Uncategorized Интервјуа

Габриел Стибел: “Реално пура може да пуши секој, но во пура може да ужива, а при тоа добро да изгледа само некој!“

Напишано од Mr. M

Колку и да мислите дека позади пурите се крие само една добра маркетиншка приказна, пурите се секако кул. Не е ни џудно што голем број од личностите како што се Брус Вилис, Морган Фриман, Џек Николсон и Ал Пачино често може да се видат со добра пура.

Токму затоа денеска разговаравме со Габриел Стибел, кој што малку не воведе во светот на пурите и ни ја објасни нивната комплексност. Преку ова интервју успеавме да дознаеме како правилно се пуши пурата, кои се најпознатите светски пури и колку во Македонија е развиена оваа култура.

Инаку, Габриел е автор и водител на емисијата Гарден Клуб Градини која се емитува на ТВ Телма веќе 9 сезона, изработува фонтани и уредува градини, меѓународен кинолошки судија, колекционер и пасиониран уживател на пури и админ на групата Пура Култура и презентер во ЛГА Импорт и Тобако.

Како се роди љубовта кон пурите? 

Интересот се роди пред дваесетина години кога почнав почесто да патувам во странство и имав прилика да видам како некои повозрасни луѓе со добри манири уживаат во пури. На едно мое патување пред петнаесет години во Улм Германија, се запознав со колеги кинолошки судии од Германија, во часовите кога имавме време за одмор отидов во ресторанот и кога јас пристигнав двајца од нив веќе имаа запалено пури. Мирисот од чадот на пурите за мене беше како некоја магија и многу ми се допадна. Еден од колегите ме праша, да не ти смета чадот, му одговорив многу ми се допаѓа, а тој му се обрати на другиот колега кој уживаше во својата пура,  “Ти реков дека овие пури од Никарагва се одлични! Тогаш од џебот извади кожна футрола за три пури во која имаше само една пура и ми ја понуди, му реков последна ти е, да не ти ја земам, а тој ми одговори запалија ако ти се допадне кога ќе се видиме следен пат ти ќе честиш. Ми покажаа како се сече, како се пали како се ужива во пурата, имав навистина одлични искусни учители кои раскажуваа со страст приказни и анегдоти за пурите и тие беа вистински хедонисти. Така започна мојата пасија кон пурите и сето она што е поврзано со нив. После три години се сретнав со колегата германец на една изложба во Алмати Казахстан и му подарив 4  квалитетни пури, а тој се пошегува и рече, “Аха си ја добив мојата камата, за секоја измината  година по една пура!“

Што најмногу те привлекува кај пурите?

Квалитетна пура е рачно направен производ  од чист тутун без никакви додатоци,  кога ке помислам колку многу труд, мајсторија, време и традиција се внесени во една пура и самата помисла дека животот ни го дарила природата, а убавиот живот ни го дала мудроста тогаш треба да уживаме во нештата што ги сакаме.

Може ли да ни издвоиш кои се твоите три омилени пури? 

Три пури се малку за издвојување, ако дозволувате јас ке го прекршам прашањето и ќе издвојам пет или еве шест пури. Во денешно време има навистина голема понуда на квалитетни пури претежно од географското поднебје на малите и големите Антили или поточно Куба, Доминиканска Република, Никарагва, Хондурас, Мексико… Имам пробано во текот на изминативе години навистина многу пури и за разлика од многу уживатели на пури кои преферираат кубански пури јас преферирам пури од Никарагва и Домимиканска Република.

Пура која ја пушам најчесто и многу ми се допага е Brick House од Ј.Ц.Њуман која е направена во Никарагва и е прогласувана седум пати за најдобра пура во однос на цена, квалитет и исто така била неколу пати се нашла во најдобрите 25 пури во светот и е една од најбараните пури кај нас.  Втора пура која е вистинска посластица за познавачите на пури е Flor de las Antilas од Мај Фадер Цигарс. Пура која исто така доаѓа од Никарагва и оваа пура неколку пати била меѓу најдобрите 25 пури, а 2012 беше прогласена за најдобра пура во светот.  Трета пура е Padron Femily Reserve од Падрон Цигарс.  Пурите на Падрон се со врвен квалитет и секогаш се во самиот врв во изборот за најдобри пури во светот. Пурите на Rocky Patel исто така ми се омилени, а особено Rocky Patel Vintage 1999. Тоа е омилена пура на многу македонски и светски уживатели на пури. Paradiso популарното Папагалче од Aштон Цигарс. Одлична пура која ја пушам со задоволство, а исто така целата палета од Аштон Цигарс се пури со оценки над 90 поени кои се врв во светот.  Alec Bradley Magic Toast од Алек Бредли врвна пура која ги освои уживателите на пури од Македонија и светот .

Кој е твојот омилен момент за уживање во пурата?

