Интервјуа

Интервју со Зоран Здравески: Од дипломец по сметководство до експерт во маркетингот

Напишано од Mr. M

Денеска разговараме со Зоран Здравески, извршен директор на маркетинг агенцијата Direct Media Skopje. Со Зоран во ова интервју разговараме нешто повеќе за маркетингот и како е да се работи во маркетинг агенција.

Како Зоран се најде во светот на маркетингот? Може ли нешто повеќе за твоите почетоци?

Сосема случајно. Како дипломец по сметководство и ревизија аплицирав за работно место во секторот финансии во една, во тоа време, една од најголемите маркетинг агенции во Македонија, ако не и најголемата. Бев примен и како прв работен ден ми беше доделен денот на кој требаше да ја бранам дипломската. После неколку месеци се јави потреба за проширување на тимот во медии и бев предложен да се префрлам во тој сектор. Имајќи ја во предвид изјавата на еден колега дека единствено полошо од тоа да работиш сметковоство во маркетинг агенција е да работиш маркетинг во сметководствено биро, без двоумење го прифатив предизвикот и се пронајдов себе си и еве ме терам веќе 11-та година.

 Како е да се работи во маркетинг агенција? Може ли да ни кажеш како изгледа еден твој работен ден?

Како и секој почетник кој прв пат се среќава со оваа професија, и јас на почетокот си замислував дека ако работам во маркетинг агенција секој ден ќе ни се шетаат манекенки во канцеларија, но реалноста е малку поинаква 🙂 Можеби делот со манекенките го нема, но е динамично, интересно, многу клиенти од различни индустрии, секој од нив со различни барања, различни гледишта, различни цели. Го одиме патот заедно со клиентите и медиумите, заедно учиме и се надградуваме меѓусебно, работиме сите заедно да ја оствариме целта, да реализираме успешна кампања.

Вообичаено денот ми започнува со утринско вежбање и по доаѓањето на работа и веднаш имаме работен состанок пиејќи го утринското кафе со колегите во опуштена атмосфера каде што го правиме распоредот на активностите кои не чекаат во престојниот ден. Потоа почнува работата, понуди, резервации, оптимизации, состаноци, па има и такви денови каде се стига и да се подкасне нешто 🙂

Како се смени маркетинг индустријата кај нас во последните неколку години? Дали одиме во добар правец и ги следиме светските трендови?

Маркетинг идустријата е динамична по својата природа и нејзината еволуција никогаш нема да заврши. Таа во чекор го следи технолошкиот развој. Од ден на ден сме сведоци на раѓањето на нови платформи, нови концепти, нови производи, кои доколку не се приспособат на новите трендови во адвертајзингот, поиновативните и похрабри конкуренти ќе земат значителен дел од колачот. Кај нас, како и за се останато, сите тие промени во развиениот свет доаѓаат со големо закаснување, па кога пристигаат кај нас, во светот се заменети со нови трендови. Не би можел да кажам дека баш одиме во добар правец, голем број на огласувачи сеуште не се спремни да ги прифатат промените и можностите кои новонастанатата ситуација ги нуди. Тука се и дел од домашните компании кои на маркетингот гледаат како трошок, а не како инвестиција и сме една од земјите во која домашните компании, со мали исклучоци секако, не вложуваат во маркетинг, па интернационалните компании го имаат главното место во адвертајзингот во нашата држава.

Дигиталниот маркетинг е широк поим, но на кој дел од дигиталниот маркетинг се фокусираат компаниите во Македонија?

Во последно време сме сведоци дека се повеќе и повеќе домашни компании ги користат придобивките од технолошкиот развој и следствено на тоа го фокусираат маркетингот на овој канал. Социјалните мрежи се битни за секоја компанија, но сметам дека тие треба да се користат повеќе како алатка за подршка на корисниците и купувачите, а не како единствен канал за промовирање на производите и услугите кои ги нудат. Сме биле сведоци на компании кои при отворањето на фан страна за својата компанија сметаат дека си ја завршиле работата и дека не им треба друг тип на промоција и комуникација со постоечките и потенцијалните клиенти. Социјалните медиуми и те како играат значајна улога во нашите животи, но за развојот на една компанија и еден бренд, потребен е многу поширок спектар на активности на дигиталниот пазар.

