Интервјуа

Дејан Богоески: “Омилено кафе на македонскиот народ е еспресото“

Напишано од martin

Денеска нашиот тим имаше можност да разговара со еден доста интересен лик. Станува збор за Дејан Богоески, македонскиот професионален бариста и овластен тренер во Лаваца тренинг центарот. Тој моментално е дел од тимот на познатото скопско кафуле, Coffee Factory.

Како се роди љубовта кон кафето?

Љубовта кон кафето се роди многу спонтано и природно. Работата како бариста, како и секоја друга работа, бара одговорност и вештини, кои се учат со љубов кон работата. Ако не го сакате тоа што го работите нема да бидете успешни. Кафето првин го засакав преку консумација, а кога случајно се најдов во водите на угостителството посакав да се усовршам во неговата подготовка. Значи, сè дојде некако природно и порасна во професија пред повеќе од 20 години.

Што е најбитно при подготовка на кафето? 

При подготовката на кафе важни се неколку фактори меѓу кои се да поседувате професионален кафемат, да имате квалитетно кафе, правилно штелована и квалитетна мелница, обучен бариста кој го подготвува кафето и беспрекорна хигиена на машините и севкупниот работен простор.

Каде имаш учено за да бидеш професионален бариста? 

За професионален бариста се усовршив на повеќе интернационални обуки од кој би го издвоил сертификатот за овластен тренер во Лаваца тренинг центарот во Торино, Италија.

Можеш ли да ни кажеш нешто повеќе за школото за баристи кое што го има во Coffee Factory? 

Нашиот тренинг центар постои повеќе години. Сега веќе е во склоп на нашата трета кафетерија среде центарот на Скопје, а гостите одблизу ќе можат да се запознаат со целиот процес и подготовка на кафето. Тренинг центарот и обуката во него е исклучиво за нашите Лаваца партнери и за луѓе кои имаат интерес да се усовршат во оваа професија.

Кое е според тебе омиленото кафе на македонскиот народ? 

Омилено кафе на македонскиот народ е еспресото, но младите денес сакаат да експериментираат со вкусови.

Кое е твоето омилено кафе кое го пиеш рано наутро? 

Според мене еспресото е најдоброто кафе со кое ми почнува денот. 🙂

Колку е според тебе развиена културата на македонците за пиење на кафе и дали знаат да препознаат квалитетно кафе? 

Македонците знаат и умеат да препознаат квалитет, особено почитуваат квалитет и добро подготвено кафе, доказ за тоа се нашите постојани гости.

За авторот

martin