Интервјуа

Дритон Заири: “Со вистинска цел и одговорност, успехот е загарантиран“

Напишано од Mr. M

Денеска нашиот тим имаше можност да разговара со Дритон Заири, човекот кој стои позади успешната компанија Ми-Да Гранд Моторс Македонија. Во разговор со г-динот Дритон, ќе дознаеме како тој се нашол во бизнисот со автомобилите, кои се предизвиците да се работи во автомобилската индустрија и нешто повеќе за автомобилскиот гигант Форд.

Како г-дин Заири се најде во светот на автомобилите, како започна целата приказна?

Речиси како и секое дете и јас сакав да го следам примерот на мојот татко. Навистина, сакав да бидам ракометар, но се пронајдов во автомобилската индустрија. Претходно, една година работев и како наставник по физичко образование, но и останати професии. Патешествието до сегашната позиција во автомобилскиот сектор започна во мај 2000-та година како продавач во тогашната „Sa&Sa Company“, потоа продавач во „VW“. Со тек на времето и поради вложениот труд, нормално, позициите се менуваат сé повисоко и повисоко во хиерархијата. Во 2008 година, добив унапредување во Head of office и нова задача од новиот застапник, кој три години претходно го презеде македонскиот и косовскиот пазар. Тогаш бев пратен во Приштина за да ја формираме компанијата „Porsche Kosovo“ и да ги позиционираме брендовите VW, Audi I Skoda на Косово. Успешно ја завршив задачата. Во 2009 година, некаде околу септември, добив понуда од импортерот за Форд на Косово. Ја прифатив и со тоа почна мојата денешна мисија.

 Што ви беше најголем предизвик во изминативе 5 години?

Предизвиците беа големи во изминативе пет години. Мал пазар, голема конкуренција. Промена на модели, повисоки цени. Но, најголем предизвик беше пронаѓањето простор и изградба на нов сервисно-продажен центар Ford Store, кој на клиентите ќе им овозможи комоција при купување и сервисирање на возилата. Успешно работевме и на составување екипа која неуморно и посветено ќе работи на сите полиња за успешна компанија. Успеавме и сегашнаата екипа е извонредна. За нашите клиенти, во април 2019 година, ќе им овозможиме нов сервисно-продажен центар по сите стандарди.

Како се справувате во ситуација кога автомобилската индустрија веќе подолг период стагнира кај нас? Што правите во вакви ситуации, на што посветувате најмногу внимание?

Како што нагласив и претходно, ситуацијата во нашиот бизнис не е сјајна подолго време. Првично, како компанија, успеавме да направиме успешен тим кој долго време работи заедно и се грижи за секој наш клиент, но и за сите потенцијални клиенти. Како компанија сме насочени и многу ни значи задоволството на клиентот и поради тоа, се трудиме да понудиме најдобра цена по најдобри услови (кредити, лизинг). Секако, обезбедуваме и одлично сервисирање и грижа за автомобилот на секој наш клиент.

Што претставува за Вас да се работи за еден автомобилски гигант?

Одговорот ќе биде едноставен, но опфаќа сериозен корпус: цел, одговорност, привилегија, задоволство. Доколку успеете да ги вкомпонирате сите овие сегменти, тогаш успехот е загарантиран.

Како изгледа еден работен ден на Дритон?

Секое утро, околу 8 часот, се гушкаме со ќерката Нида која ја испраќам на училиште. Продолжувам на работа, каде се поздравувам со секој вработен. Се пие утринското кафе и почнуваат состаноците со тимот или со клиентите. Секогаш за време на овие состаноци телефонот звони и не прекинува во состанокот, но мора да се одговори на секој повик и затоа понекогаш состаноците траат подолго од вообичаено 😊. Со тимот се говори за постоечките кампањи, за тековните но и за активностите кои следуваат. Во 16 и 30 дел од колегите заминуваат, но јас останувам уште еден до еден и пол час за квалитетно да ги проверам мејловите, да ги довршам активностите. Се трудам околу 18 часот да бидат во својот дом со семејството.

Какви услови им нудите на клиентите за купување на нов автомобил?

Секој клиент кога ќе дојде во продажниот салон на Форд има желба и потреба да купи автомобил. Но, секој од нив доаѓа со разни предизвици околу финансирањето на новиот автомобил. Затоа, вработените нудат различни пакети, понуди создадени конкретно за клиентот. Пример, лизинг, кредит, старо за ново, buy back. Имаме и финансирање на, за нас, ВИП партнери итн.

Што е она што е пресудно за еден човек да одлучи кој автомобил е најдобар за него?

Тешко прашање кое нема само еден одговор. Сите мислат дека одговорот е лесен „Цена“, но не се сложувам. За клиентот да донесе одлука да купи автомобил одговорност имаат и колегите од продажба. Но, во нашиот бизнис, ја користиме поговорката „Продавачот ќе Ви продаде едно возило, но секое наредно возило го продаваат добриот сервис или добрата грижа кон клиентот“. Бидејќи, во денешно време, не може да се каже дека има лош автомобил бидејќи сите брендови постојат со децении и инвестираат во иновации. Пред неколку години, тие не беа замисливи, но веќе денес се реалност. Затоа мислам дека за клиентот многу важен момент е чувството во куќата каде што одлучува да „живее“, односно да го купи и одржува возилото, да биде во постојан контакт со сите вработени во таа куќа (дом). Тоа што ние како Форд го нудиме е американски производ со германски квалитет. Возило кое е „best make for the money“. Исклучително перфектно завршена обработка и насмеани лица додека се „пазари“ возилото 😊

Во која насока се развива автоиндустријата во Македонија според вас?

Очекуваме да се врати историската 2008 година, каде се продадоа повеќе од 17.000 нови возила во нашата земја. Но, за жал, тоа тешко ќе се случи во брзо време, доколку не се добијат олеснителни услови од Владата во насока на контрола на увозот на поволни возила, субвенции за хибрид, електрични и генерално нови возила. Верувам во сериозноста на нашата земја, која во моментов, цврсто чекори за да ги достигне сите услови и да бидеме дел од Европската Унија, каде што ни е местото. Со тоа, очекувам да се сменат многу работи кон позитивно, не само во нашиот бизнис, туку и во сите останати.

Кои автомобили се најбарани од клиентите?

Општо познато е дека Ford Fiesta е најпродавана во својата класа и во Македонија и во Европа. Но она што моментално е најбарано и ќе продолжи да се бара е комплетно новиот Ford Focus. Едноставно, кога ќе го погледнете плени со неговиот дизајн и линии. Откако ќе го возите, ќе се заљубите во неговата возна динамика. Новите технологии само ќе го потврдат квалитетот. Затоа ве очекувам на кафе е тест возење во Ми-Да Гранд Моторс.

За авторот

Mr. M