Настани

ДОНАЦИЈАТА ОД „КАРАНТИНСКИ ПРИКАЗНИ“ ПРИСТИГНА ВО КОЗЛЕ

Напишано од The Gentleman

Издавачки центар ТРИ на самиот почеток на корона-кризата го започна својот проект „Карантински приказни“, кој денес ја исполни својата последна мисија. Замислен како пишувачки предизвик, но и како глас на хуманоста, тој резултираше со две изданија – едно бесплатно во форма на е-книга со над 100 раскази, и едно печатено, кое се најде во продажба со цел да ги вклучи читателите во донирањето за јавното здравство како помош во справување со кризата. На крајот, „Карантински приказни“ обезбеди не толку скромна донација за болницата во Козле од 1.500 маски, 3.000 ракавици и 37 пакувања скафандери, што е навистина добра причина за гордеење.

Антологијата на изолацијата „Карантински приказни“, хрониката во која не се пишуваше само проза туку и емоција и историја, беше своевидна точка на обединување. Сета заслуга за успехот на изданието и неговиот хуман аспект ја имаат авторите кои се приклучија на иницијативата на ТРИ – а тоа се Јагода Михајловска-Георгиева, Винка Саздова, Петар Андоновски, Ѕвездан Георгиевски, Лидија Димковска, Билјана Црвенковска, Трајче Кацаров, Наташа Сарџоска, Ана Голејшка-Џикова, Виолета Танчева-Златева, Елена Пренџова, Евгениј Хоуп, Магдалена Чапаровска, Стефан Марковски, отец Методи Златанов, Александра Шаровиќ Атанасовска…, сите на свој начин учествувајќи во подобрување на состојбите – и емотивно, преку зборот, и реално, преку средства. Тоа е само уште една потврда дека секој може, преку она што го работи, да биде солидарен со колективната состојба, и да биде иницијатор за промени.

„Секој од нас е различна приказна, но оваа година сите приказни се различни на ист начин. Затоа да ја завршиме годината онака како што ја започнавме – со поддршка во секоја смисла на зборот“, велат од Издавачкиот центар ТРИ.

За авторот

The Gentleman