Колку често се менуваат трендовите во дигиталниот маркетинг и како успевате да ги следите?

Трендовите во дигиталниот маркетинг се менуваат секојдневно. Многу е тешко да се следат сите тие трендови и новости, посебно во не толку развиен пазар како нашиот. За наша среќа, дел сме од една огромна групација Direct Media United Solutions која има многу поголеми можности за следење и имплементирање на светските трендови, па за вработените се организираат обуки, тренинзи и семинари како би можеле да бидеме во тек и да можеме дел од тие услуги да ги нудиме на нашите клиенти и да бидеме меѓу првите во нашата држава кои нудат такви услуги. Исто така, тука е и Direct Media Академија, која до пред 2 години беше академија наменета само за вработените во нашиот систем, но во последните две години е отворена за сите кои се заинтересирани и прераснува во еден од поголемите едукативни настани од областа на маркетингот и адвертајзингот на просторите на поранешна Југославија.

Кои дигитални маркетинг трендови доминираат на пазарот денеска?

Големите играчи на дигиталниот пазар како Facebook и Google, сеуште играат најзначајна улога во адвертајзингот на светско ниво. Од година во година е забележлив растот на инвестициите во овие платформи и од огласувачи од Македонија. Податоците со кои располагаат, како и можностите кои ги нудат овие платформи ги ставаат во подредена улога домашните сајтови.

Електронската трговија е во голем подем и иако многу мал процент на луѓе од Македонија ја користеле во минатата година, оваа година тој број е во пораст и во следните 2-3 години се очекува овој тренд да ја доживее својата најголема експанзија.

Огласувањето на мобилните уреди е тренд во последниве година-две. Голем дел од македонските веб сајтови одамна ја имаат преминато границата од 70% на посетители кои пристапиле на нивниот сајт преку мобилен уред.

Специјалните формати на огласување се секогаш атрактивни за огласувачите, но поради нивната висока цена, мал број на огласувачи можат да си дозволат да ги користат.

Иако не сум љубител на Инфлуенсер маркетингот, забележително е дека трендот сеуште е атрактивен за огласувачите. Сепак, од она што може да се примети во последно време е дека промоцијата преку најполуларните инфлуенсери станува премногу нападно и премногу интензивно, со што очекувам влијанието на тие инфлуенсери врз креирањето на имиџот на брендот да се намали.

Забележливо е и зголемувањето на бројот на креирани апликации за одредени брендови и компании кои им помагаат на потрошувачите и корисниците, а воедно и им овозможуваат на компаниите да ги користат тие апликации за детално таргетирање и персонализирана комуникација со своите потрошувачи и корисници на услуги.

Дали според тебе маркетинг полето е стресно и како успеваш да се справиш со тоа?

Секоја индустрија си носи своевиден стрес. Во маркетингот, како една од подинамичните индустрии, ситуацијата не е поинаква. Се пократките рокови, покомплексните побарувања од клиентите, тешката наплата…се разбира дека придонесуваат за стресот да биде поголем. Но, нашиот колектив е така склопен, работам со прекрасни луѓе кои прво се пријатели, а потоа колеги, луѓе кои секогаш го гледаат позитивното во секоја ситуација, пробуваат да те насмеат и расположат. Тука се и надворешните соработници кои до сега ни изглегувале во пресрет ако нешто ни загусти и клиентите кои имаат разбирање и толеранција доколку нешто навистина не може да се изведе во побараниот рок. На сето ова кога ќе се додаде и љубовта и страста кон работата, стресот не се ни чувствува, а имајќи во предвид дека сум навивач на кошаркарскиот клуб Мзт Скопје од својата 7-ма година, можеби и сум станал имун на стрес 🙂

 

За авторот

Mr. M