Најново

HUAWEI WATCH FIT – Во чекор со добрите навики

Напишано од The Gentleman

Сите ние живееме во едно брзо и динамично време. Време на нови технологии и време на постојан стрес. Затоа е добро да имаме еден постојан водич кон она што го правиме секојдневно. Тимот на Џентлмен Магазин одлучи да го проба новиот часовник од Huawei кој пристигна на пазарот кај нас – HUAWEI WATCH FIT.

Уште во првите денови носење на нашата рака сфативме дека се работи за еден исклучително интересен часовник со одличен дизајн, лесен и комфорен, а и ценовно одличен.

ДИЗАЈН

Овој часовник има навистина интересен облик и дизајн. Нетипичен за поголемиот број на часовници, но со неговиот дизајн влегува во оние ретки дизајни на часовници кои се уникатни во производството или ретки.

Има едно копче од страна кое е толку тенко и ергономски направено што раката воопшто не заглавува на пример кога ќе ја ставите во вашиот џеб.

Овој модел кој ние го пробавме е со алуминиумско куќиште и силиконско ремче и е комплетно спортски, но неговата боја и изглед ни дозволува да го носиме буквално на се. На долниот дел од часовникот се наоѓа оптички пулс метар и сензор за мерење на нивото на кислород во крвта, како и пин за полначот.

Има одличен екран со резолуција од 456×280 пиксели, а тоа е повеќе од 300ppi квадратни инчи, ако знаеме дека екранот е 1.64 инчи. Има автоматски сензор за регулација на светлината на екранот и тоа го прави јасен и читлив во секоја пригода. Екранот се пали на сензор на движење и така се штеди батеријата, но има и други опции на располагање.

Ремчето е силиконско како што веќе напоменавме и е доста удобно на рака. Со оглед на тоа како лежи на рака, не може да се замени со ниту едно друго. Има и други бои на ремени, но оваа минт зелена некако е посебна.

Тежи само 34 грама и нема да го осетите доколку го носите 24/7 на вашата рака. Со оглед на тоа и дека е водоотпорен до 5ATM, навистина не морате да го симнете од вашата рака, освен за полнење секако.

СОФТВЕР, КОРИСТЕЊЕ, НОТИФИКАЦИИ

Кога сме кај софтверот користи Lite OS и користењето е речиси исто како кај другите часовници на Huawei.

Лесен е за користење доколку не сте користеле досега паметeн часовник. Со лизгање на екранот, со допирање по него и со само едно копче. Лесно како песна што би рекле. Тоа едно копче, зависно каде сте на менито е за враќање назад, да излезете на главниот екран или да ги прикаже апликациите.

Лизгање со прстот од горе ги покажува сетинзите и останати работи, од доле нагоре ги прикажува апликациите, а кога ќе поминете со прстот од лево на десно се враќате назад.

Со хоризонтални движења на екранот можете да ги прегледате основните работи на часовникот, како и отчукувањата на срцето, нивото на стрес, временска прогноза, контрола на јачината на звукот, како и останати дневни активности. Има десетици различни лица на часовникот, а можете да преземете и други од Huawei Health апликацијата.

Она што треба да го знаете е дека апликацијата Huawei Health е клучна и ќе мора да ја инсталирате и на вашиот телефон. Таа апликација го прати телефонот во целост. Преку оваа апликација ќе можете лесно да ги следите вашите резултати и активности.

При секоја нотификација или промена, часовникот вибрира со што сте постојано информирани. На часовникот можете да ги прегледувате вашите пораки кои ќе стигнат, но не целосно, исто како што ќе добиете нотификација кога некој ве бара, но не можете да се јавите.

Во однос на апликациите доаѓа комплетно опремен, и нема можност за дополнителни апликации, но верувајте не ви се потребни.

ПЕРФОРМАНСИ, БАТЕРИЈА, ПОВРЗУВАЊЕ

HUAWEI WATCH FIT работи на доста брза платформа, и навистина неговата брзина изненадува. Има 4GB меморија. Watch Fit е опремен со сензори за мерење на чукањето на срцето и оној за мерење на кислородот во крвта. Има GPS+GLONASS, како и други сензори.

Следи дури 96 различни спортски активности помеѓу кои и пливање во базен и отворени води, а автоматски препознава и ги прати одењето, трчањето, Орбитрек и веслање. Интересно е што ви нуди и разни анимации со што ви покажува некои кардио вежби и останати активности.

Прилично добро го следи и квалитетот на вашиот сон, со што секое утро ќе имате извештај како сте спиеле.

Во неговата кутија има полнач на магнет кој се лепи на дното на часовникот. Многу важно е да знаете дека часовникот се полни за 1 час и 15 минути. Овој часовник има супер батерија и во супер перформанс до 3 тренинга и вклучен GPS може да издржи до 10 дена.

Се поврзува преку Bluetooth 5.0 со било кој уред.

HUAWEI WATCH FIT за нас беше едно пријатно изненадување. Особено не изненади колку е удобен и лесен на рака. Следи голем број на спортски активности, го следи вашето срце, вашиот сон и кислородот во крвта. Батеријата му трае 10 дена. Сето ова беше причина за ние да го одбереме овој часовник.

А и цената му е одлична.

За авторот

The Gentleman