Автомобили Интервјуа

Габриел Стибел за големата љубов кон кабриолетите

Напишано од Mr. M

Пред неколку дена со нашиот пријател Габриел Стибел, зборувавме за една многу интересна тема, а тоа е зошто мажите ги сакаат кабриолетите. Целиот овој текст можете да го прочитате на следниот линк.

Габриел Стибел е автор и водител на емисијата Гарден Клуб Градини која се емитува на ТВ Телма веќе 9 сезона, изработува фонтани и уредува градини, меѓународен кинолошки судија, колекционер и пасиониран уживател на пури и админ на групата Пура Култура и презентер во ЛГА Импорт и Тобако.

Габриел важи за вистински хедонист кој сака да ужува во убави работи, а доказ за тоа беше наградата Хедонист на Годината која што тој ја доби на изборот на Мажи на Годината за 2019. Кога станува збор за автомобилите, тој има голема љубов кон кабриолетите.

Прочитајте повеќе во нашето интервју со него…

Кога започна љубовта за кабрио возилата?

Секогаш сум сакал да поседувам и уживам во возењето кабриолет но тоа се случи пред 5 години кога сосема случајно со еден пријател барајќи делови за градежни машини во едно село во близина на Прилеп во еден хангар со делови ја здогледав Барчетата и тоа беше љубов на прв поглед. Се договорив со сопствениците и ја купив. Потоа следуваше средување на Барчетата бидејќи не била возена и мораше да се направат ситни механички и каросериски поправки. Меракот беше голем и за триесетина дена ја оспособивме за сигурно возење.

Барчетата не ја возам секојдневно, обично за викенди со сопругата патуваме низ државата и правиме екскурзии, речиси и да нема град во кој не сме биле. Една од најголемите тури што сме ги направиле е Адриатик турата, Скопје – Бар – Трст. Заедно со наши пријатели кои исто така поседуваат Фиат Барчета возевме од Скопје преку Бар,  Црна Гора до Трст во Италија и ја возевме целата Јадранска ривиера посетувајќи ги речиси сите градови. Посетивме 23 града за само 12 дена. Тоа беше незаборавно искуство и уживање возејќи покрај самото Јадранско море.

Дали постои некој клуб или здружение за љубителите на кабриолети? 

Постои клуб во Скопје кој организира заеднички возења во кој членувам и јас. Досега сме возеле повеќе пати заедно со останатите љубители на кабриолети и купе спортски возила на дестинации во Македонија. Тоа се прекрасни забавни дружења. Оваа година треба да се вози и надвор од Македонија, направен е календар на возење но ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Исто така постои и ФБ група Барчета клуб Македонија каде членуаат и други сопственици на Барчети. За крај ќе го цитирам мојот пријател Александар Кондиќ сопственик на кабриолет кој еднаш рече “Скопје поинаку изгледа кога го возиш со кабриолет” и да знаете дека е во право.

За авторот

Mr. M