Уживањето во пурите треба да биде спонтано како и други работи во животот кој не се поврзани со обврски па така и моментите си доаѓаат сами по себе, но сепак имам некаков ред. Најчесто сакам да уживам во добра пура по успешно завршена работа и затоа се борам успешно да ги завршам обврските за како некој вид на награда. Преку неделата во слободно време  со пријатели кои се исто така уживатели на пури одиме во скопските кафетерии и ресторани бараме добри места каде може да се ужива во добра пура и пијалок. За време на викендите доколку сум во Скопје во утринските часови пијам кафе и уживам во добра пура. Кога патувам моментите за релакс исто така ги користам за уживање во пури и уживам да направам добри фотографии со цел да го помнам моментот бидејќи само еднаш можете да уживате во една пура. Вкусот е единствен и уникатен, секоја пура има свој единствен вкус, дури и иста пура од иста фабрика односно од иста кутија нема ист вкус, слично како и виното, секое шише има различен вкус.

Колку во Македонија според тебе е развиена културата за уживање во пурите?

Мала држава сме и во однос на тоа колку ни се достапни некои работи, и кога на тоа ќе се додадат и историските моменти како и моменталната општествена ситуација, може да се каже дека полека полека развиваме култура за уживање во пурите. Би сакал да напоменам дека од дамнешни времиња пурата е асоцијација на луксуз и хедонизам. Пурите во минатото биле и тешко достапни за секого посебно поради фактот дека се произведувале на друг континент и поради малото производство. Биле скапи па така биле и речиси недостапни за луѓето кои живееле во Македонија, а со самотото тоа и културата на пушење пури не била развиена. Со напредокот на општеството преку списанија и телевизија можело да се види дека  најславните претседатели на држави во дваесетиот век биле големи уживатели на пури почнувајќи од Јосип Броз Тито кој беше најкомплетниот и најголемиот познат хедонист што некогаш живеел .Познати уживатели на пури биле и Винстон Черчил, Фидел Кастро, Ернесто Че Гевара, Џон Кенеди и истакнати личности како  Марк Твен, Зигмунд Фројд, Џорџ Бурнс и други. Што се однесува до достапноста на квалитетни пури сега за разлика од порано кај нас има неколку увозниции на пури и со тоа пурите се веќе лесно достапни. Можам да кажам дека ЛГА Импортс и Тобако е еден од водечките увозници кој ги увезува најдобрите пури кои не потекнуваат од Куба, има и застапник на кубански пури и застапници на машински пури кои не се интересни за вистинските уживатели на пури бидејќи не се од цели листови тутун и не се рачно направени. За жал има и шверцувани пури кои се со сомнителен квалитет и се разбира нивните цени се пониски бидејќи не се оригинални. Кај нас има еден одреден но не голем круг на уживатли на пури кои знаат да ги почитуваат правилата и кодексите на козумирањето на пури. Tоа се искусни пураши кои на некој начин се и одреден пример како тоа се прави,  како тоа треба да изгледа за биде отмено и џентлменски.

Се почесто имаме примери  на доста млади луѓе кои сакаат да бидат уживатели на пури и да ги научат тајните на искусните уживатели на пури, се интересираат, прашуваат, читаат, истражуваат… Има мажи кои сакаат да пробаат да пушат пури но се срамат бидејќи земаат во предвид што ќе мисли и каже околината за нив, има и такви кои уживаат во пурите дома сами а и тоа некогаш претсавува  задоволство. За жал постојат и лоши примери на козуматори на пури најлошото е тоа што не сакаат да се информираат и да научат што е типично балкански, и во суштина не знаат да конзумираат пури, а се прават дека знаат и кога во наводници уживаат во пурите тогаш ситуациијата делува снобовски некогаш и малограѓански. Најчесто тоа се случува  кога некој сака да привлече внимание на себе дека е некој и нешто и за тоа користи пура. а не знае како! На крајот сето тоа е смешено во очите на присутните бидејки уживањето во пурите е вистнски ритуал кој има свои џентлменски кодекс и правила, од држење на пурата, пресекување, палење, почеток на конзумацијата, средина и крај. Реално пура може да пуши секој, но во  пура може да ужива, а при тоа добро да изгледа само некој!

Конзумирање добра пура на некој начин е релаксација каде се вклучени повеќе сетила кои се синхронизирани и во моментите на добро опуштање конечниот резултат е тотално уживање.

Со цел да ја подигнеме пура културата ние од ЛГА Импортс и Тобако правиме настани каде се среќаваат уживателите на пури, коорганизатори сме на првенството за споро пушење на пури кое е и квалификација за светското првенство кое секоја година се одржува во Сплит, Хрватска.

ЛГА е организатор на манифестацијата Мак Цигар Афиционадо манифестација која е најголем собир на уживатели на пури во нашата држава на која се доделуваат титулата Мак Цигар Афиционадо на личност која е најзаслужна за ширење на пура културата во Македонија. Фејсбук групта Пура Култура каде што јас сум админ која со поддршка на Марко Нанче Трендафилов, Бојан Коцевски и други уживатели на пури ја направивме пред една ипол година и веќе има близу 300 членови и сакам на сите активни членови да им се заблагодарам кои со своите фотографии и коментари придонесуваат исто така за ширење на пура културата во нашата држава.

