Интервјуа

ЕКО МАЖИ: Антонио Јовановски – основач и извршен директор на здружението “Go Green”

Напишано од The Gentleman

Денеска разговаравме со основачот и извршен директор на еколошката граѓанска организација „Go Green“, г. Антонио Јовановски. Антонио е автор на неколку публикации на теми поврзани со климатски промени, управување со отпад, зелени работни места, образование за одржлив развој, млади и младински активизам. Во 2015-та година работи во Европскиот Парламент во Брисел, како асистент на кампањата за климатски промени за Парискиот договор, и извештајот за зелени работни места на Европската Унија. По вокација е магистер по еколошка економија и одржлив развој.

Антонио претставува голем борец за екологијата и заштитата на животната средина.

  1. Кој е Антонио Јовановски? Може ли малку за твоите почетоци… Како започна приказната за здружението GoGreen?

Јас сум дете од Црниче, екс-младински кошаркар на Работнички, дипломиран економист, магистер по еколошка економија и одржлив развој, и професионален тренер за личен развој. По завршување со кошарката, се приклучив на АИЕСЕК (www.aiesec.org), студентска организација која претставува меѓународна платформа за развој на лидерскиот потенцијал кај младите. АИЕСЕК ми даде окружување и можности да се осознавам себеси, ме поттикна да учам континуирано, да стекнам пријатели од цел свет, да ги сфатам општествените проблеми и предизвици со кои се соочуваме на локално и глобално ниво. Така и научив за ранливоста на животната средина и важноста на одржливиот развој. Во Франција, служев како претседател на АИЕСЕК, и тоа беше мојата духовна година ако можам така да се изразам, каде најмногу се преиспитував и размислував во која насока да ја продолжам мојата кариера. Идејата ми беше, кога веќе треба професионално да работам барем да е во сектор кој ќе има поголемо значење од самиот себе, да има повисока цел отколку само личниот приход. По Франција, работев уште година и пол година во Холандија, и потоа решив да се вратам во Скопје и да започнам со еколошката младинска организација Гоу Грин. Инаку, прикаската за Гоу Грин започна во студентска соба во Амстердам, каде со мојот пријател и еден од основачите, Борис Манев, разговаравме за придонесот кој сакаме да го направиме во нашата земја и Балканот, и од тој разговор произлезе идејата за Гоу Грин, која потоа се преточи во формирање на здружението во 2010 година.

  1. Колку според тебе Македонија има свесни лидери?

Јас лидерството го поврзувам со интегритет (да се однесуваш согласно своите вредности) и од таа перспектива може да се каже дека имаме малку лидери. Прво, луѓето генерално многу малку се знаат себеси и ретко се запрашуваат кои се нивните лични вредности и што им е навистина важно. Обично се прави како што и другите прават и ретко некој тоа да го преиспита. Дури и човек да стане свесен за своите лични вредности и да се сфати дека моменталната култура не е во согласност со моите вредности, тешко е да се оди различно од општата прифатена култура. Да не прифаќаш пластична ќеса и да не јадеш месо значи дека треба да се справуваш со чудните погледи од продавачите и да се убедуваш со твоите родители. Ова е потешкиот избор и треба истрајност и време за да стане тоа нормала, а генерално луѓето се конформисти и одлучуваат во согласност со моменталната култура и што е прифатливо или не, без разлика дали е правилно. Да се биде различен е тешко, а луѓето сакаат да им биде лесно. И затоа има малку лидери.

Но, сепак има. Има критична маса на луѓе која носи освестени, навидум тешки одлуки, и ја поместува „нормалата“. Во последната декада може да констатирам дека се случува освестување кај многу луѓе, поединечно, а после некое време и колективно, бидејќи осудувањето и прифаќањето на нејадењето месо и млечни производи и одбивањето пластична ќеса, не се прифаќа толку тешко како пред десет години. Еколошкото освестување и грижата за природата станува се поевидентна и оваа криза која се соочуваме (Ковид-19) влијае на уште поголемо лично и колективно освестување. Не прави свесни за ранливоста на човекот, не потсети да го преиспитаме односот со другите животни, ни даде уште еден доказ за неодржливиот економски модел и на реалните предизвици кои системот ги предизвикува, како еколошка деградација и социјална нееднаквост. Се надевам свесно учиме во какво општество сакаме да живееме, како сакаме да се третираме помеѓу нас и другите животни, и важноста на градење на систем кој оперира во согласност со природата и природните закони.

  1. Се наоѓаме во време на пандемија. Природата се обновува, но економијата трпи. Дали мора економијата за да имаме поздрава животна средина?

