Интервјуа

ЕКО МАЖИ: Оливер Димитровски – сопственик на New Way LTD, New Way Engineering и Real Home

Напишано од The Gentleman

Во рамки на проектот ЕКО-МАЖИ кој што го започнавме со поддршка и соработка со Халкбанк АД Скопје и нивната апликација HalkEco, денеска разговараме со Оливер Димитровски, сопственик на New Wat LTD компанија со 20 годишно искуство во бизнисот со корпоративна недвижност, New Way Engineering, компанија за градежништво и Real Home, агенција за недвижности.

Оливер Димитровски важи за човек кој важи за свесен лидер во општеството. Негова пасија е возењето на велосипед со неговото семејство, како и електричниот тротинет кој според него е навистина едно од најпрактичните работи измеслени за брзо и лесно вршење на потребните обврски во гужвите низ градот.

1.Сопственик сте на New Way Limited една од најголемите компании која се бави со корпоративна недвижност, и која постои 20 години на македонскиот пазар. Кои беа предизвиците со кои се соочивте во изминатите години, и како една паралела, што е она на што се промени од почетоците до денеска?

Почетоците беа многу интересни, се работеше еуфорично, луѓето воглавно беа доста ентузијастични кога се однесуваше на отпочнување на нов бизнис. Сите беа желни за промена, процесот на транзиција и приватизација донесе една неизвесност, со оглед на фактот дека многу луѓе беа принудени да најдат начин како да се снајдат во брзорастечкиот капитализам. Секако голема улога играа и компаниите кои доаѓаа од странство и донесоа многу нови идеи со себе. во периодот кога јас почнав да изнајмувам имот, тоа беа воглавно деловни простори за малопродажба во Градскиот Трговски Центар кој сеуште ми е омилена дестинација за пазарење но и бизнис. Порано мислам дека имавме повеќе домашни производители на текстил и обувки, истите во денешни услови се значително намалени но ги има. Успешните компании функционираат сериозно и се носат рамо до рамо со странските брендови. Ако можеме да подвлечеме една паралела од она време од пред 20 години и повеќе, до денес, можам да потврдам дека квантитетот на локациите е зголемен, исто и квалитетот на понудата на застапените трговски марки, што резултира со поголем професионализам од страна на трговците, од наша страна, а сето тоа е благодарение на напливот на странски компании кои дојдоа на овој Македонски пазар со утврдена комерцијална формула која функционира секаде на запад. Морам да нагласам дека не секој бренд успеа на овој пазар, имено, да не ги набројувам но постојат над 30 и повеќе компании кои не опстанаа да ја применат својата формула на работење на овој пазар, без да претрпат поголеми загуби од кои причини и веќе не се присутни на истиот..

2.Какви беа твоите почетоци во работењето? Што е она што најмногу те инспирираше во животот и те водеше кон успесите?

Мене лично напред  ме води мојата упорност, ентузијазам, оптимизам, секако и родољубието игра голема улога, да ја сакаш својата работа и да се грижиш за своите клинти. Балансот кој е потребен да се најде рамнотежа и компромис меѓу клиентите е нешто што ме движи напред, успехот на клинтот е и мој успех. Никогаш не тргнувам со идејата колку ќе заработам, туку тргнувам со идејата да се заврши работата успешно, за сите страни инволвирани, а наградата соодвејствува. Кога над две децении издаваш деловен простор во епицентралното градско подрачје, директно учествуваш во формирањето на лицето на градот. Нема поголемо задоволство од сознанието дека ушествуваш во процесот на формирање на ликот на градот. Тоа е нешто на што сум лично многу горд.

3.Какви се вашите планови, знаејќи дека низ годините развивте и компанија која се бави со градежништво Њу Веј Инженеринг? Колку реално македонскиот пазар има потреба од толку многу станови? И дали очекувате промена на овие трендови во овој сектор?

