Најново Технологија

Huawei MateBook X Pro 2020 – Дали го имаме најдобриот компактен лаптоп за 2020 година кај нас?

Напишано од Mr. M

Да бидеме искрени Huawei направија револуција во светот на лап-топ компјутерите или преносните компјутери. Имавме можност да го користиме најновото и можеби едно од најдобрите решенија на лап-топ досега, Huawei MateBook X Pro 2020, и да бидеме искрени во овој лап-топ ќе го пронајдете сето она што ви треба, дури и повеќе.

Пазарот со преносни компјутери или лап-топ, не ниту приближно со пазарот на мобилни или смарт телефони. Постојат неколку компании кои доминираат на пазарот низ годините, а сето останато како да се провлекува зад нив. Слична беше ситуацијата на пазарот со мобилни кога се појави Huawei. Искрено беа потребни неколку години како би го постигнале денешниот успех кој го имаат. Нешто слично, судејќи според моделите кои ги претставија, имаат и со пазарот на преносни компјутери. Според многумина токму 2020 година ќе биде за нив посебна, или како што сакаат да кажат многумина, Huawei започна да го освојува и пазарот на преносните компјутери.

Денеска ќе правиме една многу интересна рецензија на еден од најдобрите преносни компјутери кои се појавија на пазарот. Иако, овој модел датира од пред неколку години, кога освои неколку награди за дизајн, звук и спецификација, сега на пазарот ни доаѓа со додавка 2020 година. Huawei MateBook X Pro 2020 е лап-топ кој има навистина занимливи и корисни карактеристики и ќе се потрудиме да ви ги откриеме преку оваа рецензија.

Пакувањето на овој лап топ е на едно друго ниво. Доаѓа во две кутии, од кои првата е поштенска, додека втората е многу компактна што на прва се замисливме дали внатре навистина има лап-топ.

Кога ќе ја отворите и втората кутија, тогаш доаѓа моментот на љубов на прв поглед. Дизајнот на Huawei MateBook X Pro 2020 е преубав и елегантен, што веднаш ќе посакате да го имате постојано пред вас. Куќиштето му е направено до цврст и лесен алуминиум од сите страни, нема никакви пластични делови, така што од една страна изгледа тенко и елегантно, а од друга страна цврст и квалитетен. Моделот кој ние го имаме е со зелена мат боја, и е навистина мангупски, со што со сигурност ќе привлече внимание на луѓето околу вас. Легурата на лап-топот е таква што не остава отпечатоци на самото куќиште со што го прави уште по елегантен. Од долната страна има четири мали гумички кои не дозволуваат да се лизга на површината при користење. На самиот лап-топ има налепници на Windows и Nvidia со што одма ни стана јасно дека ова е компјутер на кој може да се работи но и да се играат игри. Под налепниците се гледаат и четири дупки кои се четири микрофони, по две на двете страни, со што се првиот впечаток е дека се дава акцент на мултимедијалниот аспект, со што ќе уживате во филмови, музика, игри или пак додека сте на видео конференција.

Во левиот и десен агол има излез и влез за слушалки и микрофон, како и два влеза за USB Type-C, од кој еден е наменет за полнење. На другата страна има и влез за USB 3.0.

Да бидеме искрени, како и да го погледнеме се чувствува оној врвен квалитет, и дизајн кој секој би го посакал. Има димензии од само 304 х 217 х 14.6 милиметри, а тежина од 1.33 кг со што можете да го сместите во секој ранец, торба. Буквално секаде можете да носите со вас.

ТАСТАТУРА И TOUCHPAD

Со оглед на димензиите нема нумерички дел од тастатурата што е и логично. Но, кога веќе ја споменуваме тастатурата мора да кажеме дека е одлична, има супер големина и направена е така што нема да згрешите при користење. Со оглед на тенкиот дизајн, имаат малку крут стисок, што нас ако не прашувате тоа е подобро од другите видови.

Копчето за палење се наоѓа во горниот лев агол над тастатурата, а тоа копче е воедно и читач на отисок од прстот со што ви гарантира потполна сигурност на вашиот лап-топ. Поради тенкиот модел, камерата се наоѓа на едно досега нетипично место, но тоа го прави овој лап-топ посебен. Се наоѓа помеѓу F6 и F7 и со стисок на неа се отвора, со што се тоа е дополнителна вредност за овој лап топ од безбедносен аспект, знаејќи дека многумина можат да ја користат камерата за неовластено шпионирање и рушење на приватноста.

Она што сакаме посебно да го истакнеме е големината на TouchPad-от кој е благо вдлабнат со што имате простор за одморање на рацете. Направен е од еден дел, доста е простран, и прецизен, одлично реагира на допир, и е мултифункционален.

ЕКРАН

Екранот е еден д подобрите кои сме ги виделе. Како произведувач на екраните се јавува Japan Display Inc. Остар е и јасно ги прикажува боите кои се доста јаки и живи. Се работи за екран IPS LPTS FullView од 13.9 инчи со широк агол на гледање од 178 степени, висока 3К резолуција од 3000 х 2000 пиксели (260ppi), кој зазема 91% од површината.

