Интервјуа

ЕКСКЛУЗИВНО ИНТЕРВЈУ со МАЖОТ НА ГОДИНАТА ЗА 2018 – Владимир Чадиковски

Напишано од Пјер

Впечатоците од првиот избор на Мажи на годината 2018 сеуште не спласнуваатт. Интересот во јавноста е огромен. Мажот на годината д-р Владимир Чадиковски е човек кој навистина ја заслужува оваа награда. Човек кој остава белег во општествот, човек кој напорно работи за да придонесе насмевки кај луѓето и влева надеж дека она кое мислиме дека е невозможно, е всушност возможно. Според Чадик, оваа награда е заокружување на успешната година позади него. Прочитајте за импресиите на Чадик по повод првиот избор за Мажи на годината 2018 во Македонија.

1. На првиот избор за маж на годината, ја добивте најпрестижната награда : “Маж на годината“, што за вас претставува ова признание?

Земајќи го во предвид фактот дека оваа година одбележувам 21 година од мојата кариера и дека неодамна ја завршив субспецијализација по детска кардио хирургија и станав првиот детски кардиохирург во земјата, ова признание доаѓа како едно убаво заокружување на 2018 година. Доказ дека се што работевме заедно со мојот тим изминатите години луѓето го гледаат и го ценат. Навистина ми е драга награда и дефинитивно голема мотивација за понатака.

2. Вашата работа пред се и придонес во општеството ве одликува со уште една награда во категријата : “Маж со најголем придонес во општеството“, каков е овој мотив за вас?

Убаво е чувството кога после толку реално голема посветеност на работата, вложена енергија , време и труд за професионално усовршување, добивате признанија кои навистина многу значат.
Признанието “Маж на годината“ и “Маж со најголем придонес во општеството“, се доказ дека сите жртви, пропуштени семејни моменти, долги отсуства  од дома не биле залудни.

3. Што сметате дека треба да поседуваат мажите за притоа да претставуваат пример и да бидат одликувани?

Без оглед дали станува збор за маж или жена, секој кој неуморно  и посветено работи, создава, креира, се бори за најмали промени и подобро утро, заслужува да добие признание за трудот кој го вложува. Секојдневно на клиниката за детска хирургија гледам мајки, родители кои со целата сила и енергија се борат и се грижат за своите деца, низ што се поминуваат заслужуваат многу повеќе од признание или одликување.
Лично сметам дека не секогаш наградата е најдобриот начин да се оддаде признание за добро завршена работа, некогаш само едно браво е доволно на некого да му го разубавите секојдневието и да го мотивирате да продолжи да се бори и создава.

4. Во делот на вашата работа но и на професионален план си задавате ли цели пред себе за нареднава година?

21 година работам само со деца и тие секогаш биле моја најголема мотивација. Како и досега ќе се трудам да бидам најдобар во тоа што го работам. Од самиот почеток на новата година не очекува една поголема промена и мене и целиот тим на детската кардиохирургија но силно верувам дека сме на многу добар пат. Како една од целите на која дефинитивно ќе работиме во наредниот период е зголемување на свесноста кај бремените жени кои се соочуваат со дијагностицирање на одредена мана или синдром кај плодот, да не се избрзува со одлуката за прекинување на бременоста, бидејки постојат дијагнози кои се коректибилни и каде што постои квалитет на живот по завршувањето на хируршкиот зафат.

5. Пред прагот на новата 2019 година, ги собираме впечатоците од оваа што полека заминува, кој се вашите?

Дефинитивно година на професионални успеси и големи позитивни промени.
Како детски хирург нема ништо поубаво  од тоа кога ги гледаш своите пациенти како растат во здрави и среќни деца.  За мене ова беше година на заокружување на започнати проекти, пресврт во кариерата и многу детски насмевки и задоволни родители кои безрезервно го ценат она што го правите за нивните деца.

6. Без што не можеш да си го замислиш денот?

Без Виктор, мојот син кој ме исполнува со спокој и многу позитивна енергија и нашите секојдневни семејни ритуали кои по напорен работен ден и тоа како многу значат.

За авторот

Пјер