUB?

Концептот на Co & Work HUB или заеднички простор за работа, е да им овозможи на малите фирми, експертите, студентите или здруженијата да користат деловен простор по прифатливи цени и без никакви дополнителни трошоци. Целта е корисниците да користат деловен простор кој освен што ќе го подигне креативното и иновативното ниво, ќе допринесе корисниците да можат репрезентативно да го презентираат сопствениот бизнис или идеја и да остават професионален впечаток кај своите соработници.

Дали Co & Work HUB ќе биде наменет само за компании или и за млади фриленсери кои работат од дома?

Заедничкиот простор за работа Co & Work обезбедува одлична можност за секаков вид на компании, индивидуалци, експерти, мали фирми, здруженија на граѓани итн.

Овие заеднички простории се одлични за оние кои работат како индивидуални експерти или фриленсери и имаат потреба да го користат просторот неколку пати во месецот! Чувството на заедница е создадено за оние кои инаку би биле принудени да работат сами дома или во кафуле. Исто така имаат голема флексибилност при избор на работното време и распоредот.

Co & Work HUB е супер избор за стартап компаниите. Овој простор не доаѓа со високи трошоци и обврски како традиционалните канцелариски договори. Тој исто така им дава можност на малите тимови да остварат комуникација и соработка со останатите членови во просторот.

Друга позитивна работа е што на овој начин може да им се помогне на претприемачите да најдат партнер за започнување на нов бизнис со поврзување со вистинските луѓе во вистинско време.

Колкав е капацитетот кој што го нуди Co & Work HUB?

Co & Work HUB рапсолага со една конференциска сала, со капацитет за 10 лица. Конференциската сала е опремена со смарт табла, телевизор, видео бим и проектор. Таа е идеално место за состаноци, презентации и обуки.

Останатиот дел од просторот е опремен со 15 работни маси кои може да се изнајмуваат на дневно/неделно, месечно и годишно ниво. Секое биро располага со сопствен фиокар кој има брава и клуч. Просторот располага со мини кујна, простор за дружење, интернет, мултифункионален печатар и др. Освен за состаноци, во просторот може да се организираат и друг вид на настани бидејќи просторот може да се преуреди согласно потребите на корисниците.

Кои се предностите да работите во Co & Work HUB?

  • Зголемување на продажбата

Една од предностите на заедничкото работење е вмрежувањето помеѓу малите компании, стартапи, студенти и другите лица кои го користат просторот. Кога се работи во заеднички простор сите корисници добиваат можност да соработуваат помеѓу себе или да ги понудат сопствените услуги или производи. Соработката во заедничкиот простор за работа може да допринесе за добивање на нови клиенти или деловни партнери. Секој корисник кој започнува сопствен бизнис доколку ги користи услугите во Co&Work ќе може на професионален начин да ја презентира сопствената компанија користејќи ги условите кои се нудат во самиот простор.

  • Подобрување на креативноста и иновативноста

Иако работењето од дома за некого можеби значи заштеда и ефикасност во работата, тоа може да придонесе до развој на рутински навики и намалување на креативноста. Работата во модерно дизајниран работен простор и размена на идеи со други претприемачи, може да придонесе во зголемување на иновативноста, креативноста и комуникациските вештини кај секој од корисниците. Секојдневната комуникација може да допринесе многу полесно да ја продадете или промовирате вашата услуга, производ или компанија.

  • Намалување на трошоците

При започување или водење на бизнис секогаш се гледа да се намалат оперативните трошоци за работа. Отворањето на сопствена канцеларија директно генерира трошоци за струја, вода, изнајмување и дополнителни трошоци за уредување на просторот што може да биде оптеретување за секоја новоотворена компанија. При користење на заедничкиот простор за работа Co&Work сите трошоци се сведени во една претплата која се плаќа во зависност од начинот на користење, а во таа сума се пресметани сите оперативни трошоци за една компанија.

  • Зголемување на мотивацијата

Работата во друштво секогаш е добар начин да се зголеми мотивацијата, што знае да е чест случај кога работите сами. Да се биде секојдневно во друштво со други претприемачи, може да има позитивно влијание врз мотивацијата но и во зголемување на ефикасноста и енергичноста кај претприемачите.

  • Овозможување на партнерства

Партнерства со други професионалци може да помогне на претприемачите кои се базирани дома. Тоа може да се асистенти, други дизајнери, програмери или маркетинг експерти. Заедничкото работење е возможно за сите, вклучувајќи индивидуалци од потрадиционалниот сектор, како консултанти, адвокати и сметководители.

  • Зголемена продуктивност

Една од лошите страни на работењето дома е одложувањето на работите како резултат на времето потрошено на гледање телевизија, завршување на домашни работи, спиење до подоцна и друго. Заедничкото работење им помага на претприемачите да се здобијат со потребната дисциплина за да бидат попродуктивни, да генерираат повеќе работа и да остварат поголема економска придобивка.

  • Флексибилност

За тие што не се сигурни дали заедничкиот работен простор е соодветен за нив, ќе имаат бесплатен пробен период. Системот е направен за индивидуалци кои се нови во ваквата средина на работење, и со тоа им се дозволува да пробаат пред да ја донесат конечната одлука. Како и да е, ваквите заеднички простори нудат флексибилни планови со повеќе опции како користење на деловниот простор, на пример: дневно, неделно, месечно или годишно ниво или користење само на конференциската сала.

 Локација: Шумадиска 7А, Општина Центар

За авторот

martin