Кажете ни за Вашиот начин на сечење ,палење и пушење пура … Дали постојат некои специфични правила? 

Секогаш пред да ја пушам пурата прво ја разгледувам и го гледам украсниот лист тутун, односно омотот или популарно наречен врапер. Ја гледам бојата на листот и начинот на кој е ролана односно замотана. Нежно многу внимателно ја притискам за да проценам колку е сува односно дали пурата ја има потребната влага од 65 до 75 % за да може да се конзумира. Тоа се чуствува при притискањето на пурата. Откако ќе ја разгледам  пред да ја запалам сакам да го почуствувам нејзиниот мирис и арома, тоа е едно интерсно искуство бидејки тогаш се чуствуваат аромите на тутунот зависно од неговота ферментација и стареење. Кога сме кај пресекувањето на пурата тоа е еден од најважните моменти, пурата во зависно од нејзината форма се сече на самиот врв многу внимателно и не повеќе од милиметар. Одрежаниот дел како капица не би требало да е во дијаметар поголем од седм до осум милиметри во зависност од дебелината на пурата, доколку е пурата во форма на беликосо или торпедо, бидејќи овие две форми на пура се зашилени тогаш за почеток се отсекуваат не повеќе од пет до шест милиметри од врвот на пурата. Доколку пурата е премногу пресечена тогаш е тешко вовлекувањето на воздухот преку пурата бидејќи отворот е многу голем и сето тоа е на штета на уживањето во пурата.  Кога јас ја пресекувам пурата тоа го правам со цигар катер кој е многу остар и во еден момент отсечно ја пресекувам. Палењето на пурата може да биде на старомоден начин со кибрит со кој прво палите парче суво цедрово дрво па потоа со вовлекување ја распалувате пурата, или директно ја распалувате со кибрит. Палењто пура може да биде и со запалка со пламен исто така со вовлекување.

Јас ја палам пурата со џет бренер запалка и мислам дека ова е најдобриот начин на распалување на пурата, пурата не треба да биде излозена на најјакиот дел од пламенот туку само врвот од пламенот треба да допира на таканареченото стапало или крајот на пурата.  Пурата се држи под агол од 45 % и полека се ротира или запалката се ротира внимателно само со врвовите да се распали добро пурата. Се препорачува неколку пати да се дува во веќе направениот жар за добро да се вжари но не и да дојде до палење во пламен. Доколку пурата се пали дирекно во пламен на некој начин премногу се загрева и го губи својот вкус и почнува да горчи што секако не е добро. Јас откако добро ќе ја разгорам пурата почнувам со пушење, сакам да ги почуствувам аромите на тутунот од кој е составена пурата, од едно до друго повлекување сигурно поминуваат две минути и сакам пушењето на пурата да биде полека и споро како би можел да се опуштам и комплетно да уживам во мајсторијата на вредните луѓе кои вложиле многу труд, време и знаеење рачно да направат еден квалитетен природен производ каков што е пурата. Сакам пепелот да стои на пурата и некогаш внимавам да биде што подолг но и да не падне, долгиот пепел го успорува горењето на пурата. Пурата никогаш не се тресе како цигара туку полека се ротира од зидот на пепелникот за да падне пепелот. На крајот од пушењето остатокот од пурата го оставам да догори во пепелник, но никогаш не ја гасам како пикавец бидејќи тоа го сметам за понижување на работата на ролерите, луѓето кои се мајстори за мотање пури.

Постојат правила, и од тоа колку ги почитувате зависи дали и колку ке уживате во пурата.

Ние од ЛГА Импортс и Тобако направивме еден книшка која е насловена ; ‘’10 Правила кои треба да ги знаат уживателите на пури’’. Во оваа книшка поoпширно се објаснети овие правила и ќе ги направиме достапни за читателите Friday.mk односно доколку сакате ке ги објавите во некое следно издание. Доколку некој сака да добие книшката со 10 те правила може да дојде во салонот на ЛГА Импортс и Тобако и таму да подигне бесплатен примерок.

Со што најчесто ја комбинираш пуратa? 

Во зависност од ситуацијата и од тоа колку имам време, наутро најчесто комбинирам пура со кафе, обично со макиато, а некогаш и после ручек комбинирам пура со кафе. Кога комбинирам со алкохолни пијалоци сакам тоа да биде некој добар ликер бидејќи сакам благ вкус и доколку пурта е појака со пополн комплексен вкус  тогаш има еден контраст на ароми во кои јас уживам. Добар коњак е исто така моја омилена комбинација со пура, понекогаш сакам како и повеќето уживатели на пури добро виски во вечерните часови, тоа е одлична комбинација.

Иако некои уживатели на пури несакаат пурата да ја комбинираат со вино, јас сакам, некогаш навечер со  добра пршута неколку врсти квалитетно сирење и добро црвено вино.

 ‘’Добра пура е како добра жена чувството е како совршен оргазам’’

За авторот

Mr. M