Интервјуа

Горјан Јовановски: “За успех е пресудно само пасија”

Напишано од Nikola

Денеска нашиот тим имаше можност да разговара со еден доста интересен лик. Станува збор за Горјан Јовановски, македонски софтверски инженер и креатор на апликацијата Мој Воздух. Тој моментално е дел од тимот на познатата светска компанија, Booking.com.

Кој е Горјан? 

Горјан е софтверски инженер, еко активист, ТЕД говорник и креатор на МојВоздух. Тоа е описот ако сакам да изгледам важен. Горјан всушност е 25 годишен програмер кој се обидува своите знаења да ги вложи во подобрување на проблемите со кои што се соочуваме во Македонија.

Како изгледа еден твој работен ден?

На работа пристигнувам во 9 часот, и го посветувам почетокот на денот за социјализација со членовите на мојот тим. Како тим лидер, важно ми е да знам дека сите се среќни и без пречки за нивните дневни задачи. Остатокот од денот поминува дел во состаноци со моите колеги, дел со кодирање на нови интересни продукти за Booking.com. Најчесто крајот на денот во 5.30 доаѓа побрзо него што очекував, што остава впечаток дека Booking.com е фирма која што е доста забавна за работа и само-напредок.

Како се роди идејата за една од најатрактивните апликации во Македонија “Мој Воздух“?

Податоците постоеа и беа достапни уште од 2011 година, 3 години пред МојВоздух да се појави. Но тие беа прикажани на еден тешко разбирлив начин за многумина од нас. Кога ги пронајдов, решив да направам многу полесен и попрегледен приказ на истите, со кој би придонел до подигнување на граѓанската свест околу загадувањето.

Како се случи Горјан да живее во Холандија?

Откако ги завршив моите додипломски студии на Факултетот за Компјутерски Науки и Софтверско Инженерство при УКИМ, решив да испробам живот надвор од Македонија, со цел да го продолжам моето образование. Всушност, моите родители беа тие кои што, по туристичка посета на Амстердам, ми го предложија како убаво место за живот. Така решив да аплицирам на University of Amsterdam, каде што магистрирав на смерот за софтверско инженерство.

Моментално работиш во com, може ли да ни кажеш како е да се работи во една од најпознатите светски компании?

Многу поразлично од претходните мои навики за работа.  Иако Booking.com е голема фирма со над 15.000 вработени ширум светот, секој тим внатре дејствува како мал независен стартап. Имаме целосна слобода да го усмеруваме производот таму каде што веруваме дека е најдобро за нашите корисници. Голема доверба се дава на секој вработен, и многу се вложува во унапредување и на техничките, но и на бизнис вештините.

Кои се твоите хобија, што е она што го правиш кога немаш работни обврски?

Всушност, голем дел од слободното време го поминувам додавајќи нови можности на МојВоздух. Апликацијата ми е како дете, така да уживам додека ја надградувам со дополнителни опции. Малиот дел од времето што ми преостанува го посветувам на физичка активност, пливање, дружење со пријателите и патување преку викенди низ Европа.

5 работи без кои не можеш да си го замислиш денот?

Утринското возење со точак до работа (освен кога врне), цедениот сок од портокал како прв пијалок во денот, празнење на инбоксот од емаил пораки, справувањето со нови интересни предизвици на работа и секако зезањето со колегите и пријателите што ми става секогаш насмевка на лицето.

Поради работните обврски веројатно често патуваш, па не интересираше која е разликата во бизнис светот во високо развиените земји и кај нас?

Има многу што може да научиме од бизнис светот во Холандија, посебно од фирма како Booking.com. Вработените се третираат како храм, се вложува многу во нивното унапредување, среќа и знаење. Со самиот факт што јас како тим лидер сум трениран да применувам servant leadership – водство преку служење на тимот, се покажува разликата од класичниот шеф и лидер кој помага на тимот да напредне.

Што е според тебе пресудно за успех и може ли да ни дадеш некој совет за тоа како да се цели кон врвот?

За успех е пресудно само пасија. Време, пари, вештини, соработници, се може да се најде на еден начин или друг. Но мора да ја поседувате пасијата за да може да целите кон врвот. Јас сум пресреќен секој пат кога ќе додадам нова можност во МојВоздух, или ќе видам дека групата активисти сме извојувале победа на некое бојно поле со загадувањето. Таа пасија ме бутка секој ден во овие 4 години јас да продолжам со унапредување на самиот себе, и да целам кон врвот!

Кажи ни нешто повеќе за искуството на TED Talk?

Искуството е неспоредливо со други настани. Секој настан има свои предности, а TED ми дозволи да се запознаам со прекрасни умови од целиот свет. Имав шанса да зборам со новинар што 8 години патува низ светот, 20 годишен студент што работи за Hyperloop проектот на Elon Musk, и човекот што го смислил државното брендирање на Естонија. TED презентациите се доста познати низ светот, така што ми се отвори платформа каде што можев да ја пренесам приказната за Македонија на интернационално ниво, и со тоа да донесам поголем притисок кон решавање на аерозагадувањето.

Дали веруваш дека македонските власти доволно превземаат за проблемот со загадувањето?

За мене, доволно ќе биде кога воздухот ќе биде чист. До тогаш, секогаш ќе може да се преземаат дополнителни активности, ригорозни мерки, и големи чекори, со цел зачувување на она кое што сите го дишеме. Се надевам дека место да поминуваме време во конференции и обвинувања, ќе се соединиме и заедно ќе пристапиме кон решавање на проблемот, еднаш и засекогаш.

За авторот

Nikola