Автомобили Интервјуа

Интервју со Виктор Чемерикиќ (CarsByVik) за трендовите во автомобилската индустрија

Напишано од Mr. M

Денеска разогвараме со Виктор Чемериќиќ или познат како CarsByVik. Љубител на автомобили, основач на вебсајтот ”CarsByVik” и професионален автомобилски фотограф.

Во ова интервју со Виктор, ќе можете да прочитате нешто повеќе за терндовите во автомобилската индустрија и која е нејзината иднинда.

Што мислите за електричните возила? Дали е тоа моментален тренд или имаат светла иднина?

Електричните автомобили и тоа како имаат светла иднина. Доказ за тоа е фактот што скоро секој автомобилски бренд моментално има барем по едно целосно електрично возило, а во наредните 5 години некои од нив планираат да имаат и до 10 целосно електрични возила во својата гама што е доста голема бројка. Бројката на продадени електрични возила на глобално ниво постојано се зголемува, а тоа е уште еден доказ дека електричните возила се иднината. Јас како автомобилски ентузијаст колку и да не сакам да го прифатам тоа, мора да се помирам со тоа дека идните автомобили нема да ги имаат одличните бензински мотори како V6, V8, V10 и слично…Но светот се менува и мора да се прилагодиме на тоа, плус електричните возила имаат нула загадување споредено со автомобилите кои имаат мотор со внатрешно согорување, а со тоа ја заштитуваме нашата околина. Единствениот проблем со електричните возила, барем според мене е тоа што секое возило од овој тип има одреден опсег колку километри може да помине со едно полнење. Пример, доколку треба да одите на некое подолго патување(над 1000 километри) – ќе треба да застанете неколку пати за да го наполните автомобилот. Едно полнење трае повеќе од еден час а со тоа, барем според мене целото патување станува покомплицирано и трае подолго од вообичаено. Во блиска иднина, сигурен сум дека овој проблем ќе биде решен со тоа што ќе се вградат поголеми и помоќни батерии кои ќе овозможат подолг опсег на возење.

Ако зборуваме конкретно за тоа каква е ситуацијата во Македонија со електричните автомобили, би рекол дека е лоша. Причината за тоа е што немаме никаква инфраструктура и услови за полнење на тие автомобили. Исто така, поради се ова, голем дел од електричните возила кои се произведуваат, за жал не се достапни за купувачите во нашата држава…Уште еден проблем кој го имаме кај нас е тоа што луѓето кои ќе купат електричен автомобил не добиваат некои посебни бенефиции. Во многу други држави, самата држава дава многу бенефиции за луѓето кои поседуваат еден ваков автомобил, а со тоа ги мотивира купувачите на автомобили да се одлучат за електричен наместо автомобил со бензински или дизел мотор. Голем дел од луѓето во Македонија сеуште не се баш запознаени со хибридните и електричните автомобили и затоа “не веруваат” во овие автомобили. Треба да помине уште многу долго време за овој тип на возила да се продаваат масовно во нашата држава.

Што мислите за електричните автомобили на Тесла…Дали се сеуште лидери во тој сегмент и кој е нивниoт главен конкурент?

Tesla својот прв автомобил наречен Roadster го претстави во 2008 година, во тоа време многу луѓе не ни обрнаа внимание на тој модел и не мислеа дека Tesla ќе биде тоа што е денес. Моделот на Tesla кој направи огромен бум во светот е Model S и е претставен во 2012 година, скоро и да нема човек кој не е запознаен со овој автомобил. А до сега е продаден во илјадници и илјадници примероци. Вториот модел кој го претстави брендот е Model X во 2015 година. Дури би рекол дека овој модел привлече и малку повеќе внимание кај луѓето со многуте high-tech опции кои ги има, како и вратите кои се отвораат нагоре и добро познатиот денс кој го има автомобилот. Во 2017 година, Tesla претстави уште еден модел наречен Model 3 кој е со малку попристапна цена од другите два модели и сега за сега е многу успешен модел на брендот. Мене лично, ми се допаѓаат сите модели на Tesla, имаат многу едноставен ентериер кој има само гооолеми екрани, седишта и ништо друго, а тоа ми е некако кул и несекојдневно. Дали се сеуште лидери…хмм… и да и не. Моментално има многу нови електрични автомобили, од многу брендови што во некои области се подобри од автомобилите на Tesla. Како главен конкурент на Tesla Model S би го спомнал новиот и прв целосно електричен автомобил на Porsche, моделот Taycan. Кога станува збор за Model X, во оваа класа има многу повеќе конкуренти, а дел од нив се Jaguar I-Pace, Audi e-tron, Mercedes-Benz EQC и така натаму…Најновиот Model 3, реално и нема некои директни, целосно електрични конкуренти. Инаку, Tesla има најавено уште еден нов SUV модел кој треба да биде претставен во 2020 година и според нив тоа ќе биде возило кое ќе направи големи промени во оваа сфера. Останува уште малку време за да видиме што точно ќе претстави Tesla и дали навистина ќе биде еден чекор понапред од сите други автомобилски компании.

Во кој правец се движи автомобилската индустрија?

Во последниве неколку години има огромни промени во автомобилската индустрија. Брендовите за автомобили работат рамо до рамо со сите компании за технологија, се со цел да ги произведат најнапредните и најбезбедни автомобили. Ако направиме споредба на автомобилите од пред 10 години и сега разликата е преголема. Новите модели се како паметни уреди кои ни го олеснуваат возачкото искуство и прават да се чувстуваме побезбедни при возење. Како и телефоните кои сега имаат функции за многу други работи освен јавување и пишување пораки, така и автомобилите сега можат многу повеќе од само возење и паркирање.

Кои се според тебе трите најголеми идни трендови во автомобилската индустрија?

Како најголеми и најбитни идни трендови во автомобилската индустрија би ги спомнал автономното возење, вештачката интелегенција и такси превоз со самовозачки автомобили. Кога станува збор за автономно возење, многу компании веќе ја тестираат оваа функција, но сеуште не е во финална фаза. Исто така, многу автомобили веќе имаат полу-автономна технологија, а тоа вклучува камери од сите страни на автомобилот, адаптивен темпомат кој може да забрзува и кочи, систем за одржување на автомобилот во лента, систем за надзор на мртов агол, детектирање на возила и луѓе и автоматско сопирање и можност за автомобилот да се паркира сам. Вештачката интелегенција има голема улога во автомобилската индустрија, брендовите веќе користат специјални алгоритми кои собираат информации за автомобилот, а сето тоа помага во сетирањето на вашиот автомобил. За третата работа се согласувам дека е малку чудна, но бидете спремни бидејќи навистина во иднина нема повеќе да постојат класичните такси компании на кои сме навикнати. Замена за тоа ќе биде комплетно нов сервис кој ќе користи самовозачки автомобили. Овој сервис ќе функционира преку апликација на вашиот паметен телефон, а вие ќе треба само да ја пратите локацијата од која што сакате автомобилот да ве земе.

За авторот

Mr. M