Интервјуа

Ѓорѓи Симјаноски, најдобриот бармен во Македонија со интервју за Friday.mk

Напишано од martin
Во она во што е најдобар денеска се нашол сосема случајно, претходно се занимавал со многу поразлични работи. Исто како и секој млад човек, и Ѓорѓи сакал да проба се, со цел да го пронајде она во што целосно ќе се пронајде. Во продолжение прочитајте го целото интервју со Ѓорѓи Симјаноски, кој важи за најдобриот бармен во Македонија за оваа година.

Како се најде Ѓорѓи во оваа професија? Кажи ни нешто за твоите почетоци?

Како секој млад човек сакав да пробам се, со цел да го најдам она во што целосно ќе се пронајдам. Така почна и оваа приказна. Искрено на почеток не ни мислев дека ова ќе стане моја животна определба, а подоцна опсесија и страст. Почнав со миење чаши, тоа беше првата скала. Застанувањето од другата страна на барот ми ја промени перцепцијата за работата и разбуди љубопитност за да навлезам подлабоко во она што барот го крие и е целосно непознато за луѓето кои се само гости на истиот, меѓу кои дотогаш бев и јас. Тоа беше потполно нов свет, кој и те како ме предизвикуваше да го истражам. Сегашниот претседател на Здружението на Бармени на Македонија Дарко Ангелевски, виде во мене потенцијал и ми предложи да почнам со основниот курс за бармени, кој сериозно ме воведе во мојот почеток и ми обезбеди солидна основа за да успејам да направам  кариера во работата која  со многу љубов ја работам и  денес.

Кои лични квалитети мислите дека да ги има еден бармен за да ја заврши работата добро?

Пред се, за да се биде добар бармен треба сериозно да се вложува во себе, односно доста да се едуцира и надградува со литература стручно поврзана со професијата како и преку секојдневните искуства со гостите. Да биде иновативен, креативен, комуникативен и најважното од се да ја работи работата со многу љубов и страст бидејки таа во мојот случај е движечкиот мотор и најголем виновник за сите успеси кои сум ги постигнал.

Дали си посетувал некои курсеви за твојата работа, каде успеа да се усовршиш?

Здружението на Бармени на Македонија беше вистинската адреса за моите почетоци но и подоцна за напредните курсеви за едукација. Од тука добивате одличен извор на информации кои подоцна доста ми помогнаа при градењето на кариерата. Секако најголеми критичари се луѓето кои се пред вас во барот и искрено ви кажуваат што им се допаѓа што не, пред нив положувате испити за кои сте свесни дури на крајот на денот, а сето тоа ве прави подобар и поквалитетен бармен.

Во што уживаш најмногу во твојата кариера?

Уживањето е насекаде, во многу ситуации. Кога ќе успеам на некого да му го разубавам денот, да изнудам нечија насмевка кога е тажен, предизвикам позитивна емоција. Најмногу уживам кога со гостите почнуваме пријателства кои се многу интересни.

Твоите омилени 3 коктели и што нарачуваш кога одиш во некој бар?

Не би можел да издвојам омилени коктели затоа што сите се различни на свој начин и зависно од приликата и расположението избирам што да пијам. Сакам да пробувам нови комбинации но исто така уживам и во добро вино.

Дали во Македонија постојат квалитетни бармени и колку сериозно гледаат на оваа работа?

Од досегашното искуство можам да кажам дека во Македонија има навистина квалитетни бармени. Имам колеги, кои се доста посветени и талентирани. Сепак не треба да се потценат социјалните мрежи и интернетот воопшто бидејќи благодарение на тоа можеме сериозно да го прошириме знаењето и да застанеме рамо до рамо со бармени, кои доаѓаат од земји со побогата бар култура. Професијата бармен се издигна на многу повисоко ниво и стана сериозна професија, што мене исклучително ме радува.

Дали кај нас има место или школо каде што може да се учат младите за оваа професија?

Да, има училиште за бармени во склоп на Здружението на Бармени на Македонија. Истото нуди почетни и напредни курсеви за бармени како и голем број едукативни семинари и обуки. Здружението е член на Светската асоцијација на бармени ( IBA) и единствено здружение од овој тип кај нас.

Кои се Вашите лични или професионални цели за иднината?

Како и во секоја работа така и во оваа секогаш има предизвици. Тие ме мотивираат да бидам секој ден се подобар, да направам поубав коктел, да се качам скала погоре. Следен голем предизвик што ми претстои е Светското првенство во Талин, Естонија кое ќе се случува во октомври. Таму ќе ја претставувам Македонија и се надевам на успех.

Кој коктел е според тебе омилен на Македонците и можеш ли да ни кажеш накратко како се прави?

Дефинитивно, Мохито. Кубанскиот дух се преточува во чаша со следните состојки: рум, лимета, листови свежо нане, кафеав шеќер и сода. Лиметата и шеќерот се пасираат во чаша, се додаваат листовите нане, дробен мраз и рум. Состојките се мешаат и на крај се додава сода. Ова е основната верзија, но како и за секој коктел, така и за овој достапни се и разни варијации кои се личен избор.

Може ли да кажеш неколку совети за некој нов на оваа работа?

Упорноста е клуч за успех. Вложувањето време и учењето секогаш носат резултати. Да се биде бармен значи секој ден да се истражува и да се открива. Се прават нови коктели, се откриваат нови светови на вкусови. Сето тоа нуди истовремено и забава и адреналин. А како посебен совет би порачал да не се потценуваат и да веруваат во себе. Ова е професија во која можете да се натпреварувате со себе, да направите поквалитетен коктел од вчера, да изработите подобра декорација за утре. Таму каде што се испреплетуваат љубовта и работата може да има само успех.

За авторот

martin