Екранот е осетлив на допир и поддржува повеќе допири односно истовремен допир со повеќе прсти или до 10 точки, а интересно е дека поддржува и гестикулации. Има јако осветлување од 450 нити, контраст 1500:1 и покрива 100% од RGB, а има и сензор за светлина. Она што приметивме е дека екранот е отпорен на отисок од прстите, или не се прља, со што не мора да го чистите често.

Екранот е една од најјаките карактеристики кои ги има покрај многуте други.

ХАРДВЕР И СОФТВЕР

Гледано хардверски Huawei MateBook X Pro 2020 е навистина лесен за користење и за носење со вас. Има најнова 10 генерација на Intel Core процесор од фамилијата на Comet Lake, која е посебно наменета за вградување во преносни компјутери. Се работи за 4 јадрена Intel Core i7-10510U процесор со 1.8 GHz. Произведен е во 14 нанометриска технологија и има 8MB Intel Smart Cache меморија.

Во процесорот е интегрирана Intel UHD Graphics на 300MHz и може да се пофали со дедицирана Nvidia GeForce MX250 графичка картичка со 2GB GDDR5 видео меморија.

На располагање ви стои и 16-GB RAM меморија што е доволно за сериозна работа како и 1TB SSD M.2 NVM3 4x PCle хард диск. Се на се кога ќе собереме, навистина моќна машина на која можете да работите сериозно и пак сериозно да се забавувате.

Софтверски гледано има инсталиран Windows 10 Pro оперативен систем, со што ви гарантира максимална стабилност при работењето, посебно на оваа големина на лап-топ и конфигурацијата која ја има.

Од некои дополнителни софтверски решенија би сакале да ги истакнеме некои апликации на Huawei како што е Huawei Share, Huawei MateBook Manager, како и Huawei Factory Reset. Интересно и многу важно според нас е што овој лап топ поддржува гестикулации на екранот, интуитивно поместување, зумирање, одбирање и интеракција. Исто така можете да лизнете со 3 прста надоле како би направиле screenshot.

Работата на овој лап топ е доста брза и удобна, баш како што би очекувале. Мора да истакнеме дека лап-топот е спремен за работа за неколку секунди, а исто така и се гаси брзо. Нема многу губење на време.

БАТЕРИЈА

Батеријата на Huawei MateBook X Pro 2020 е една од појаките негови карактеристики. Има вградена батерија од 56Wh, а се полни преку  USB Type-C полнач. Поддржува брзо полнење (65W), а интересно е што истиот полнач може да се користи и за полнење на вашиот Huawei телефон.

При користење на лап-топот приметивме дека батеријата е стварно издржлива, и траеше повеќе од 10 часа. Ама душата му ја извадивме да сме искрени. По спецификацијата која ја носи со себе батеријата може да издржи до 11 часа сурфање по интернет, 13 часа гледање на видеа, како и до 15 часа работа

HUAWEI MATEBOOK X PRO 2020 – СПЕЦИФИКАЦИЈА

ЕКРАН: JDI 13,9 FullView, IPS LTPS 3K (агол на гледање 178 степени), максимална резолуција од 3000 x 2000 пиксели (260 ppi, размер 3:2), 91% површина, осетлив на допир истовремено во 10 точки (multitouch) поддржува гестикулации, осветлување од 450 нитиn, 100% RGB боја, контраст 1500:1, сензор за светлина.

ПРОЦЕСОР: 4-јадрен Intel Core i7-10510U на 1,8GHz (во турбо 4,9GHz), 14- нанометарски, 8MB Smart Cache, 15W TDP

ГРАФИКА: Intel UHD Graphics (300MHz, во турбо 1,15GHz), Nvidia GeForce MX250 (2GB GDDR5)

РАМ: 16GB (двоканален LPDDR3, 2133MHz)
МЕМОРИЈА: 1TB SSD M.2 NVMe 4x PCIe
КАМЕРА: 1MP
OS: Windows 10 Pro
БАТЕРИЈА: 56Wh,брзо полнење (65W), до 11 часа сурфање, до 13 часа гледање на видеа, до 15 часа работа
КУЌИШТЕ: алуминиум, зелена боја
ДИМЕНЗИИ: 304 x 217 x 14,6 милиметри
ТЕЖИНА: 1,33кг

ВЛЕЗ/ИЗЛЕЗ: 2x USB Type-C (полнење, пренос на податоци, DisplayPort), USB Type-A 3.0, комбо аудио (микрофон/слушалки)

ДОПОЛНИТЕЛНО: 4x звучници (звук во 360°), 4x микрофони (фаќа звук до 4 метри одалеченост), dual-band Wi-Fi(ac) 2 x 2 MIMO, Bluetooth 5.0, NFC, копче за палење и отисок на прст, осветлена тастатура, повеќенаменски touchpad, Huawei MateDock 2 (USB Type-A, USB Type-C, HSMI, VGA)…

СОФТВЕР: Huawei Share, Huawei MateBook Manager, Huawei factory reset

ОНА ШТО САКАМЕ ДА ГО ПОТЕНЦИРАМЕ

  • Одличен екран осетлив на допир
  • 4 микрофони и 4 звучници
  • Брза работа на лап топот
  • Безбедност
  • Феноменална батерија
  • Брз полнач
  • Неверојатно добар дизајн

За авторот

Mr. M