За жал е така. Годинава, имаме најниско загадување и емитување на стакленички емисии на гасови од време на финансиската криза во 2008 година. И тогаш економијата успори и природата се обнови за момент. Јасно е дека нашиот економски модел е неодржлив. Мантрата на политичарите дека „економскиот раст ќе ни ги реши сите проблеми“ не носи во уште подлабоки проблеми. Економскиот раст е директно поврзан со емитирање стакленички гасови и деградација на животната средина. Методот со кој го мериме економскиот раст е бруто домашниот производ (БДП) што претставува ригидна мерка за напредок. Кога ќе се исече шума, БДП расте. Кога ќе ископаме планина за да извадиме јаглен, БДП расте. Обесшумувањето и фосилните горива се главните причини за климатските промени, и тие се во директен конфликт со раст на БДП. БДП како мерка, едноставно ги забрзува климатската и еколошката криза.

За да постигнеме одржливост, треба да го преиспитаме економскиот модел и да ја замениме сегашната тенденција за непрекинат економски раст. Можеби е време за одраст (degrowth), идеја од 1972 година која се појави истата година кога Клубот на Рим (Club of Rome) го објави „Ограничувања за раст“ (Limits to growth). Има лидерки во политичката сфера, како премиерката на Нов Зеланд, Џесинда Ардерн, која препозна дека БДП не гарантира подобрување на животниот стандард, здравјето и благосостојбата на граѓаните и го претстави „Буџетот за благосостојба“ (не, за раст на БДП) на Светскиот Економски Форум во Давос[1].

  1. Дали сте виде задоволен од тоа колку македонските компании помагаат и вложуваат во еко проекти?

Не. Тоа е мојот впечаток иако немам статистички и квантитативни податоци за да ја поддржам оваа констатација. Тоа што можам со сигурност да констатирам е дека се додека примарна цел на компаниите е профит кој не ги зема предвид социјалните и еколошки цели, нема да се направи суштински придонес од приватниот сектор. Компаниите можат да имаат значајна улога во еколошкото освестување во општеството, почнувајќи од нивните вработени, до нивните добавувачи и клиенти. Доколку една компанија искрено и вистински се посвети кон еколошки придонес тогаш целиот синџир на набавка нема да биде најниска цена, туку и од какви материјали е направено, дали може да се рециклира откако ќе се искористи, и на крај иако можеби таа опција е поскапа, менаџментот ќе направи одлука за еколошката набавка. Тоа ќе влијае на добавувачите во нивните ланци на набавка. Исто така, фирма која е вистински посветена на заштита на животната средина и еколошко освестување ќе создаде „зелена канцеларија“ каде ќе ги поттикнува вработените да селектираат отпад, нема да користат пластика за еднократна употреба, ќе ја зголеми енергетската ефикасност, ќе инвестираат во сончева енергија и ќе поттикнуваат алтернативен транспорт. Комуникациите со јавноста и клиентите може да им биде насочена кон еколошко осввестување, реупотреба, рециклирање, почитување на природата и другите животни итн. Има и многу други активности кои фирмите можат да направат во оваа насока. Вакви компании кои од А до Ш имаат еколошко освестување и грижа на природата во сржта на нивната стратегија ретко се наоѓаат, не само на македонскиот пазар, туку и во другите земји. А многу ни се потребни, бидејќи може да бидат „game changing“ и да ја движат новата култура, новата „нормала“ во едно општество.

  1. GoGreen е една организација која што навистина е за почит, пред се поради нејзиното делување во општеството. На какви проекти најчесто работите и може ли да ни издвоите некои на кои сте особено горди?

Последниве десет година реализиравме многу проекти кои се дел од стратегиските програми на здружението: младински еко-активизам, образование за климатски промени и одржлив развој и зелени работни места.

Секој проект си има своја уникатна компонента, но оние кои би ги издвоил се:

  • „Биди Зелен“ со кои ја испративме пораката до стотици илјади млади (линк)
  • „Go Clean“ со кој го имплементиравме системот за управување со отпадни батерии (линк)
  • „Go Green 4 Climate“ преку кој ги застапувавме барањата на младите на Парискиот самит за климатски промени (линк)
  • Академски книги за техничките факултети, едната за „Климатски промени и обновливи извори на енеригја (линк)„ и другата за „Пречистување на отпадни води“ (линк)
  • „Зелени работни места и можности за младите во РМ“ (линк)

Моментално работиме на поголемо инкорпорирање на образованието за климатски промени во наставните програми, како и зголемена застапеност на сончевата енергија и енергетската ефикасност во образовните установи. За таа цел имаме петиција која ве повикуваме да ја потпишете на следниот линк

Друга иницијатива која ни е многу важна е формализирање на собирачите на отпад и нивно организирање во социјално претпријатие кое ќе дава услуга „од врата на врата“ на оние згради и фирми кои ќе селектираат. Иницијативата ни е наречена #Селектирам и за неа може да прочитате повеќе на следниот линк

Доколку и вие сакате да селектирате во вашата зграда или фирма, или да ни дадете за другите иницијативи и проекти, може да ни пишете на info@bidizelen.org

[1] https://www.weforum.org/agenda/2019/05/new-zealand-is-publishing-its-first-well-being-budget/

DL_Multifresh_300x250.jpg

За авторот

The Gentleman