Интервјуа

ИНТЕРВЈУ: Марин Велковски – добитник на признанието Business Elite’s 40 Under 40

Напишано од Пјер

Понеделнички, разговаравме со Марин Велковски добитник на престижната награда Business Elite’s 40 Under 40 како еден од најуспешните млади менаџери во југоисточна Европа. Разговаравме со Марин на неколку теми, но ни раскажа и што оваа награда претставува за него.

1. Кој е Марин Велковски?

Магистер сум на економски науки, од областа на претприемништвото. На мое големо задоволство во 2013 година, бев првиот магистрант на универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје кој пишување на тема – “Можностите и перспективити на офшор компаниите”. По завршениот втор циклус на студии продолжив со академска работа и објавување на стручни трудови во меѓународни списанија. Од 2011 година работам како менаџер за увоз, во приватната компанија “Ана Ком Дооел”, најголемиот увозник на замрзнато пилешко месо во Македонија. Континуираното надоградување го сметам како доживотен процес и се обидувам секој слободен момент да ми биде исполнет за стекнување нови вештини. Освен професионалните обврски, голем љубител сум и на спортот, кој претставува составен дел од моето секојдневие.

2. Добитник сте на наградата 40 under 40 со која се признава вашата работа во изминатиот период.. Што претставува оваа награда за вас?

Сигурен сум дека е чекор поблиску до следната зацртана цел.  Секое признание е мотив плус да се продолжи по истиот пат, со мнoгу подинамично темпо. Да се биде помеѓу 40-те најуспешни и најамбициозни млади менаџери од Југоисточна Европа за мене претставува огромна чест и задоволство. Според пропишаните критериуми, наградата е рефлексија на индивидуалниот придонес во компанијата на добитникот, вклучувајќи ги и личните академски и професионални достигнувања. Признанието Business Elite’s 40under40 отвара голем број на перспективи од бизнис аспект, преку вмрежување и  креирањето нови лични и бизнис релации на индивидуите со исти интереси и цели. Со самата селекција секој награден станува член во Executive Club и секоја следна година е поканет да присуствува на меѓународни конференциите каде фокусот е човечкиот капитал, со надеж дека тие иницијативи ќе донесат подобри денови во општеството во кое живееме.

3. Што за вас е потребно за да се биде успешен во она кое што го правите?

Дисциплина, максимална фокусираност и посветеност на целта. Живееме во динамично време кога стотина нешта во текот на денот ни ја одзимаат концентрацијата, од социјалните медиуми, па се до непордуктивните состаноци. Секоја работа од вас бара да бидете посветени во целост и тоа е тоа кое што носи успех според мене. Континуирани напори во конкретна област, на долг рок сигурно носат резултати. Сите ние имаме проблем со конзистентноста и сите на различен начин се мотивираме. Според мене, најбитно да имаме “зошто” го правиме тоа што го правиме. Дали е нешто кое ќе биде значајно и во следните 5-10 години, или пак ги правиме работите за да бидеме “ин”. Секој од нас има сопствени мотиви и врз основа на тоа бараме соодветните пристапи.

4. Што прави Марин приватно? Што е она кое ве мотивира?

Се обидувам постојано да бидам во движење. Динамичниот карактер и професија ми налагаат постојано да бидам помеѓу пријатели, соработници, колеги, па од таму ја црпам и најбитната инспирација. Ме мотивираат луѓе кои не се откажуваат, кои и покрај проблемите со кои се соочуваме во нашата земја, гледаат светло на крајот на тунелот и уште побитно, секојдневно работат да ја остварат својата зацртана цел. Неколку пати неделно со пријателите преферираме спортски активности, тенис, кошарка или пак фитнес, а тоа секако допринесува за одлично расположение и дополнителен елан.

5. Како ти почнува денот? Дали имаш некои утрински ритуали со кои го започнуваш?

Се обидувам да станувам рано, помеѓу 5.30-6.00. Неколку пати неделно преферирам утринска физичка активност, независно дали е кардио или тежински тренинг. Веднаш по тренингот, се спремам за работните обврски. Околу 7.30 имам навика додека го пијам првото утринско кафе во канцеларија, барем 15-20 мин. да читам литература која не е поврзана со индустријата или тековните активности. Веднаш по тоа, денот ми почнува продуктивно, со однапред утврдените приоритети, кои веќе се испланирани од минатата вечер.

6. Колку според тебе младите кај нас се спремни да ризикуваат за успех?

За жал, доколку се погледне моменталниот сооднос на млади кои се вработени во јавниот и приватниот сектор не дава баш некоја сјајна слика која би можела да донесе сигнификантен успех. Сепак, верувам дека полека но сигурно се менува менталитетот и конечно ќе разбереме дека најголемиот ризик е да се одигра на “сигурна карта, сигурна плата и сигурно работно место”. Факт е дека во денешниот бизнис свет тоа не постои. Денеска постоите како ентитет на пазарот, и доколку не сте флексибилни и не знаете да се трансформирате кон околностите, веќе следниот месец сте во примерите на магазините на неуспешни компании.  Генерацијата на која што припаѓам и јас – милениумци, во последните 5-10 години почна да ги менува правилата на игра и мислам дека се повеќе млади се фокусираат на индивидуално градење кариери, преку превземање на претприемнички потфат во област која најмногу преферираат. Ценам дека амбизиозноста на индивидуата има најголемо влијание во целиот процес, бидејќи иако околностите се непредвидливи, ќе преовлада желбата за само-реализација и успех.

 

За авторот

Пјер