Уличен стил

Историјата на веспите – “Веспата како симбол на стилот” (ВИДЕО)

Од 1946 година па се до денеска, произведени се повеќе од 16 милиони веспи во 13 земји во светот кои се продаваат буквално насекаде. Кога прв пат го видел изгледот на прототипот, нејзиниот нарачател, индустријалецот Енрико Пијаџо изјавил дека ова изгледа на оса. На италијански веспа во превод значи оса. Токму од тој момент во 1946 година започнува и првото производство на Веспата. Веспата била направена да го задоволи сечиј вкус. На почетокот била ефтина за да може да си ја дозволат поголем број на луѓе, лесна за возење, имала скриен мотор и штитници кај тркалата со што италијанските мангупи не би си ја извалкале својата гардероба.

Првиот бум од светски размери се случува кога веспата се појавува на филмското платно во филмот Roman Holiday во кој главните улоги ги толкуваат Одри Хепбурн и Грегори Пек. Веднаш после филмот се продале околу 100 000 модели на веспа.

Денеска Веспата е еден од најпрепознатливите симболи на урбаното живеење, особено во Италија. Веспата е толку популарна, што претставува нивен заштитен знак, и кога ќе се спомне Италија, добриот стил и Веспата се првите работи кои што ни паѓаат на памет. Веспата има традиција, Веспата не е обично превозно средство, Веспата денеска претставува моден додаток. Со својот карактеристичен дизајн и впечатливи бои, таа е популарна насекаде.

Откако големите гужви низ светските метрополи стануваат неподносливи, и кога горивата се се поскапи, луѓето се повеќе се одлучуваат за овој симбол на стилот. И покрај тоа што се појавија разни други производители, Веспа останува на врвот.

Веспата има еден специфичен дизајн кој нуди удобна положба и исправено возење. Заштитата од предната страна била направено специјално за дамите да можат да возат дури и со здолниште или фустан. За само 10 години од своето создавање, биле произведени речиси 1 милион модели од веспата. Љубовта кон веспата се развилала со многу брзо темпо, па уште во раните 50ти години од минатиот век, почнале да се создаваат првите веспа клубови.

Како изминувало времето, Пијаџо постојано правел подобрувања кај веспата. Веспа е симбол на начинот на живот на Италија и на младите – симболизирајќи слобода, мобилност и ветување за романса и авантура. За Италија, Веспата е симбол на регенерација и симбол, оваа земја да прерасне повторно во голема индустриска моќ.

За авторот

The Gentleman