Па не би сакал да сум многу критичен во тој поглед, сепак е тоа бизнис во кој лично учествувам, со три активни компании кои сите имаат комплементарна дејност, корпоратина недвижност, резиденцијална, као и градежништво. Имено, на Македонија и потребен попис. Реченицава е намерно кратка и јасна, и има точка за да стане јасно дека секој бизнис модел се базира на бизнис план и проекција кој а бизнисот ја прави врз база на релевантни и точни бројки, независно од други показатели. Пописот на жителите на Република Северна Македонија, е битен за да може сериозните бизниси да направат точна проекција што и како ќе се гради или развива во иднина. Според мене, има големо заситување на пазарот на недвижност од стамбен простор, и не сум поборник на идејата дека треба сите да се преселат во Скопје. Имено, има прекрасни места за живеење во Македонија, време е да се разбуди локал патриотизмот и да се стави крај на миграцијата. Јас лично се надевам на позитивна промена во овој сегмент, но потребно е да се промени свеста, за да се има позитивна промена кон подобро решение.

4.Каква е моменталната ситуација кога се работи за корпоративната недвижност моментално во ситуација на пандемија. Дали побарувачката има тенденција на раст или пад, и кои се прогнозите во блиска иднина?

Моменталната ситуација е од минлив карактер. Нема долго да се задржи, као и нема да има далекусежни реперкусии, но извади на површина многу други нешта кои во бизнис секторот не секогаш се случај. Па така многу компании кои изнајмуваат простор покажаа голема човечност и разбирање за ситуацијата во која безмалку три месеца фирмите не работеа. Во периодов нема позначителни одстапувања од нормалните текови, има некои рационализации кои компаните ги прават, што резултира со затворање на непродуктивните локали, но се надеваме на наоѓања на соодветна замена за истите. Инаку во периодов од причина што 99% од компаниите не работеа, особено во затворените трговски центи, се виде предноста на ГТЦ каде само во најрестриктивниот период од 3 недели дуќаните не работеа, а подоцна и тие се вратија во нормала, секако со скратено работно време. Во блиска иднина на еден среден рок од 2 до 3 год се очекува стабилен пазар, што се однесува до цените за изнајмување. Додека по очекуваното отворање на новите трговски центри во најава, очекувам да се случи едно нивелирање на цените на целокупниот пазар, од причина што трговските компании се истите кои се застапени во скоро сите центри, и тие зависно од протокот на луѓе и работа ќе бидат показател кој трговски центар како перформира.

5.Како човек кој сте постојано во движење колку времето ви овозможува да уживате во велосипед, и колку како компанија сте ЕКО свесни?

Од секогаш сум бил од оние кои водат сметка за околината, значи ако има некое правило секој да засади едно дрво во животот, без да претерувам, имам засадено над 500 дрва, така да во тој дел секако сум дал свој допринес. Во изминативе две години се возам со Хибрид возило, а така планирам и во иднина. Секое слободно време го проагам на велосипед, додека за некои дневни придвижувања низ центарот на градот сегде стигнувам со електричен тротинет. Сите овие превозни средства се ЕКО френдли, па така за себе сметам дека сум сум прилично освестен за случувањата, особено во таа глобална смисла, имајќи ги предвид временските услови, па така доста полагам на домашното воспитување и освестување на децата, со позитивни примери, селектирање на отпадоците и сл.

6.Колку македонските компании имаат ЕКО свест, и колку е развиен тој систем според вас во нашата држава?

Она кое може да се примети во последно време е дека се почесто се среќаваат компании кои се ЕКО освестени, и кои даваат свој придонес на тоа поле. Имено да не ги набројувам , но има веќе сериозна бројка на фирми кои за службени возила купуваат исклучиво хибридни или целосно електрични возила, компании кои се бават со дистрибуција, како и веројатно најголемата компанија за рециклажа Пако Мак која со своите акции, како и специјални локации за рециклажа на различни материи, хартија, пластика, стакло се меѓу првите кои ја предводата листата на ЕКО фирми. Позитивниот пример, треба да го следат сите, само во такви услови ќе имаме напредок и поздрава и почиста средина за живеење. Секако треба уште многу работа, дефинитивно фалат дебати, фали едукација, потребно е да се донесе програма за екологија која ќе се дистрибуира до жителите на сите населби, со цел да се подигне свеста, да се врши сортирање, да се прави компост, да се грижиме за сопствената околина, зошто само доколку имаме чувство дека таа ни припаѓа на сите, ќе имаме посериозен и поодговорен пристап кон неа.

 

За авторот

The Gentleman