Интервјуа

ИНТЕРВЈУ: Трифун Костовски – Маж со трајни вредности во општеството

Напишано од Пјер

Трифун Костовски, човек кој има оставено навистина траен белег во општеството. Човек кој е тешко да се опише, бидејќи неговото портфолио е огромно. Познатиот бизнисмен, филантроп и поранешен градоначалник на Скопје, оваа година ја доби наградата за Маж со трајни вредности во општеството, на првиот избор на Мажи на Годината 2018.

Нашиот тим имаше ексклузивна можност да разговара со г-динот Трифун Костовски за неговата раскошна позадина и многубројните достигнувања кои се за восхит.

Г-дине Костовски, дефинитивно имате оставено трајни вредности во општеството. Што е она што вас најмногу ве отсликува?

Низ животната врвица човекот постојано мора да ги испитува и преиспитува своите постапки, своите животни императиви. Само така може да изгради систем на темелити, трајни вредности. Она што за мене претставува трајна вредносна вертикала е човечката одоговорност кон самиот живот која претставува цел еден сет на постапки од животно значење кои ќе не одржуваат во постојана будност и одговорност кон заедницата, кој најблиските, но и кон секој еден друг кој го среќаваме низ  животните патеки кои ги врвиме. Ние луѓето постоиме во релации, во споделени вредности кои би требало да градат слободни заедници. Тие релации треба да се исполнети со љубов. И токму тоа е можеби за мене најважната животна котва – љубовта. За мене љубовта подразбира грижа, взаемност, длабоко проникнување, сечовечка доблесност и одговорност кон животот и кон луѓето кои нѐ опкружуваат. Без љубов ништо не сме. Љубовта е нешто што ни е дадено но и што треба да се негува, да се култивира. Само преку љубовта сфатена како грижа во интимната но и во пошироката заедница, стануваме подобри луѓе а со тоа градиме и подобри светови. Љубовта е и споделување, широкоградост, несебичност.

Во мојот досегашен животен век секогаш се обидував да ги градам интимните и професионалните вредности и релации низ љубов. Таа ме води низ животните одлуки. Таа дава спокојство и во најтешките животни мигови. Таа дава волја и сила.

Оттаму, и мојата филантропија може да се каже дека се изнедрила од моето чувство за споделување и за љубов.

Што мислите дека треба да поседува мажот за да биде одликуван со титулата Маж со трајни вредност?

Па, некако ми се чини дека не треба јас да го дадам одговорот, туку оние кои одлучиле да ми ја доделат оваа награда – тие веројатно ги определиле критериумите. Но, сепак, морам да нагласам, за мене трајните човечки вредности подразбираат една нишка на човековата личност која е постојана, достоинствена, доследна, храбра, благородна, витешка. Тоа се моите критериуми, а одборот кој одлучувал најдобро да каже самиот кои биле неговите критериуми :)…

Постојат ли сѐ уште цели пред вас кои би сакале да ги постигнете?

Главно сум задоволен од сопствениот живот, и не сакам да бидам неблагодарен, па да барам и да очекувам уште нешто… Но, сепак, ќе ви откријам една тајна, една желба за која сонувам: на деведесет годишна возраст да одржам музички концерт во живо. Зар не мислите дека тоа би било убаво. Јас мислам дека би било многу убаво и поттикнувачки… Размислувам озбилно да ја разработам и остварам таа цел :). Се разбира, мојата најголема желба е да ме служат здравјето и умот и сите радости да ги споделувам уште долго со семејството и со најблиските околу мене.

Се реализирате себеси во повеќе општествени полиња. Бизнисот беше приматот, но сепак и уметноста и спортот не беа за вас помал успех. Сигурно секое си има свое место, но веројатно некое од овие оставило посебен печат?

Самиот живот, исполнет со ризици и предизвици е моето најголемо достигнување. Ништо не ми е страно, ниту едно искушение, ниту доброто ниту лошото. Се обидувам со разум и отворено срце да ги прифаќам нештата онакви какви што животот ги носи, и да се борам витешки во сите животни ситуации. Низ сите овие години, негувајќи ја отвореноста кон сѐ што е човечко, и за арно и за лошо, учев, осознавав, и се обидував да бидам пред сѐ човек кој ќе ги почитува и поддржува во секоја смисла на зборот вредностите што се клучни за една заедница, за таа да ги добие атрибутите на трајна, запаметена, развојна, еманципаторска, достојна заедница: а за мене клучните вредности се солидарноста, творечките надареност и одговорност, вредносните системи кои промовираат темелит, исклучителен квалитет во секој човеков двиг, во секој општествен сегмент.

И во бизнисот, но и во моите филантропски ангажмани, за мене најголема вредност е да се научи лекцијата за дарувањето и взаемноста. Тоа е моето животно кредо, моето мото. На човека му е дадено да дарува, пред сѐ да се дарува себеси како личност, бидејќи тоа е единствениот начин да ја почувствува целата потполност на животот, на светот. Тоа е единствениот начин да раснеме, постојано да се подобруваме, да го заслужиме нашето постоење. За мене е важно да се обидувам постојано да градам подобри светови, подобри меѓучовечки односи… Онолку колку што се може…

Пред прагот на 2019, кои се впечатоците од годината што замина?

Навистина ова беше бурна година. Со многу нешта кои се вредни за одбележување, за паметење, како сознание, како општествено-историски исчекор. Сепак, би го издвоил за мене најважниот: тоа е потпишувањето на Преспанскиот договор помеѓу Македонија и Грција. За мене ова е најважниот политичко-историски миг, кој верувам дека на Македоија ќе ѝ ги рсакрили едрата да заплови конечно по мирните води и со кој Македонија ќе се вкотви во пристаништето на Европа кое се нарекува Балкан.

За авторот

Пјер